ПОВЕЌЕ

    Која банка најдобро ги плаќа вработените?

    Време зa читање: 4 минути

    Банките се едни од финансиски најуспешните компании во земјава, а во 2023 година остварија и рекордни профити. Тие традиционално се и едни од најпосакуваните за вработување иако во последните години сериозна конкуренција им направија ИТ компаниите.

    Имајќи ги предвид состојбите на пазарот на труд, инфлацијата и финансиските резултати на банките, анализираме колкави се платите на вработените во банките и која банка најдобро ги плаќа своите вработени.

    Анализата на порталот „Пари“ покажа дека во 2023 година речиси сите банки ги зголемиле вкупните трошоци за вработените иако дел од нив го намалиле вкупниот број на вработени, што значи дека ги зголемиле и нивните плати. Притоа во анализата од вкупно 12 банки не се вклучени само три – Шпаркасе, Прокредит и Халк банка затоа што се уште ги немаат објавено годишните финансиски извештаи.

    Во такви услови, Комерцијална банка била најдарежлива. Вкупниот месечен бруто трошок по вработен во оваа банка лани изнесувал 111.098 денари и убедливо е највисок на ниво на банкарски сектор. Ревидираниот финансиски извештај за 2023 година на Комерцијална банка покажува вкупен трошок за 966 вработени од 1.287.845 илјади денари.

    Во овој износ, што важи за сите банки, не влегуваат само бруто платите на вработените, туку и трошоци за награди, бонуси, отпремнини, приватно здравствено осигурување и други привилегии и надоместоци за вработените.

    Следна банка што има најголем трошок за вработените е НЛБ банка, која има месечен трошок по вработен во износ од 103.885 денари. Вкупните трошоци за 951 вработени во оваа банка изнесуваат 1.185.537 илјади денари. Годишно секој вработен ја чини оваа банка 1.246.621 денар.

    Под 100.000 денари е трошокот по вработен во Стопанска банка Скопје и месечно во 2023 година изнесувал 94.375 денари, а годишно бил 1.132.495 денари. Стопанска банка Скопје заклучно со 12.2023 година имала 940 вработени.

    Бидејќи останатите две банки од големата петорка се уште ги немаат објавено годишните финансиски извештаи за минатата година, преминуваме на средните банки, каде прва на листата е УНИ банка. Во оваа банка, просечниот месечен бруто трошок по вработен лани изнесувал 87.574 денари. УНИ банка ја завршила минатата година со 407 вработени, кои вкупно ја чинеле 427.713 илјади денари.

    Кај малите банки, Стопанска банка Битола објави најголем трошок по вработен, кој на месечно ниво изнесувал 78.177 денари. Банката во 2023 имала 219 вработени и вкупен трошок за нив од 205.449 илјади денари.

    Следува ТТК банка, која 248 вработени вкупно ја чинеле 216.082 илјади денари, односно 72.608 денари месечно. Централна кооперативна банка имала месечен бруто трошок по вработен од 66.210 денари. Имала вкупно 233 вработени, за кои во 2023 одвоила 185.124 илјади денари.

    Месечниот бруто трошок по вработен во Силк роуд банка изнесувал 64.793 денари. Оваа банка имала вкупно 157 вработени. Во Капитал банка, пак, секој вработен ја чинел банката 59.671 денар. Банката имала 101 вработен заклучно со декември 2023 година.

    Официјалните статистички податоци за просечната месечна бруто плата на вработените во финансискиот сектор во земјава (без осигурителни компании и пензиските фондови), што ги објавува Државниот завод за статистика, покажуваат дека во јануари оваа година таа изнесувала 85.589 денари и во однос на истиот месец лани е поголема за 10,6%. Просечната месечна нето плата, пак, изнесувала 56.447 денари.

    Трошоци за вработени во банки во 2023 година

    ЧИТАЈТЕ И: ВО МАКЕДОНИЈА СЕ УШТЕ МОЖЕ ДОБРО ДА СЕ ЗАРАБОТИ СО ПАРИ ВО БАНКА

    ВО МАКЕДОНИЈА СЕ УШТЕ МОЖЕ ДОБРО ДА СЕ ЗАРАБОТИ СО ПАРИ ВО БАНКА иако банките ги намалија каматите за штедење

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично