ПОВЕЌЕ

    КОЈ ШТО МОЖЕ ДА ОЧЕКУВА ОД РЕБАЛАНСОТ по десетина дена?

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Буџетското прекројување под лупа

    Ребалансот на буџетот втор ден е во собраниска процедура. Според собранискиот деловник, на разгледување, заедно со амандманите, во собраниската Комисија за финансирање и буџет може да биде 10 дена, а потоа оди на пленарна седница. По објавувањето во Службен весник е оперативен, а барем по најавите на министерката за финансии, Гордана Кочоска-Димитриеска, во него има сè што следува според законите. Повеќе пари има за плати, за пензии, за социјални трансфери…

    Порталот „Пари“ го анализираше ребалансот на Буџетот. Бројките кажуваат дека имаме поголемо зголемување на расходната отколку на приходната страна, дека има значителен раст на буџетскиот дефицит, голем раст на социјалните трансфери, намалување на капиталните расходи, раст на задолжувањето.

    НОВА РАМКА

    Буџетот доби сосема нова рамка. Сега приходната страна е 5,17 милијарди евра, а тоа е дури 133,7 милиони евра повеќе отколку во основниот буџет. Или, изразено во проценти, растот на приходите е предвиден за 2,6%. Расходната страна е „тешка“ 5,9 милијарди евра, а тоа се дури 322 милиони евра, или 5,6% повеќе отколку во основниот буџет.

    Ребалансирана приходна и расходна страна

    КАДЕ ЌЕ СЕ ДАВААТ ПОВЕЌЕ ПАРИ?

    Најголем раст на расходите има кај социјални трансфери. Со ребалансот, „социјалниот дел“ од Буџетот достигнува 2,76 милијарди евра, што е речиси 47% од сите предвидени расходи. Растот на расходите за социјални трансфери со ребалансот е 129,3 милиони евра, или 40 отсто од вкупниот раст на расходите со ребалансот.

    Во рамките на социјални трансфери најмногу пари ќе одат за пензии, каде што ќе се префрлат дополнителни 83 милиони евра, со што вкупниот износ е 1,47 милијарди евра.

    Износот за плати и надоместоци е зголемен за 53 милиони евра, со што оваа буџетска ставка достигнува до 722,7 милиони евра.

    Значаен раст има и кај ставката субвенции и трансфери. Таму се предвидени безмалку 485 милиони евра, или 100 милиони евра повеќе.

    Зголемувања кај социјалните трансфери и плати

    КОИ ЗАКОНСКИ ОБВРСКИ ЌЕ СЕ ИСПЛАЌААТ?

    Образложувајќи го ребалансот, министерката за финансии наброја цела листа законски корисници на буџетски пари кои ќе бидат обезбедени со прекројувањето, а за кои тврдеше дека ги немало во основниот буџет. Па, пари може да очекуваат: компаниите во зоните за финансиската помош (16,2 милиони евра), медиумите согласно Изборниот законик за кампањата на ДИК (5,2 милиони евра), студентите за студентски оброк и стипендии (10,5 милиони евра), општините за капитални проекти (97,5 милиони евра), законско префрлање пари за МТВ (2,5 милиони евра), доспеани субвенции за земјоделците (27,6 милиони евра), корисници на ваучери за спорт (8,9 милиони евра).

    КАКОВ БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ ЌЕ СЕ СОЗДАДЕ?

    Сите нови и зголемени исплати, секако, имаат своја цена. Врз основа на ревидираните проекции на приходи и расходи на Буџетот, првично проектираниот дефицит од 3,4% од планираниот БДП е ревидиран на повисоко ниво утврдено на 4,9% од планираниот БДП. Односно, од 545 милиони евра е проектиран на 726,3 милиони евра.

    Буџетски дефицит

    „Отстапувањето од фискалното правило се должи, пред сè, на потребата за обезбедување неопходни средства за непречено функционирање на институциите и сервисирање на обврските“, повеќепати деновиве повтори министерката за финансии.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично