Македонската групација „АТС груп“ на бизнисменот Шефшет Демировски пред една недела ја обелодени веста дека ќе инвестира 100 милиони евра во фабрика за муниција во Америка. Веста стигна речиси истовремено со една непријатна информација од Белград, дека тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“ се приведени поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело шпионажа, затоа што во текот на 2024 година континуирано контактирале со државјани на Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, на Шефшет Демировски.
Но, ова не е првпат српските органи да го вперат прстот во Демировски. Тој и во 2019 година, неколку месеци откако отвори погон во Визбегово, исто така беше приведен и осомничен од Белград за илегален откуп на индустриска сопственост. Тогаш „Вечерње новости“ објави дека Демировски прибирал документација од фабриката за муниција „Први Партизан“ од Ужице, а делото го сторил со цел да изработи машина за производство на муниција со калибар 12,7 мм во погоните на некогашната фабрика за муниција „Сувенир“ во Самоков, во близина на Македонски Брод, како и во фабриката за оружје во Катар, каде е косопственик.
ЈА ПОСЕДУВА НЕКОГАШНАТА ГОРДОСТ ЗА ОРУЖЈЕ
Повозрасните генерации се сеќаваат на македонскиот гигант во рамките на некогашната Југославија – фабрика за оружје „Сувенир“ од Самоков. Таму се произведуваа најразлични видови муниција, а во времето на транзицијата, по распадот на Југославија, компанијата ја најде истата судбина како и сите други македонски фабрики. Фабриката преживеа неколку неславни продажби, за потоа да биде преземена од Шефшет Демировски, сопственик на компанијата „АТС груп“, која е регистрирана во Скопје, а во чија сопственост е и АТС АММО ДООЕЛ Самоков, која ја поседува фабриката.
Според податоците на Бизнис Мрежа.мк, АТС АММО е основано во 2010 година, има основна главница од 11 милиони евра, при што паричен влог е 6,7 милиони евра, а непаричен 4,3 милиони.
Деновиве, „АТС груп“ на Шефшет Демировски преку медиумите се пофали дека ќе инвестира 100 милиони долари за изградба на фабрика за малокалибарска муниција во Соединетите американски држави. Фабриката за муниција во Америка ќе биде на 50.000 квадратни метри, ќе има капацитет да произведува 200 милиони парчиња муниција од мал калибар годишно, првенствено наменета за американскиот пазар. Производството во фабриката, која ќе се гради во Тексас, треба да почне до крајот на 2025 година.
„Сите производи се во согласност со НАТО стандардите и ќе бидат продавани под светски познатиот бренд на АТС АММО“, велат од компанијата.
Според податоците од БизнисМрежа, АТС АММО лани имал скромна добивка од 66.700 евра, а вкупен промет од 7 милиони евра.
Но, на ниво на групација резулататите се значајно подобри. Ланската добивка, иако помала за дури 94,4 проценти, изнесувала 670.000 евра, а вкупниот промет бил дури 15,3 милиони евра. Во рамките на Групацијата е погонот во Визбегово, каде што има производство на композитни производи и производи наменети за опрема на армијата и полицијата во делот на балистичка заштита и балистичка безбедност.
„Ние сме застапени во 56 земји, на 5 континенти со повеќе од 3 милиони продукти“, пишува на официјалната страница на „АТС груп“, каде што известуваат и дека имаат 500 вработени.
Минатата година, Шефшет Демировски во интервју за ТВ21 истакна дека македонската компанија „АТС груп“ е една од петте фабрики во светот која нуди цела линија на производствена муниција. Тој рече дека само со 5-6 луѓе во смена може да се произведе 5 милиони муниција месечно.
СЕ ПРОСЛАВИ И КАКО ИНВЕСТИТОР НА НАЈГОЛЕМАТА СОЛАРНА ЕЛЕКТРАНА НА БАЛКАНОТ
Не така одамна, Шевшет Демировски го видовме и како инвеститор на најголемата фотоволтаична централа на Балканот. Лани во Новаци беше пуштена во употреба соларната централа, во која беше кажано дека се вложени 40 милиони евра преку неговата фирма „Меј енерџи“.
„Овој проект ќе придонесе за создавање на еколошки поздрава средина и економски подобро општество. Преку сонцето тука ќе се создаваат 85 милиони киловат часови електрична енергија. Преку реализација на овој проект создаваме услови и за други домашни и странски компании да препознаат можност за инвестирање во енергетскиот сектор, а со тоа и за раст и развој на државата“ – рече Демировски при пуштањето на фотоцентралата која може да ги задоволи потребите на 30.000 домаќинства.
Р.П.