ПОВЕЌЕ

    КОЈ Е КОЈ ВО БАНКАРСКАТА ПРВА ЛИГА по објавените полугодишни финансиски извештаи

    Време зa читање: 4 минути

    Комерцијална, Стопанска и НЛБ банка како тројка направиле вкупна добивка од 83,8 милиони евра. Износот е за 13,7 милиони повисок од сумираниот во 2022, а за 32,1 милион евра над оној впишан во истиот период од 2021 година

    Нема промени на прволигашката банкарска табела и по салдирањето на резултатите од првата половина на годината. Редоследот и натаму е – Комерцијална банка, Стопанска банка, НЛБ банка. Секоја со натфрлување на сопствените достигнувања и со по некое отстапување, кое нема значително влијание врз последната, но најважна бројка, со која се изразува добивката, како главен показател за успешното работење.

    Овие три банки за шест месеци направиле вкупна добивка од 83,8 милиони евра. За износот и не е потребен коментар. Доволни се податоците за споредба. Лани во истиот период заедничкиот тотал бил 70,1 милион евра. А, пак, во првото полугодие од 2021 вкупната добивка на банкарската тројка пред оданочување изнесувала 51,7 милиони евра.

    Поединечно, најголем е уделот на Комерцијална банка. Станува збор за добивка од речиси 33 милиони евра. Сумата е скоро удвоена во однос на оние 18,4 милиони евра од истиот период минатата година.

    Скопската Стопанска банка има добивка пред оданочување од 27,2 милиони евра. Всушност, би била прворангирана со забележаните 38 милиони евра, но Банката издвоила посебна резерва за вонбилансна изложеност од 10,7 милиони евра. Инаку, добивката е зголемена за 15 проценти.

    Добивката на НЛБ банка изнесува 23,6 милиони евра. Притоа, се работи за раст од четири проценти.

    Редоследот е ист и кога се разгледуваат податоците за активата на овие три банки.

    Вкупната актива на Комерцијална банка во шестте месеци остварила раст од 3,3 проценти. На последниот ден од јуни состојбата е 2,5 милијарди евра.

    Раст пријавуваат и од Стопанска банка, чија актива изнесува речиси 2,1 милијарда евра.

    Намалување од 1,7 отсто или за 31,8 милиони евра бележи НЛБ банка, па вкупната актива е во износ од 1,79 милијарди евра.

    Најголемите средства банките ги заработуваат од кредитирањето, конкретно од каматите.

    Во овој сегмент се издвојува Стопанска банка, која прокнижила нето-приходи од близу 43 милиони евра. Притоа, со 10,3 милиони евра е подобрен „скорот“ во однос на споредбениот минатогодишен период.

    Комерцијална, пак, може да се пофали со зголемувањето на приливот за 17,7 милиони евра. Или, од јануари до јуни, по основа на каматите оваа банка инкасирала 39,2 милиони евра нето-приходи. Лани, на крајот од првото полугодие била запишана сумата од 21,5 милиони евра.

    И НЛБ банка има големо процентуално зголемување – 25,2 насто. Тоа придонело нето-приходите да го достигнат нивото од 30,9 милиони евра, за разлика од крајот на 2022, кога од каматите биле обезбедени 24,7 милиони евра.

    Што се однесува до парите кои клиентите им ги доверуваат на банките во форма на депозити, состојбата е позитивна кај првата тројка, со тоа што НЛБ има мал пад од 1,2 отсто.

    Комерцијална банка располага со вкупни депозити од над 2,2 милијарди евра, Стопанска банка со 1,6 милијарди евра, а НЛБ банка со 1,4 милијарди евра.

    Ризиците се големи кога се работи со пари и кога од нив се заработува. Проценката и на најмалата опасност е од исклучителна важност, а тоа не недостига кај овие банки, но и во целиот сектор. Оттаму и отпорноста што ја манифестираат во особено лоши услови и времиња.

    Освен што се доминантни на банкарската сцена, овие три банки и повеќе од солидно котираат на Македонската берза. Акцијата на Комерцијална банка подолг период се наоѓа на берзанскиот врв според интересот на инвеститорите и тргувањето. Во топ 5 се и Стопанска и НЛБ банка.

    Очигледно е, во натпреварот за придобивање клиенти и за освојување што поголем простор од банкарскиот пазар, се зголемуваат и понудата и поволностите. Здравата конкуренција е добра работа, поттикнува развој и продуцира успешни резултати.

    новинар:

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично