ПОВЕЌЕ

    КОИ СЕ ПЕТТЕ АКЦИИ ШТО ПРАВАТ 57 проценти од берзанскиот промет?

    Време зa читање: 3 минути

    Движењата и показателите за берзанските случувања се променливи затоа што се макслимално подложни на страничните блиски и подалечни влијанија. Сепак, има работи кои се целосно предвидливи, бидејќи во подолг временски период нема отстапувања, а според распоредот на силите, ќе нема и понатаму. Се работи за најтргуваните акции. За првата петорка, во која доминираат банките, што упатува на тоа каде инвеститорите гледаат потенцијал. И, за челните позиции, каде што се закотвени Комерцијална банка и „Алкалоид“.

    Со петте најтргувани, во кои се и акциите на НЛБ банка, на „Макпетрол“ и на Стопанска банка, за шест месеци е направен промет од над 2,2 милијарди денари или 36,2 милиони евра. А, вкупниот берзански промет во тој период е 63 милиони евра. Што значи, имаат удел од над 57 проценти.

    Понатаму, од вкупно реализираните 10.210 трансакции во првото полугодие, 7.723 или над 75 проценти се направени со овие пет акции.

    Берзанската статистика покажува дека во текот на првите шест месеци акцијата на Комерцијална банка има просечна цена од 17.296,86 денари. Истргувани се 62.808 акции преку 3.548 трансакции, при што е остварен промет од 1.086.380.960 денари или 17,6 милиони евра.

    Со акциите на „Алкалоид“ се реализирани 1.697 трансакции. Истргувани се 24.190 акции, а просечната цена достигнува 20.237,94 денари. Шестмесечниот промет е во износ од 489.555.650 денари, односно над 7,9 милиони евра.

    Истргуваните 10.278 акции на НЛБ банка во берзанскиот промет учествуваат со прилив од 365.574.993 денари (5,9 милиони евра). Тоа е постигнато низ 1.365 трансакции со просечна цена од 35.568,69 денари.

    Всушност, овој распоред на првите три позиции е ист како и оној од крајот на минатата година.

    На четвртото место, според прикажаниот интерес на инвеститорите, е акцијата на скопски „Макпетрол“. Берзанската шестмесечна статистика вели: просечната цена е 71.143,82 денари, истргувана е количина од 2.805 акции преку 619 трансакции и забележан е промет од 199.558.422 денари (3,2 милиони евра).

    Уште една банка со акција вброена меѓу најтргуваните. Низ 494 трансакции купени се 60.503 акции на Стопанска банка Скопје. Со овие хартии од вредност е остварен промет од 90.656.747 денари, односно над 1,4 милиони евра, по просечна цена за акција од 1.498,38 денари.

    Освен овие пет, во составот на десетте најтргувани се и акциите на „Македонски телеком“, „Реплек“, „Гранит“, УНИ банка и Стопанска банка Битола.

    М.А

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично