Има избор на 33 вида пици, секојдневно дочекува и испраќа повеќе од 300 гости, напишани се 30.571 пофалба ‒ Енрико не ги донесе пицата и тестенините во Скопје, но е меѓу најстарите и најпрепознатливите ресторани. Имиџот го гради од далечната 1991 година. Лоциран е на булеварот Партизански одреди во трговскиот центар со популарен назив Лептокарија и повеќе од три децении претставува симбол на автентичната италијанска кујна. Еден е од пионерите и во главниот град и во Македонија.
Сето тоа влијае врз крајните резултати од работењето. Енрико и минатата година, со своите 32 вработени, ја исцртувал линијата на стабилен раст. Зголемени се и приходот и профитот, што упатува на успешно менаџирање и прилагодување кон пазарните услови.
Пицеријата ја заокружи 2024 година со финансиски показатели што говорат за добро трасиран и здрав раст на бизнисот. Иако движењето кај приходите е умерено, растот на добивката е засилен. Тоа, пак, укажува на подобрена оперативна ефикасност.
Анализата за ланските постигнувања на Енрико, што ја подготви порталот Пари, ги опфаќа трите клучни сегменти ‒ приходи, расходи и нето-приход пред оданочување, преку споредба со параметрите од претходната, 2023 година. Користените податоци се од базата на БизнисМрежа.
Кој умее со тестото, умее и со приходите
Нема промашување со брашно и вода, само тестото треба добро да се обработи. Можеби и Енрико се раководи по овој стар рецепт, па во 2024 година таму се изеле (и испиле) 1,59 милиони евра. Толкав е приходот со раст од 4,99 насто во однос на 2023 година и тогашните 1,52 милиони евра. Тие пари се од продажбата на готови производи, главно пици и тестенини, за кои во просек дневно гостите трошеле повеќе од 4.300 евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Иако растот од речиси пет насто не е драматичен, сепак, укажува на постојан пазарен интерес и способност на брендот да ја задржи клиентелата во услови на растечки трошоци и конкуренција. Дополнително, стопроцентната втемеленост на приходите врз „тестото“ е знак за јасна бизнис-фокусираност без диверзификација, што е стратегија којашто носи стабилност во рамките на позната дејност.
Трошоците растат, но не колку приходите
Расходите во оваа фирма ланската година изнесувале 1,46 милиони евра. Зголемени се за 4,16 насто во споредба со 2023 година. Тогаш трошоците изнесувале 1,40 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Кога приходите растат побрзо од расходите, значи дека маржата на добивка се подобрува, односно компанијата заработува повеќе за секој денар што го вложува. Ова е позитивен сигнал за ефикасноста во менаџирањето.
Нето-приход пред оданочување ‒ раст од над 17 илјади евра
Најсилниот показател во целата анализа е растот на нето-приходот пред оданочување, кој пораснал од 114,7 илјади евра во 2023 г. на 132 илјади евра во 2024 г. ‒ зголемување од 15,14 насто.
Оваа ставка го покажува вистинскиот финансиски резултат од основното работење на компанијата, пред да се одземат даночните обврски. Таа претставува разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи, и е показател за тоа колку успешно компанијата ја управува својата основна дејност ‒ без влијание на даночни политики, амортизација или еднократни корекции.
Извор: Бизнис Мрежа
Растот од 15,14 насто значи дека компанијата во 2024 година заработила повеќе во апсолутна вредност ‒ околу 17 илјади евра повеќе од 2023 г. Успеала да ја зголеми оперативната ефикасност, бидејќи приходите пораснале за 4,99 насто, а нето-приходот пред оданочување пораснал трипати побрзо. Исто така, има подобар однос меѓу приходите и трошоците, односно поголема добивка од секој денар приход.
Резултатите за 2024 година покажуваат дека Енрико не е само гастрономски бренд со традиција, туку и пример за финансиски дисциплиниран и стабилен бизнис. Со раст од 15 насто на нето-приходот пред оданочување, значајно повисок од растот на приходите, пицеријата ја зацврстува својата позиција како рентабилен и одржлив модел на угостителско работење.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска