
Растот на синдикалната минимална кошница во Македонија одамна не се сведува на само обична статистика. Месечните движења станаа најдиректни показатели за тоа колку реално чини животот, а колку платите заостануваат зад основните потреби. Денес, бројките јасно говорат: работниците не само што не напредуваат, туку и чекор по чекор – кога поситен, кога покрупен, осиромашуваат.
Барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, преку раст на минималната плата на најмалку 600 евра, не е политички слоган, туку реакција на конкретна економска реалност. Во изминатите две години, без реален раст на платите, работниците изгубиле околу 9.500 денари куповна моќ, токму колку што пораснала вредноста на синдикалната минимална кошница. Со други зборови: иста плата денес купува значително помалку живот (или преживување).
Дополнителен аларм претставува фактот што околу 200.000 вработени примаат плата под 30.000 денари. Со самото тоа, се наоѓаат под прагот на сиромаштијата, утврдена на 31.200 денари. Или, според Лаекенските индикатори за 2024 година што ги објави неодамна државната статистика, тоа е минималниот месечен износ со кој треба да располага едно домаќинство за да не се смета за сиромашно. Како, на пример, споменатите илјадници вработени, чиишто примања не покриват ни половина од основните месечни трошоци. Овој јаз меѓу примањата и трошоците директно ја продлабочува сиромаштијата и го форсира иселувањето, особено кај младите и квалификуваните работници.
Од 32.791 до 66.413 денари: како стигнавме до двојно поскапа живеачка?
Кога од ССМ во јануари 2020 година пресметал дека на едно четиричлено семејство му се потребни 32.791 денар за најосновна егзистенција, без автомобил и без луксуз, просечната нето-плата изнесувала 21.031 денар. И тогаш платата не ја покривала кошницата, но разликата била далеку помала од денешната.
Денес, сликата е драматично поинаква. Во јануари 2026 година, синдикалната минимална кошница достигна 66.413 денари, а просечната плата изнесува околу 46 илјади. Тоа значи дека за шест години трошоците за живот се зголемиле за повеќе од 33.000 денари. За истиот период, платите не го следеа ни приближно овој раст.
Ако се погледне динамиката само во последната година, разликата е уште појасна. Во јануари 2025 година, кошницата изнесувала 63.252 денари, а за само една година пораснала за над 3.100 денари. Тоа е зголемување кое ниту минималната, ниту просечната плата успеаја целосно да го апсорбираат.

Интересен е контрастот со периодот од 2012 до 2020 година, кога инфлацијата беше ниска, а синдикалната кошница порасна за само 1.715 денари. За цели осум години. Период кога трошоците беа релативно стабилни, а платите барем делумно ја одразуваа реалната куповна моќ.
Сега, таа стабилност е далечно минато. Само од јануари 2024 до јануари 2026 година, кошницата порасна од 57.163 на 66.413 денари, а тоа е двегодишен скок од над 9.000 денари. Токму овој период го објаснува синдикалното тврдење дека работниците реално осиромашиле, и покрај номинално „истите“ плати.

Храната ја „јаде“ платата
Најголемиот товар во семејниот буџет и понатаму е храната. Во јануари, трошоците за храна и пијалаци достигнале 24.211 денари, што претставува 36,6 проценти од вкупната кошница. Оваа сума е зголемена за 571 денар во однос на декември и речиси целосно се поклопува со минималната плата од 24.397 денари. Тоа значи дека една минимална плата практично оди само за храна без струја, без кирија, без превоз.
Режиските трошоци, кои вклучуваат станарина, вода, струја и греење, изнесуваат 6.338 денари. Образованието чини 7.192 денари, облеката и обувките 6.043 денари, рекреацијата и културата 5.592 денари, транспортот 4.545 денари, а комуникациите 3.417 денари. Секој од овие трошоци поединечно можеби не изгледа застрашувачки, но заедно создаваат финансиски ѕид што просечното семејство тешко го прескокнува.

Синдикалната минимална кошница одамна не е само економски индикатор. Таа е приказна за секојдневието на илјадници семејства кои прават компромиси – помалку квалитетна храна, одложување на здравствени услуги, кратење на образованието и културата. Кога целата минимална плата оди за храна, секој друг трошок станува луксуз.
Катерина Михајлова
Аналитика








