Народната банка на Република Македонија издаде Решение со коешто Клириншката куќа клириншки интербанкарски системи АД Скопје – КИБС АД Скопје, доби дозвола и стана лиценциран оператор на платен систем во Република Македонија согласно новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој пак е целосно усогласен со европската платежната регулатива. Воедно, платниот систем КИБС е запишан во Регистарот на оператори на платните системи кој го води Народната банка.
Покрај тоа, Народната банка издаде претходна согласност за именување на досегашните членови на Управниот одбор на КИБС АД Скопје: Горан Анастасовски, Претседател на Управниот одбор и Генерален директор на КИБС АД Скопје и Биљана Адамческа, Директор на дирекција за платежни услуги и системи во земјата во Комерцијална банка АД Скопје.
Ова претставува уште една потврда за долгогодишното беспрекорно работење на КИБС, како единствен оператор на платен систем со одложено нето-порамнување за мали плаќања врз основа на кредитни трансфери, кој во изминатите повеќе од 20 години професионално испорачува услуги од меѓубанкарски интерес, услуги за потребите на државата, деловната заедница и граѓаните.
КИБС останува стабилен и доверлив партнер при испорака на клучни услуги поврзани со плаќањата и продолжува да ги унапредува истите, следејќи ги глобалните трендови.