Српската Алта Банка и официјално може да настапи со понудата за целосно преземање, односно за купување на Стопанска банка Битола, по цена за акција од 3.777 денари. Дозвола за тоа доби од Комисијата за хартии од вредност, каде што вчера се одржала 65-та седница.
„Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на АЛТА БАНКА АД Белград, Р. Србија и се издава дозвола за давање понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола. Понудата за преземање се однесува на 371.538 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, кои заедно со 19.439 обични акции со право на глас кои ги поседуваат преземачот и лицата со кои тој дејствува заеднички, претставуваат 100% од нејзината основна главнина. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 3.777 денари по акција“, се вели во информацијата од КХВ.
Понудата ќе се смета за успешна, доколку акционерите на Банката продадат минимум 70,03 отсто од акциите.
„Според преземачот, понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 273.795 обични акции кои претставуваат 70,03% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Притоа, преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички со него би поседувале 75% плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола“, посочуваат од Комисијата.
За сите акции на битолската банка, преземачот од Србија треба да плати 1,4 милијарди денари или 22,8 милиони евра.