По информациите дека Комерцијална банка почнала постапка за присоединување на Стопанска банка Битола, денеска излезе информација за понуда за преземање. Цената на акциите која е понудена изнесува 3.200 денари за една акција. Стопанска банка Битола има издадено вкупно 390.977 акции.
И впрочем ако се нудат овие акции, цената би била 1,25 милијарди денари т.е 20,3 милиони евра.
„Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме дека Комерцијална банка АД издаде претходна согласност за стекнување на капитален дел од 100% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Истовремено, Комерцијална банка АД Скопје известува дека согласно Одлука донесена од Надзорниот одбор на Банката, во постапката на јавна објава на понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола, цената на акциите која ќе биде понудена во понудата за преземање изнесува 3.200,00 денари за 1 (една) акција“.Ова е известувањето што најголемата домашна банка го објави на својата веб-страница.
На оваа тема уште од минатата година имаше информации дека двете банки ги разгледуваат можностите за нивно присоединување. Пред речиси една година соопштија дека клучна за нивното присоединување ќе биде анализата на завршните сметки за 2023. Притоа, беше нагласено само тоа дека постои интерес од двете страни за понатамошно заедничко функционирање. Исто така, тогаш посочија дека „вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена после усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година“.
Таа фаза заврши, а банките веќе ги објавија полугодишните финансиски извештаи. Активата на Комерцијална банка е 2,7 милијарди евра, а на битолската Стопанска банка 190,8 милиони евра. Ако се реализира ова спојување, тоа ќе претставува второ големо укрупнување во банкарскиот сектор. Претходно, тоа го направија Шпаркасе и Охридска банка.