ПОВЕЌЕ

    ЌЕ „ПАДНАТ“ ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ – Нови коефициенти рамни на економските услови?

    Време зa читање: 6 минути

    Коефициентите ќе се намалат, платите ќе се зголемат. Тоа ќе биде ефектот од предложените законски промени, важни за пресметувањето на месечните примања на избраните функционери. Наскоро ќе бидат изгласани од пратениците. Со тоа, коефициентите, кои сега се во опсег од 1,91 до 3,92, ќе се редуцираат и ќе се движат од 1,69 до 3,17.

    Наспроти тоа, расте просечната плата. Засега, врз основа на десетте месеци од годинава, просекот е 61.250 денари. А, овој елемент е многу важен, бидејќи основицата на функционерските плати го претставува производот од коефициентот и просечната бруто-плата од претходната година. Во текот на оваа 2024, се применуваше износот од 2023 – 54.916 денари. На тоа се додава и половина процент за секоја година работен стаж. Оттаму, Пари направи груби пресметки, кои ориентационо го навестуваат нивото на кое ќе се најдат функционерските плати. Оние, најосновните, без другите додатоци, бонуси и разни надоместоци.

    Па, може ли избраните да бидат зијан?

    „Ќе се спречи натамошен непропорционален раст на функционерските плати“, сметаат групата пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои се јавуваат како предлагачи на Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Исто така, уверени се дека со ова решение платите на избраните „ќе се усогласат со реалните економски услови во државата“, а ќе се „обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите“ и „ќе се постигне поголема транспарентност и правична распределба на буџетските средства“. Овој предлог доби виза од матичната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, како и од Законодавно-правната комисија.

    Како што се предлага, највисокиот коефициент кој се применува за платите на челниците на државата, на Собранието и на Владата, ќе се намали од 3,92 на 3,17.

    Со тоа, на пример, платата на премиерот, од сегашните 140.450, по ново би била 145.842,64 денари. Ова е нето-износ. Производот од коефицинетот и просечната бруто-плата дава сума од 195.018 денари. Христијан Мицкоски има работен стаж од 22 години (секоја година минат труд значи и половина процент плус), па тие 11 проценти носат дополнителни 21.452 денари. Значи, основната премиерска бруто плата ќе треба да е 216.470 денари или нешто повеќе од 3.500 евра. Овој бруто износ се намалува за 32,33 проценти колку што се издвојуваат за плаќање на придонесите, односно на оваа сума, минус 69.677,74 денари, а нето-платата на премиерот ќе биде 145.842,64 денари.

    Овде треба да се напомене, во државата јавно се достапни единствено платите од членовите на владиниот кабинет. Затоа и пресметките, главно, се според нивните примања.

    Кога Уставниот суд ја донесе одлуката со која платите се зголемија за 78 проценти, само од Кабинетот на тогашниот претседател Стево Пендаровски излегоа со прецизна пресметка. Која покажа дека неговите месечни примања достигнуваат речиси 165 илјади денари, нето. Тогаш коефициентот беше 4,5. Дали претседателката ја има оваа плата или е пониска, со оглед на промената на коефициентот кој засега е 3,92, не е познато, бидејќи на веб-страницата нема таков податок. Сепак, математиката вели дека со предложените 3,17 и просечната плата од оваа година, нејзините примања би биле над 194 илјади денари, бруто. Тука не се пресметани процентите за стаж и другите додатоци.

    Од 3,48 на 3,08 е предложено да се намали коефициентот за утврдување на платите за извршителите на функциите претседател на Уставниот суд и потпретседател на Собранието.

    А, од 3,22 на 2,85 треба да се сведе коефициентот за пресметка на примањата за член на Владата, за претседател на работно тело во Собранието, за гувернер на Народната банка, за јавен правобранител, за народниот правобранител, за секретарите на Собранието и на Владата.

    За да е појасно, владините министри имаат основна нето-плата од 115.540 денари. По ново, би требало да е 118.000 денари.

    Меѓу министрите исклучок е првиот човек на МВР, чии примања се повисоки за 20 проценти. „На министерот за внатрешни работи во Влада на Република Северна Македонија му се утврдува зголемување за 20% на платата утврдена за извршување на функцијата. Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година“, пишува на владината веб-страница. Засега, платата на Панче Тошковски е 140.405 денари. Со намалениот коефициент и со зголемената просечна плата, ќе падне на 128.757,83 денари. Но, тоа е без оние 20 проценти. Со нив ќе биде над 154 илјади денари.

    Понатаму, платите на заменик министер, директор на републичка организација, раководител, секретар и советник во Кабинетот на претседателот на државата, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на НБРСМ, заменик на секретарот на Собранието, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, ќе се утврдуваат со коефициентот 2,62, наместо досегашниот од 2,96.

    Исто така, од 2,79 се спушта на 2,47 коефициентот за платите на раководен работник именуван од Собранието или од негово надлежно тело, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител, претседател на основен суд и основен јавен обвинител.

    Промени ќе има и кај платите на градоначалниците. Мајката на Скопје, Данела Арсовска, на пример, минатата година со плата од 2.036 евра или над 125 илјади денари беше трета меѓу градските татковци во регионот. Тогаш коефициентот беше 3,70. Потоа, пред изборите, претходниот владин состав ги скрати коефициентите, па сѐ уште актуелниот за оваа позиција е 3,22, а по ново треба да е 2,85. Оттаму, најосновната бруто плата, без ниту еден друг додаток, би била 174.562,5 денари.

    Всушнот, тоа е максималниот коефициент за овие позиции, додека стартната позиција засега е 2,35, а треба по ново да биде 2,08. Висината на коефициентите е детерминирана од големината на општината, односно од бројот на жителите. Тие 2,08 се за градоначалниците кои раководат со општини каде што нема повеќе од 10.000 жители. Понатаму, се предлага за општините до 25.000 жители да важи коефициент 2,23 (сегашниот е 2,52); до 50.000 жители – 2,47 (2,79) и за татковците на општини со над 50.000 жители – коефициент 2,62 (2,96).

    Пари ги направи пресметките со новите коефициенти врз основа на десетмесечниот просек на бруто-платата. Годишниот просек за целата оваа 2024 допрва ќе се утврди. Сепак, очигледно е дека платите на избраните функционери ќе се зголемат. Секако, тој раст ќе биде благ. Големата работа ја заврши Уставниот суд. Драстичното зголемување од 78 проценти и понатаму е трн во окото на јавноста, каде што не е променет впечатокот дека во најсиромашната земја во Европа, за избраните нема зима.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично