ПОВЕЌЕ
    ПОВЕЌЕ

      ЌЕ ГО ВИДИМЕ ЛИ ЈАНУАРСКИОТ ЕФЕКТ на Македонската берза или почетокот на годината носи промени?

      Време зa читање: 4 минути

      Дали јануари ќе биде месец за пресврт за главниот индекс на Македонската берза или ќе бидеме сведоци на познатиот јануарски ефект? Со почетокот на новата година, пазарите започнуваат со нови надежи, но и со неизвесност кои фактори ќе ја обликуваат нивната насока. Ќе го видиме ли јануарскиот ефект во акциите или оваа година носи сосем различна динамика?

      Пазарите на хартии од вредност генерално се подложни на различни влијанија – од сезонски фактори до глобални економски трендови и неочекувани геополитички случувања. Дали јануари ќе ја постави основата за позитивна година на пазарите или ќе ги открие слабостите што се криеја во 2024 година?

      Јануари е месец којшто привлекува посебно внимание на берзите ширум светот и го создава т.н. јануарски ефект, кој придонесува индексите да растат, не само поради новогодишната еуфорија, туку и поради специфични трендови во тргувањето што често се појавуваат токму во овој период. Еден од факторите што го создава јануарскиот ефект се акциите од малите компании коишто имаат тенденција да растат во првите недели од новата година.

      Друг фактор што придонесува за јануарскиот ефект е фактот дека инвеститорите во јануари ги преоценуваат своите портфолија и ги прилагодуваат на новите очекувања, економски податоци и финансиски извештаи на компаниите. Или, пак, продавале во декември за да прикажат капитални загуби од даночни причини, па сега ги враќаат акциите во своето портфолио. И, секако, тука се кварталните извештаи на компаниите, како и оптимистичките прогнози за макроекономските очекувања за новата година. Секако, јануарскиот ефект не е загарантиран.

      Порталот Пари истражува дали јануарскиот ефект е карактеристичен и за МБИ 10. Првите 10 дена од месецот се ветувачки. На првиот берзански ден од годината, 2 јануари, МБИ 10 имаше скромен раст од 0,21 насто, а на 3 јануари порасна за 0,57 насто. На 8 јануари имаше пад од 0,17 насто, но веќе следниот ден порасна за значајни 1,11 насто. Изминатата недела МБИ 10 ја затвори со раст од 0,42 насто на 10 јануари.

      Овие бројки влеваат оптимизам, кој историски е карактеристичен за МБИ 10. Нашата анализа покажа дека јануарскиот ефект дефинитивно е својствен за главниот македонски берзански индекс!

      Од 2005 до 2024 година, само во три години во јануари МБИ 10 бил во негатива. Тоа се јануари 2014 година, со пад од 0,08 насто, 2012 година со пад од 3,82 насто и 2008 година со пад од 8,19 насто. Во сите останати години, во првиот месец МБИ 10 бележи раст, при што растот бил рекорден во јануари 2011 година, од дури 15,52 насто. Тогаш вредноста на МБИ 10 изнесувала скромни 2.838,80 поени, споредено со актуелните вредности коишто се движат над 10.000 поени. И во јануари 2018 година е забележан значителен јануарски раст на МБИ 10 од 11,25 насто, како и во јануари 2013 година, кога индексот порасна за 12,06 насто.

      Дури и во годините пред воведувањето на МБИ 10, од 2002 до 2004 година, главниот индекс на Македонската берза МБИ во јануари доминантно бил во позитива. Инвеститорите и овој јануари дефинитивно ќе имаат интересен берзански месец.

      КОИ АКЦИИ БЕА ВИСТИНСКИ ШАМПИОНИ ВО РЕГИОНОТ АДРИЈА со растот на цената во 2024 година?

      Редакција Пари

      Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

      Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
      14,794Следи нè на facebookЛајк

      слично