ЕСМ АД денеска треба да достави понуда за цената на електричната енергија од домашно производство по која домаќинствата ќе плаќаат во новата година. Отворањето на првиот тендер на ЕВН Хоме е закажано за 11 часот и ќе трае до 11:20. На овој тендер се очекува домашното ЕСМ да ги понуди потребните количини за снабдување со струја со кои ќе се покријат задолжителните 60 проценти од потребите на домаќинствата.
Вториот тендер на ЕВН Хоме е закажан за 11.40 и ќе биде отворен до 12 часот. На овој тендер понудата треба да се однесува за набавка на електрична енергија со која ќе се покријат останатите 40 проценти неопходи за домаќинствата.
По која цена ЕСМ би доставила понуда и дали таа ќе се однесува за покривање на 100 проценти од потребите, се уште нема информација.
По неколку неуспешни тендери на ЕВН Хоме на кои државната ЕСМ не достави понуда до универзалниот снабдувач на домаќинствата и откако беа променети условите во тендерот се очекува компанијата денеска конечно да се појави на тендерот.
Новиот тендер се однесува за снабдување на домаќинствата со електрична енергија за шест месеци, што беше еден од условите на ЕСМ. Дел од медиумите веќе излегоа со информација дека понудата најверојатно ќе вклучува цена на мегават час за 41 евро. Власта пак претходно најави дека поскапувањето нема да биде поголемо од 10 проценти.
Во меѓувреме цената на електричната енергија на светските берза деновиве забележа пад и се продаваше за околу 230 евра за мегават час. Пред една недела просечната цена достигна над 400 евра за мегават час, а во еден момент еден мегават чинеше и над 1000 евра.
Поради зголемената цена на струјата, една од мерките што ја најави Владата е 1000 денари субвенции на сметката за струја за 45 300 граѓани од социјално најранливите категории.