На главниот финансов директор на Комерцијална банка, Маја Стевкова-Штериева, и е доверен нов мандат како член на Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво. Словенецот Рок Папич е нов независен член на ова тело на управување.
„Со Решение на Централниот регистар на РСМ од 07.07.2025 г. извршени се следните промени: упис на реизбор на Маја Стевкова-Штериева за член на надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје со мандат од 07.07.2025 г. и упис на Рок Папич за нов независен член на надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје со мандат од 07.07.2025 г.“, информираа од Друштвото преку Македонска берза.
Воедно, се посочува дека на шести јули завршил мандатот на дотогашниот независниот член на Надзорниот одбор, Миран Ковач, чие име е избришано од Централниот регистар.
КБ Прво пензиско друштво на пазарот успешно опстојува веќе две децении. Според финансиските показатели, во текот на минатата година остварени се вкупни приходи од 453.944.952 денари или 7,4 милиони евра, за 14,05 насто повеќе во однос на 2023 година. Добивката на Друштвото е зголемена за 20,01 насто и изнесува 226.561.100 денари (3,7 милиони евра).
На крајот од 2024 година, во задолжителниот пензиски фонд имало 281.285 членови, додека уплатите достигнале 7,19 милијарди денари (околу 117 милиони евра). Во доброволниот пензиски фонд, пак, членуваат 17.627 лица (состојба од 31.12.2024), а уплатите се 261,7 милиони денари (4,25 милиони евра).