Речиси 2,4 милијарди евра приход направила минатата година компанијата „Џонсон Мети“, со што застана на самиот врв меѓу компаниите низ чие конто поминале најмногу пари. Ова е навистина импозантна сума. Колку за илустрација, минатата година во државната каса се слеале 4,5 милијарди евра, покажуваат податоците од Министерството за финансии. Значи, касата на „Џонсон Мети“ тежи и повеќе од половина државен буџет! Оваа компанија секогаш ниже огромни промети. Годинава приходот е дури и помал од ланскиот – за 3,8 проценти.
Компанијата одлично стои и со добивката. Минатата година добивката и била над 76,3 милиони евра и таа е за 4,8 насто поголема во однос на профитот од 2022 година. Така, компанијата лани со помал приход остварила поголема добивка во однос на претходната година. Овие ставки, пак, и осигурале кралска позиција и по приход и по добивка на долгиот список од рангирани приватни компании, покажуваат податоците од БизнисМрежа.мк.
Податоците покажуваат дека лани во „Џонсон Мети“ имало 924 вработени. Од едноставната математика што ја направи Порталот „Пари“ произлегува фрапантен податок – дека секој од овие 924 вработени лани на „Џонсон Мети“ му донел приход од 2,5 милиони евра!
Годинава, како и лани, „Џонсон Мети“ беше прогласен за најпосакуван странски работодавач во рамките на манифестацијата „Работодавач на годината“ во организација на првиот сајт за пребарување на работни места „Вработување.ком“.
Британската компанија „Џонсон Мети“ е светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. Својата прва фабрика во зоната Скопје 1, Бунарџик, ја отвори во 2010 година. Втората фабрика се отвори три години подоцна.
Редакција Пари