Три банки и профит од 101,7 милиони евра. Или Комерцијална, Стопанска и НЛБ банка имаат заедничка добивка од 6,26 милијарди денари. Сумата е огромна, без оглед на валутата. Натрупана во само шест месеци.
Последново остварување, односно ќарот на големата банкарска тројка, се удвоил за три години. Во првата половина од 2021 изнесувал 51,7 милиони евра. Во првата половина од 2022 – 70,1 милион евра. Во првата половина од 2023 – 83,8 милиони евра.
А, пак, во првото годинешно тримесечје заедничкиот профит им бил 44,2 милиони евра.
Работата добро им оди. Поединечно, на контото од Комерцијална банка остануваат чисти 46 милиони евра, кај Стопанска банка близу 28,9 милиони евра, а кај НЛБ банка 26,6 милиони евра.
Погоден терен за заработка се каматите. Во своите извештаи сите бележат зголемување на приходите од камати. Значи, само по основ на приливите од камати Комерцијална банка прокнижила близу 54,2 милиони евра (раст од 27,6%). Стопанска банка инкасирала 55,8 милиони евра, за 22,3 насто повеќе од истиот период лани. Зголемување од 24,3 проценти има НЛБ банка и износ од 42,2 милиони евра. Збирот е 152,2 милиони евра – толку пари се слеале во трите банки само од пресметаните и наплатени камати.
Значаен е и износот на кредитната поддршка, за трите банки – 3,89 милијарди евра. Тоа значи дека повеќе од половината кредити се одобрени од оваа банкарска тројка. Според последните податоци на Народната банка од јуни, граѓаните, фирмите, сите кои зајмеле, им должат на банките во Македонија вкупно 7,5 милијарди евра.
На ова поле знамето го носи скопската Стопанска банка, чиј кредитен пласман е над 1,5 милијарди евра. Следуваат НЛБ банка со 1,23 милијарди евра и Комерцијална банка со 1,16 милијарди евра. Овие милијарди носат милионски приходи од камати.
А, не се само каматите. Банките добро заработуваат и од провизиите. Шестмесечниот биланс е 29 милиони евра. Во него најголем е уделот – 12,2 милиони евра на НЛБ банка, која во овој сегмент има раст од 16,6 проценти. Комерцијална партиципира со 9,9 милиони евра (раст од 13,7%). За разлика од нив, Стопанска банка стагнира – приходите од провизии се на речиси истото ниво како и лани во тој период – 6,9 милиони евра.
Секако, има и други канали кои им носат приливи на банките, но овие се најважни во нивното работење од аспект на доходовноста.
Овие три банки на располагање имаат близу 5,5 милијарди евра депозити, што претставува над 62 проценти од сите пари доверени во македонските банки – вкупно 8,83 милијарди евра (НБРСМ – состојба од јуни). Средствата се распоредени: 2,34 милијарди евра во Комерцијална, 1,65 милијарди евра во Стопанска и близу 1,5 милијарди евра во НЛБ банка.
Затоа се големи. Активата на Комерцијална банка е 2,7 милијарди евра. За шест месеци се зголемила за 1,9 проценти. Стопанска банка забележала раст од два проценти и ниво од 2,17 милијарди евра. Активата на НЛБ банка е 1,87 милијарди евра и во однос на крајот од 2023, во првото годинешно полугодие е намалена за еден процент.
Р.П.