На плажите на Источните Кариби денес не се продава само сонцето и белиот песок – се продава и нешто далеку повредно: втор пасош. Пет островски држави – Антигва и Барбуда, Доминика, Гренада, Свети Китс и Невис и Света Луција – сè почесто нудат државјанство преку инвестиции, создавајќи нова глобална нишка каде што луксузните недвижности се само дел од пакетот што ветува мобилност, сигурност и финансиска слобода.
Со вложување кое започнува од 200.000 долари, заинтересираните можат да станат граѓани на една од овие островски нации, без потреба да се откажат од своето постоечко државјанство. Освен можноста за живот во еден од најатрактивните тропски региони во светот, новите пасоши нудат безвизен пристап до дури 150 земји, вклучувајќи ги Шенген-зоната и Велика Британија (со исклучок на Доминика). Дополнителен мотив за богатите е ослободувањето од некои видови даноци, како што се данок на доход, капитална добивка и наследство, што ја прави понудата уште поатрактивна.
Сè поголем број американски државјани го гледаат Карибите како сигурносен вентил во време на зголемена политичка и социјална нестабилност во САД. Некои од нив се преселуваат целосно, но поголем дел гледаат на второто државјанство како на „резервен план“ – лична полиса за осигурување во свет што брзо се менува. Оваа тенденција особено се засили по изборите во 2020 и 2024 година, но и по ограничувањата за патување наметнати за време на пандемијата на Ковид-19, кои за првпат го поттикнаа интересот на американската елита кон ваквите програми.
Агенциите за недвижности на островите веќе се прилагодија на новата реалност. Надија Дајсон, сопственичка на агенцијата „Лукси Локајшнс“ од Антигва, вели дека 70% од сегашните купувачи бараат недвижност што ќе им обезбеди и државјанство, а огромното мнозинство доаѓа од САД. Минатата година, тие биле купувачи мотивирани од желбата за животен стил – денес, велат „сакам куќа со пасош“. Според неа, такво нешто никогаш досега не се случило.
Побарувачката не е ограничена само на САД. Апликанти од Украина, Турција, Нигерија и Кина исто така се меѓу најбројните, покажуваат податоците на консултантската куќа „Хенли и партнерс“. Сепак, токму американските апликации доминираат во последната година, што резултираше со експанзија на оваа компанија – од нула канцеларии во САД, сега имаат осум, со уште неколку планирани наскоро.
Сепак, ваквите шеми не се без контроверзија. Кога Антигва првпат го предложи моделот во 2012 година, дел од јавноста реагираше со огорченост. Жизел Исак, поранешна претседателка на Претставничкиот дом, се сеќава на демонстрации против она што многумина го доживеале како продажба на националниот идентитет на луѓе кои „не знаат ништо за нас“. Некои лидери во регионот, како премиерот на Свети Винсент и Гренадини, Ралф Гонсалвес, остануваат остри противници, велејќи дека државјанството не смее да биде „стока за продажба“.
Загриженост изразуваат и меѓународните институции. Европската Унија спроведува проценка дали овие шеми претставуваат ризик за безбедноста и за безвизниот режим со земјите од ЕУ. САД, пак, претходно укажаа на можноста за финансиски криминал и избегнување даноци. Како одговор на овие притисоци, петте островски држави се согласија на пакет реформи – вклучително и засилена длабинска анализа, задолжителни интервјуа, редовни ревизии и воспоставување регионален регулатор за контрола и усогласување.
Карибските лидери, меѓутоа, стојат цврсто зад програмите. Тие посочуваат дека приходите од CBI играат клучна улога во економската стабилност и развој. Во Доминика, од 1993 година досега преку програмата се собрале над 1 милијарда долари, со кои се изградени инфраструктури и современа болница. Во Антигва, премиерот Гастон Браун изјави дека токму овие средства ја спасија земјата од економски колапс. Слично уверување доаѓа и од премиерот на Света Луција, Филип Ж. Пјер, кој тврди дека безбедносните стандарди во нивната програма се „највисоки“.
Денес, продажбата на пасоши придонесува со 10 до 30% во бруто домашниот производ на овие држави. Преку директни инвестиции во недвижности или преку донации во национални фондови – кои варираат од 200.000 до 260.000 долари, зависно од бројот на членови во семејството – програмите остануваат главен двигател на економијата во регион кој е силно зависен од туризмот и ранлив на климатски катастрофи.
Во време на глобална неизвесност, второто државјанство за некои претставува мир, за други – стратегија, а за островите – опстанок. Карибите веќе одамна се синоним за бегство од секојдневниот стрес, но сега, со пасош во рака, тоа бегство станува и правно реално.