
„Мајкрософт“ ја засилува својата присутност во Канада со нов голем инвестициски бран во вештачка интелигенција, вреден 7,5 милијарди долари што ќе се реализира во наредните две години. Со тоа, вкупните вложувања на компанијата во канадската ИТ и АИ-инфраструктура во периодот од 2023 до 2027 година ќе достигнат 19 милијарди канадски долари, соопшти компанијата во вторникот.
Од „Мајкрософт“ ја нарекуваат оваа одлука „најважната обврска во историјата на Microsoft Canada“, нагласувајќи дека инвестициите треба да ја поддржат долгорочната дигитална трансформација и економскиот раст на земјата. Новите капацитети би требало да почнат да се ставаат во функција во втората половина на 2026 година.
Средствата ќе бидат насочени кон проширување на регионите на центри за податоци „Azure Canada Central“ и „Canada East“. Овие инфраструктурни точки треба да обезбедат стабилна основа за модернизирање на јавните услуги, за развој на напредни решенија во вештачка интелигенција и за обезбедување дека обработката на податоците се одвива во рамките на канадските граници, согласно локалните регулативи и стандарди за безбедност.
Паралелно со инвестицискиот план, „Мајкрософт“ претстави и план од пет точки за, како што наведува, „заштита на дигиталниот суверенитет на Канада“. Во рамки на тој пакет, компанијата најави отворање Центар за разузнавање на закани со седиште во Отава, кој ќе се фокусира на откривање и спротивставување на сајбер-закани што доаѓаат од земји како Кина, Русија, Северна Кореја, како и од поединечни актери од региони во Јужна Азија и Блискиот Исток.
Од „Мајкрософт“ наведуваат дека нивните тимови во Канада веќе работеле на спречување закани поврзани со Кина и дека споделувале разузнавачки податоци за севернокорејски ИТ-работници кои користат украдени или лажни идентитети за да обезбедат работни места во технолошки компании во земјата.
Како дел од ветувањето „да ги чува канадските податоци на канадска почва“, компанијата најави дека интеракциите на канадските корисници со нивниот АИ-придружник „Copilot“ ќе се обработуваат во самата Канада. Притоа, податоците ќе бидат шифрирани, изолирани и заштитени, а дополнително ќе се поддржи растот на домашната АИ-заедница и развивачите со седиште во земјата.
„Мајкрософт“ се обврзува и на обезбедување непречено функционирање на своите облачни услуги за потребите на канадската влада. Во соопштението компанијата додава дека, доколку некогаш се соочи со барање за суспендирање или запирање на операциите во Канада, ќе ги искористи сите достапни правни и дипломатски инструменти – вклучително и судски постапки – за да го заштити пристапот до критичната дигитална инфраструктура на земјата.
Аналитика








