Кредитокорисниците, од јули па заклучно со октомври, имале можност малку да здивнат во поглед на движењата кај каматите. Просечната стапка на вкупните кредити опстојува на 5,49 проценти. Стагнацијата не се однесува и на годишното ниво, каде што има промена за плус 1,09 процентни поени. Континуирана е линијата на раст кај просечната каматна стапка на вкупните депозити. На месечно ниво има од 0,08, а на годишно од 0,93 п.п. и изнесува 1,67 проценти. Податоците се од последниот извештај на Народната банка за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците во октомври.
Во текот на тој месец просечната стапка на новоодобрените кредити е со раст од 0,06 п.п., а на годишна основа за 1,11 п.п. Дојдена е на ниво од 5,55 проценти. Кај новите депозити каматата е со просек од 2,32 проценти. Зголемувањето е 0,17 п.п. на месечна основа, при годишен раст од 0,82 п.п.
Според податоците од Народната банка, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор во октомври е иста како и септемвриската – 5,37 проценти. Годишно има раст за 1,66 п.п.
Каматната стапка на новоодобрените кредити изнесува 5,71 процент и е зголемена за 0,21 п.п. на месечно ниво, што се должи на повисоките стапки на денарските кредити без валутна клаузула. Споредено со ланскиот октомври, каматата е повисока за 1,35 п.п.
Во сегментот депозити просечната каматна стапка бележи месечно зголемување од 0,02 п.п. и изнесува 1,96%. Тоа произлегува од повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула. На годишна основа растот е за 0,70 п.п.
За новопримените депозити од овој сектор стапката е 1,51 процент, при што е евидентирано месечно намалување од 0,14 п.п. Врз промената влијаел падот на каматните стапки на девизните депозити. Минусот е присутен и на годишно ниво, од 0,15 п.п.
Со минимален месечен пад од 0,01 процентен поен, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,60 проценти. Од Народната банка посочуваат дека тоа е резултат на намалувањето на стапките за девизните, но и за кредитите со валутна клаузула. Годишниот раст е за 0,57 п.п.
Намалена за месечни 0,19 п.п. е стапката на новоодобрените кредити и изнесува 5,28 проценти. Промената се должи на падот кај каматите на денарските кредити без валутна клаузула, во странска валута и кај задолжувањата со валутна клаузула. На годишно ниво, просекот на стапката е повисок за 0,70 п.п.
Зголемување во октомври, од 0,09 п.п. има кај стапката на вкупните депозити, која изнесува 1,64 проценти. Ова движење е засновано врз растот на каматните стапки што важат за денарските депозити без валутна клаузула и за девизните влогови. Стапката е зголемена за 0,94 п.п. на годишна основа.
Новите депозити на населението во десеттиот месец имале просечна стапка од 2,57 проценти, по растот од 0,17 п.п., кој произлегува од нагорното движење и кај каматите на девизните и на денарските депозити. Споредено на годишно ниво, каматната стапка бележи зголемување од 1,12 процентни поени.