Каматната стапка на кредитите е 5,12, а на депозитите 1,40 проценти. Тоа се просечните стапки за јуни.
Последните податоци од Народната банка покажуваат дека кај вкупните кредити е регистриран месечен раст од 0,03, а годишен за 0,85 п.п. Стапката кај вкупните депозити е повисока за месечни 0,18 п.п. и 0,73 п.п. на годишно ниво.
Намалување во јуни има на просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, и тоа за 0,06 п.п. На годишна основа се работи за раст од 1,27 п.п., па каматата сега изнесува 5,26 проценти.
Од друга страна, просекот се зголемува и на месечно и на годишно ниво за новопримените депозити. По месечните 0,77 и годишните 1,73 п.п, стапката е 2,70 проценти.
Корпоративен сектор – Јунските податоци упатуваат на тоа дека просечната каматна стапка на вкупните кредити е со месечен раст од 0,05 п.п. и изнесува 4,86 проценти. Од Народната банка посочуваат дека нагорната промена е произлегува од повисоките каматни стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула. На годишно ниво, пак, стапката е зголемена за 1,42 п.п.
На новите кредити одобрени на овој сектор се пресметува просечна камата од 5,26 проценти, која во шестиот месец е намалена за 0,10 п.п. на месечно ниво. Во споредба со истиот лански период има зголемување од 1,58 п.п.
Раст има и кај просечната каматна стапка на вкупните депозити – за 0,07 п.п. на месечно, односно 1,02 п.п. на годишно ниво. Притоа, достигнат е прагот од 1,99 проценти. Ова придвижување од НБРСМ го образложуваат со зголемувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула.
Просечна стапка од 2,11 проценти е наменета за новите депозити. Месечната промена е плус 0,61, додека годишната за 0,58 процентни поени.
Домаќинства – За вкупните кредити на домаќинствата во јуни важи просечната камата од 5,35 проценти. Месечниот раст е за 0,01, а годишниот за 0,31 п.п. Тоа е резултат на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула, кои се движеле по нагорна линија.
Нешто е помала просечната стапка за новоодобрените кредити – 5,27 проценти. И кај неа има месечно придвижување од 0,02 и годишно за 0,76 п.п.
За депозитите во јуни била одредена стапка од просечни 1,34 проценти. Со тоа се означува месечен раст од 0,19 и годишен од 0,69 п.п. Што, пак, според извештајот од Народната банка, се должи на зголемените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на депозитите во девизи.
Новите влогови кои граѓаните им ги довериле на банките во јуни добиле просечна стапка од 2,87 проценти, откако е забележан раст од 0,69 насто на месечна основа. Анализирано на годишно ниво, зголемувањето е за 2,17 процентни поени.