ПОВЕЌЕ

    Каматите во август: Стапката на депозитите пораснала до 1,55, за кредитите стагнира на 5,49 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Просечната каматна стапка на вкупните депозити по месечното зголемување во август достигнала до 1,55 проценти. Состојбата е непроменета кај стапката на вкупните кредити, која го задржува јулското ниво со просечните 5,49 проценти.

    Сепак, најновите податоци на Народната банка покажуваат дека и покрај месечната стагнација, просечната каматна стапка на вкупните кредити на годишна основа е зголемена за 1,15 процентни поени. Во август е забележано и дека просечната стапка на новоодобрените кредити има месечно намалување од 0,04 п.п. и изнесува 5,53 проценти, а на годишно ниво е со раст од 1,49 п.п.

     

    Кај депозитите, пак, месечната и годишната промена на просечната каматна стапка изнесуваат 0,05 п.п., односно 0,86 процентни поени. За новите депозити просечната стапка е 2,17 проценти, откако се намалила за 0,04 п.п. на месечна основа, додека годишно бележи раст од 1,25 процентни поени.

    Корпоративен секторВо август, просечната каматна стапка на вкупните кредити е иста како и јулската – 5,36 проценти. На годишна основа е повисока за 1,81 роцентен поен.

    За новоодобрените кредити во текот на август се пресметувала просечна стапка од 5,73 проценти, а месечното намалување е за 0,02 процентни поени. Според, Народната банка, падот произлегува од пониските каматки за девизните кредити. Во споредба со ланскиот август, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е зголемена за 2,01 п.п.

    Што се однесува до вкупните депозити, просечната стапка во осмиот месец е зголемена за 0,06 п.п. и изнесува 2,08 проценти. Месечната промена е резултат на повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула. Анализирано на годишна основа, стапка остварила раст од 1,05 процентни поени.

    Августовската стапка за новопримените депозити е 1,81 процент, со месечен раст од 0,24 п.п. Што е засновано врз зголемените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула. Споредено, пак, со истиот минатогодишен период, каматната стапка бележи раст од еден процентен поен.

    Домаќинства – Месечна промена нема ниту кај каматната стапка на вкупните кредити, која исто така се задржала на јулските 5,61 процент. А, на годишно ниво има раст од 0,54 п.п

    За новите кредити одобрени на граѓаните во август важела просечна стапка од 5,24 проценти, по месечното намалување за 0,08 отсто. Како што велат од Народната банка, ваквиот ефект произлегува од падот на каматите и кај денарските и кај девизните кредити. Од годишен аспект, просечната стапка за новоодобрените кредити има раст од 0,75 п.п.

    За своите влогови, граѓаните во август добивале камата од просечни 1,50 проценти. Месечниот раст изнесува 0,06 п.п, а се должи на зголемувањето на стапките кај депозитите – и во денари и во девизи. Во однос на состојбата од пред една година, оваа каматна стапка е повисока за 0,84 п.п.

    За 0,08 п.п. опаднала стапката која се пресметувала на новопримените депозити и во август изнесува 2,32 проценти. Тоа е одраз на намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и на оние без валутна клаузула. Инаку, каматата за новите граѓански влогови на годишно ниво е зголемена за 1,35 процентни поени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично