Во месецот на штедењето, порталот „Пари“ анализира какви се заштедите на граѓаните и какви камати добиваат домаќинствата за парите што ги имат на сметка.
Кај граѓаните се наоѓаат 3,18 милијарди евра позајмени од банките, но домаќинствата се поголем кредитор на банкарскиот сектор и тие во банките имале 4,8 милијарди евра заклучно со 31 август, покажуваат податоците од Народната банка.
Податоците покажуваат дека расте и кредитирањето и вложувањето на пари во банките. Но, трендот на кредитирање е побрз и во август, во однос на истиот месец минатата година, износот на кредити кај домаќинствата се зголемил за 7,9 проценти, додека износот на депозитите од граѓаните е поголем за 7,4 проценти. Сепак, овој процент е охрабрувачки за враќањето на динамиката на растот на депозититет , ако се земе предвид дека во јули годишниот раст беше 4,3 проценти. На месечна основа пак, на крајот од август во однос на крајот на јули, депозитите се зголемиле за 0,9 проценти.
И покрај растот на депозитите, податоците на НБРМ покажуваат дека тој се остварува со истовремен пад на каматите за заштедите.
„Во август, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 0,75%, што претставува пад од 0,04 п.п. на месечна основа. Падот е одраз на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,04 п.п., соодветно), во услови на непроменети каматни стапки на депозитите со валутна клаузула. Оваа каматна стапка бележи пад од 0,23 п.п. во споредба со истиот месец претходната година“, пишува во извештајот на Народната банка.
Порталот „Пари“ под лупа ги стави каматите што ги даваат трите најголеми банки. Понудените камати се ниски, за покуси рокови одвај ја поминуваат нулата, а за ороченост на две години не стигнуват ниту до годишна камата од 1%.
ПРЕГЛЕД НА КАМАТНИ СТАПКИ ЗА ОРОЧЕНИ ДЕПОЗИТИ
Ороченост | Комерцијална Банка | Стопанска Банка | НЛБ Банка |
---|---|---|---|
6 месеци - денари | 0,05 | 0,05 | 0,01 |
6 месеци - евра | 0,01 | 0,01 | 0,01 |
12 месеци - денари | 0,30 | 0,10 | 0,05 |
12 месеци - евра | 0,10 | 0,05 | 0,05 |
24 месеци - денари | 0,70 | 0,60 | 0,40 |
24 месеци - евра | 0,30 | 0,20 | 0,10 |
За штедачите ова се разочарувачки каматни стапки. Податоците од НБРМ, всушност покажуваат дека во последниве 3 години каматната стапка за депозитите речиси се преполовила. Така, од 2,03 % за денарски депозити на домаќинствата во август 2018 година, таа се симнала на 1,11%.
Како што може да се забележи од графиконот на НБРМ, падот на каматите на депозитите не секогаш е адекватно следен со падот на каматите на кредитите.
Во август, кога каматната стапка на вкупните депозити кај домаќинствата изнесувала 0,75 проценти, каматната стапка на кредитите за домаќинствата изнесувала 5,28 проценти. Притоа, во август каматната стапка за кредитите е намалена за 0,02 процентни поени на месечно ниво, додека каматната стапка за вкупните депозити на домаќинства е намалена за 0,04 процентни поени.
Редакција Пари