ПОВЕЌЕ

    Како водечките светски економии го помагаат стандардот на граѓаните

    Време зa читање: 3 минути

    Прекините на глобалните синџири на снабдување поради пандемијата и руската инвазија на Украина предизвикаа зголемување на цената на енергијата, стоките и основните прехранбени производи, со што се поттикна криза во животниот стандард. Ројтерс анализираше како владите на водечките светски економии реагираат на овој проблем.

    ФИНАНСИСКА ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА

    Германија како најголема европска економија планира од 1 октомври да воведе данок на цената на гасот за сите потрошувачи. Минатиот месец локалната самоуправа најави државна помош од 15 милијарди евра за Унипер – најголемиот увозник на руски гас во земјата. Исто така, го намали данокот на бензин и дизел и силно ги намали трошоците за јавниот превоз.

    Францускиот парламент на 3 август усвои пакет помош за борба против инфлацијата, вреден 20 милијарди евра. Французите решија да ги зголемат пензиите и некои форми на социјална помош, па им дозволија на компаниите да им плаќаат на вработените повисоки бонуси без данок во обид да ја зголемат куповната моќ на домаќинствата.

    Италија, еден ден по Франција, го одобри својот пакет помош во вредност од околу 17 милијарди евра со цел да ги намали сметките за струја и гас. Оваа сума е всушност додаток на веќе потрошените 35 милијарди евра од почетокот на годинава, а кои беа насочени кон ублажување на последиците од поскапувањето на струјата, гасот и бензинот.

    Минатиот месец Полска воведе помош во форма на „платен одмор“ за граѓаните со заеми во националната валута – злоти. Тој мораториум им овозможи да прескокнуваат плаќања осум месеци во период од две години.

    ОГРАНИЧЕНИ ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА, ХРАНАТА…

    Американскиот Сенат во неделата го одобри Законот за намалување на инфлацијата, план од 430 милијарди долари кој, меѓу другото, ги намали трошоците за лекови на рецепт, ги зголеми некои корпоративни даноци и воведе мерки за поттикнување на енергетската ефикасност.

    Бразилскиот претседател Болсонаро и владата на земјата вршат притисок врз државниот енергетски концерн Петробрас дополнително да ги намали цените на горивото. Во јули компанијата ги намали цените на горивата двапати за вкупно девет отсто, со што цените се на најниско ниво од март.

    Во мај, Индија воведе ограничувања на извозот на прехранбени производи, вклучително и пченица и шеќер, кои сочинуваат речиси 40 отсто од индексот на потрошувачките цени. Го намали и данокот за увоз на масло за јадење.

    Јапонија во април одобри пакет помош од 103 милијарди долари за да го ублажи економскиот удар од зголемените трошоци за суровини. Беа воведени субвенции за намалување на цените на бензините и готовинските плаќања за домаќинствата со ниски приходи со деца. Јапонскиот премиер Фумио Кишида посочи дека може да има дополнителни потези доколку продолжи кризата во животниот стандард.

    На почетокот на јули Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати најавија зголемување на средствата за социјална помош. ОАЕ ја удвои финансиската поддршка за семејствата со ниски приходи на вкупно 7,6 милијарди долари, додека саудискиот крал Салман одвои дополнителни 5,42 милијарди долари за истата цел.

    Турција на почетокот на јули ја зголеми минималната плата во земјата за околу 30 отсто, додавајќи ја ваквата мерка на зголемувањето од 50 отсто од крајот на минатата година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично