Пред 20тина години за да бидеш раат на професионално поле требаше само да се заврши факултет и потоа десеттина години едноставно нема потреба за некаква специфична обука или доусовршување од причина што стекнатите вештини се важечки, актуелни и барани на пазарот на труд. Меѓутоа се проценува дека, особено во последно време со вештачката интелигенција, тој животен век на вештините е намален дури на две години. Но, дали тоа значи дека можеби додека да завршиш факултет твоите вештини нема да бидат конкурентни и барани на пазарот на труд. Од тие причини во оваа епизода на New Biz podcast Наташа Велковска зборува со Петар Ниновски основачот на Brainster. Разговара за визијата зад еден од најиновативните образовни центри во регионот и за тоа како изгледа иднината на учењето и претприемништвото во ерата на вештачката интелигенција. Како започна Brainster и кои контраинтуитивни одлуки беа клучни за успехот и задоволството на студентите? Како вештачката интелигенција го менува образованието и отвора можности за нови генерации на студенти?
„Неопходно е образовните инситуции, формални и неформални, брзо да се адаптираат на промените на пазарот и барањата од страна на компаниите со цел да им понудат на студентите курикулуми за студирање и учење коишто се ажурирани односно одговараат на она што се случува во реалниот сектор“, објаснува Ниновски.
Бреинстер заокружи 10 години постоење, започна со обуки, со курсеви, потоа академија, па Некст колеџ, сега го прошири своето портфолио и ја преточи својата експертиза кон средношколците креирајќи нови и револуционерни програми кои ќе го надополнат образованието стекнато во средно училиште. Но, дали Ниновски кога ќе се врати наназад со сето сегашно знаење би постапил исто?
„Јас мислам дека ако се вратам наназад со ова знаење не сум сигурен дека ќе направам подобри одлуки од сега, бидејќи дел од одлуките не беа очигледни бизнис одлуки туку беа некои интуитивни одлуки и ако го знам ова што сега го знам, не сум сигурен дека ќе ги донесев истите одлуки што направија голема разлика во тоа каде е сега Бреинстер. Може ќе сменев некои одлуки меѓутоа не сум сигурен дека ќе стигневме до ваму каде што сме денес“, потенцира тој.
Ниновски вели дека идејата за да го создаде Бреинстер е од практични причини – две компоненти земал предвид – едната е дали има потреба на пазар, дали информациите што ги имаат на пазарот покажуваат дека овој бизнис или потребата во иднина ќе расте наместо да се намалува. Како и тоа дали гледа нешто што другите не го гледаат, што би било идеално, како што вели Ниновски да гледа некоја информација што другите не можат да предвидат дека таква потреба би имало во иднина.
„И втората компонента што според мене е многу важна си се запрашувам јас себе дали јас ова би го правел во наредните 10, 20, 30 години, дали имам пасија за ова, дали можам да се будам и легнувам со оваа приказна, дали можем да работам многу. Идејата за Бреинстер се роди некаде во 2013 година, а го основав во 2015 година – најголемиот проблем ми беше да ја напуштам онаа сигурна работа – добра работа, добра плата. Меѓутоа во 2015 година започнавме со Бреинстер баш поради овој еден индикатор што го гледавме, а тоа е дека поради дигиталната трансформација што се случуваше во компаниите, очекувано беше да расте потребата од кадри во овие области, дури постоеше и тензија помеѓу понуда и побарувачка на кадри уште тогаш и очигледно беше дека таа побарувачка во иднина само ќе се зголемува. Од друга страна го земавме моментот дали може образованието тогаш да создаде прво доволен број на кадри, квалитетен кадар и кадар со вештини кои се потребни на индустријата и одговорот на сите три прашања беше НЕ. И така започнавме во 2015 година со Бреинстер, со слично размислување тргнавме и кога со основавме Некст колеџот“, раскажува Ниновски.
Меѓутоа бидејќи многу добро функцирале со Бреинстер, добиле идеја концептот на Бреинстер да се преслика во формално образование.
„Неколку концепти како на пример учење на работа преку реални проекти, поврзување на компании со студенти, тим партнерство, сето ова им помага на студентите да се вработат и ред други работи сметацме дека може лесно да се пресликаат во формално образование. Но не не послушаа тогаш факултетите, мислам дека беше и незгодно време, беше време на Ковид, мислам дека беа растрчани факултетите да ги решат тие проблеми меѓутоа, можеби среќа, бидејќи така го започнавме и Некст колеџот, сличното се случи и со Ен Ју колеџот за средношколци, каде што емпириски можеше да се докаже и за сите претходни бизниси. Тоа што треба да го знаат средношколците на излез од тој процес на образование, вештини за успешна академска и професионална кариера, тоа што треба и тоа што го добиваат имаше голем расчекор и логично беше дека ќе треба некој „сервис“ кој ќе биде како паралелно образование“, укажува Ниновски.
Тој додава дела првиот куп на непредвидени работи се случил буквално на лансирањето на Бреинстер во 2015 година и таа грешка нема никогаш да ја повтори – велејќи дека ова е малце контраинтуитивно.
„Поминав многу време во размислување на концептот, многу време во пишување на тој бизнис план, многу време поминав во поставување на хипотезите и реалноста е што ги подучувам моите студенти е дека кога започнуваме бизнис кој е иновативен кој не е типичен, не е стандарден, ако го одиш оној стандарден процес на поставување на бизнис план нема да ги добиеш информациите што ти требаат, наместо тоа подобро би било што помалку време поминеш во планирање и поставување на тези и најбрзо да се излезе на пазар затоа што таму реално ќе ги дознаеш првите информации и што треба да направиш за да добиеш продукт маркет. А по патот на развој од 2025 година, па навака, секоја фаза на развојот е потешка и потешка и се случуваат непредвидени работи и големи одлуки, меѓутоа тоа што го сфатив десет години подоцна е дека всушност се сведува на многу мал број на одлуки што ги носиш прават разлика. На пример претпоставувам дека во текот на година носиме максимум 50 одлуки ние што сме на лидерските позиции, меѓутоа 95 отсто од тие одлуки се многу едноставни и лесни за носење – ти и сите твои конкуренти ќе ја донесеме истата одлука, на крај на ден се светува на една до две во текот на годината контраинтуитивни одлуки. Што се случува со контраинтуитивна одлука, а е добра одлука-сите носат одлука А, а ти носиш одлука Б, а Б е правилната одлука, тука се прави разликата помеѓу тебе и конкуренцијата“, истакнува Ниновски.
Една таква одлука што направила драстична промена во тоа како се развивал Бреинстер е кога започнувале со него.
„При основање на Некст факултетот во многу рана фаза забележавме еден проблем, проблемот беше дека луѓето во Македонија немаа доверба во приватно образование, претпоставувам е креирано поради неколку лоши играчи во изминативе 20тина години. Требаше да размислиме дали одличната репутација на Бреинстер е доволна за да ги убедиме да ги привлечеме добрите средношколци и нивните родители да веруваат во новата приказна-приватен факултет и најверојатно немаше тоа да биде доволно и затоа решивме контраинтуитивна одлука што уште никој од конкурентите ја нема ископирано, а таа беше одлуката „учи сега-плаќај по дипломирање, по вработување“. Тоа значи дека студентите може да студираат кај нас на факултет без да плаќаат и почнуваат да плаќаат откако ќе се вработат, на тој начин ја зголемивме довербата и кај децата и кај родителите. И ако одиме од година за година, првата година имавме околу 300-400 апликации, втората имавме 1.200, третата година на упис имавме 2.300 апликации – некако им дадовме доверба на луѓето штом одлучуваме да не плаќаат, туку откако ќе се вработат – сфатија дека има нешто во оваа приказна. Оваа година ни е првата генерација што дипломира, досега 87 отсто од студентите се вработени на неколку месеци до дипломирање. И очекуваме до средина на април да направиме 100 отсто вработување и тие ќе бидет првата генерација што ќе почнат веќе да плаќаат за образование – така што ова е една контраинтуитивна одлука“, раскажува Ниновски.
Другата контраинтуитивна одлука е на почетокот на Бреинстер, тоа била дека треба да воведат тимови за Partnerships и тим за Student Success, два тима што не биле стандардни тимови што воопшто ги немало како тимови во нашето образование.
„Тимот на Partnerships работи во два дела во едниот дел работи со компании за да им обезбеди од една страна на студентите вработувања, а од друга страна на компаниите да им обезбеди таленти, од друга страна овој Partnerships работи на пример земаме од компаниите проекти, нашиве студенти работат на проекти, компаниите добиваат решение, а студентите добиваат искуство од работа на проекти. Тимот на Student Success -идејата ни дојде од студенсти прашања, како би требало идеално да изгледаат студентски прашања и така го оформивме Student Success тим кој се грижи за задоволството и искуството на студентите, тим кој следи податоци и гледа многу пред студентот да почне да му паѓа перформансот, да видиме да забележиме информации и почнуваме да работиме со тој студент, а од друга страна да видиме оние кои се најдобри за да можеме уште повеќе да им дадеме. Така што тоа е уште една контраинтуитивна одлука“, раскажува Ниновски.
Тој вели дека преземањето ризик и контраинтуитивните идеи можат да донесат големи резултати.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast