Производителот на играчки „Поп Март“, познат по своите плишани чудовишта и мистериозни „слепи кутии“, започна како мала продавница во Пекинг. Петнаесет години подоцна, компанијата вреди 46,1 милијарда долари, а нејзиниот 38-годишен основач, Ванг Нинг, денес е десеттиот најбогат човек во Кина со нето-вредност од 22,7 милијарди долари.
Успехот на „Поп Март“ се базира врз еден силен тренд: носталгијата. Генерацијата Z и миленијалците ширум светот ги враќаат спомените од детството преку колекционерски играчки, од кои најпознати се куклите „Лабубу“. За нив, редици се формираат уште од 2 часот наутро, а цената на едно парче може да достигне и до 200 долари. Ретки модели се продаваат на аукции за дури 170.000 долари.
„Лабубу“, дело на холандскиот уметник Касинг Лунг, е кукла што комбинира тело на плишан мајмун со лице на елф и карактеристична злобна насмевка. Иако јавноста е поделена дали е симпатична или застрашувачка, интересот за неа е несомнен. Куклата стана моден иконичен симбол – видена на чанти на славни личности како Дуа Липа, Ријана и Лиса од Blackpink.
Ванг Нинг ја основал „Поп Март“ во 2010 година, откако дипломирал рекламирање на Универзитетот Женгжу. Првата продавница, отворена во делот Џонггуанцун – познат како кинеската Силиконска долина – продавала стрипови, додатоци и играчки. Вистинскиот пресврт настанал во 2014 година, кога Ванг ја увидел моќта на колекционерските играчки.
Во 2016 година, компанијата соработува со хонгконшкиот уметник Кени Вонг за лансирање на серијата „Моли“ – дизајнерски кукли што се продаваат во слепи кутии. Овој концепт, кој го враќа чувството на изненадување и мистерија во купувањето, се покажува како полн погодок.
Во декември 2020 година, „Поп Март“ излегува на берза, прибирајќи 676 милиони долари со почетна пазарна вредност од 12,5 милијарди. Од тогаш, акциите на компанијата пораснале за 370%, а брендот стана меѓу највредните на индексот MSCI China.
Денес, „Поп Март“ има над 530 продавници ширум светот, вклучително и тематски забавен парк во Пекинг и преку 46 милиони членови само во Кина. Минатата година, компанијата оствари приход од 1,8 милијарди долари, од кои 700 милиони доаѓаат од меѓународни пазари.
САД се клучен растечки пазар. „Во САД видовме семејства како чекаат во ред од 6 часот наутро и нови собирачи што ги откриваат нашите „слепи кутии“ заедно со посветените фанови,“ изјави Емили Броу, раководител на одделот за лиценцирање на интелектуална сопственост на „Поп Март“ за Америка.
Компанијата планира да отвори 50 продавници низ САД до крајот на годината, со што се засилува заедницата на обожаватели што расте преку TikTok видеа, фотографии од изложени колекции и стилски комбинации со куклите.
„Забележуваме зголемен интерес од генерацијата Z и миленијалците – особено кај оние кои се заинтересирани за мода, уметност и колекционерски предмети исполнети со носталгија“, вели Броу.