Грчкиот огранок на канадската компанија Елдорадо Голд – Хелас Холд се подготвува да го пушти во комерцијална работа спорниот проект за бакар и злато во Скуриес што се наоѓа на третиот крак на полуостровот Халкидики. Се очекува рудникот Елдорадо Голд Скуриес да започне со првото производство во првиот квартал од 2026 година, а целосно комерцијално производство се очекува до средината на 2026 година.
И додека компанијата го прикажува како голема инвестиција и локален Елдорадо за работни места – овој потег повторно разгоре длабока вознемиреност кај жителите на Халкидики и активистите за заштита на животната средина поради уништувањето на шумите, загадувањето и загубите на водните резерви, безбедноста на јаловиштето и долгорочниот опстанок на локалните екосистеми, но и на туристичката економија на полуостровот, која е во процут.
Рудникот Скуриес беше суспендиран или затворен во различни периоди, особено помеѓу 2017 и 2021 година поради спорови околу дозволите и отпорот на локалното население, а повторно и на почетокот на 2016 година за период пред да продолжи со работа.
ЌЕ МУ ОТСВИРАТ ЛИ РУДНИЦИТЕ КРАЈ НА ТУРИЗМОТ НА ХАЛКИДИКИ?
Овој обемен и комплексен инвестициски проект, кој моментално вклучува три рудници, зафаќа 44% од површината на општина Аристотел на третиот крак на Халкидики, во Северна Грција. Противниците на рудниците со години укажуваат дека нивното влијание врз животната средина, заедно со потенцијално опасните избори на технички решенија и несоодветните планирања, директна закана за здравјето и безбедноста на локалните жители, како и за нивните економски активности, посебно ако се земе предвид дека регионот последиве децении доживува континуиран пораст на туристичките посети.
Во Проценката на влијанието врз животната средина (ОВЖС) на компанијата, која според еколошките закони на ЕУ мора да се изготви, се признаваат многу од овие негативни ефекти, но ставот на надлежните во Грција за нив е главно потценувачки, се укажува од страна на истражувачките новинарски проекти во соседството.
Инспекторите за животна средина документирале значително загадување на површинските води во Олимпијада и Стратони (градчиња во непосредна близина на рудникот Скуриес), поради работењето на Хелас Голд, подружница на Елдорадо Голд. Компанијата испуштала течен отпад со опасно високи нивоа на токсични елементи како кадмиум, цинк, олово и арсен. Инспекцијата од 2018 година откри дека концентрациите на олово во реката Мавролакас, која прима отпад од фабриката за збогатување Олимпијада, биле 985% над дозволените граници – јасен показател за сериозноста на загадувањето. Овој модел на прекршувања е континуиран од почетокот на работењето и е наведен во повеќе официјални извештаи од 2015 до 2022 година, се наведува во извештајот од Прес Проџект Грис.
Во април 2023 година, грчкото Министерство за животна средина издало нова еколошка дозвола за инвестицискиот план на Елдорадо Голд на Халкидики, заменувајќи ги претходните услови поставени во 2011 година – услови кои ионака постојано беа кршени. Оваа одлука дојде само неколку месеци пред компанијата да ја продолжи изградбата на рудникот за бакар и злато Скуриес, проект кој беше запрен од 2017 година. Ревидираната дозвола, врз основа на Инвестицискиот договор од 2021 година, многумина ја сметаат за прилагодување на барањата на компанијата, овозможувајќи поинтензивно искористување на ресурсите на регионот.
Ажурирањето на проектот на Елдорадо од февруари 2025 година и изјавите на компанијата ставаат акцент на тоа дека проектот е „од светска класа“ и дека ќе се управува според високи стандарди, нагласувајќи инженерски решенија, ригорозни програми за следење и економски придобивки за локалната заедница. Тие посочуваат на специфични планови за управување со јаловината и инвестиции во локалната инфраструктура.
СЕМЕЈСТВОТО БОБОЛАС – ВО ЕДНА РАКА РУДНИЦИ, ВО ДРУГАТА МЕДИУМИ
Во проектот на рудниците на Халкидики е вмешано богатото грчко семејство Боболас, истакнато во грчкиот бизнис и медиуми,пред се преку нивниот удел во градежната компанија Елактор. Елактор, пак е главен акционер во Хелас Голд СА, компанија- ќерка на канадски Елдорадо Голд, одговорна за работењето на контроверзните рудници за злато и бакар Скуриес.
Семејството има сопственички удели во неколку големи грчки медиуми, што во грчката јавност честопати се посочуваше како судир на интереси, при што извештаите сугерираа дека нивните медиуми негативно ги претставуваа протестите против рудниците или објавуваа статии во поддршка на рударските проекти.
Јоргос Боболас, кој почина во 2023 година, беше патријарх на семејството, а неговиот син Леонидас Боболас сега е извршен директор на Елактор.
Критичарите, главно грчки еколошки здруженија и иницијативи, тврдат дека социјалните и еколошките прашања не се решени и дека неизвесностите, особено во врска со долгорочното однесување на јаловината и променливите режими на врнежи. Како рудникот ќе ги промени балансите на подземните и површинските води, на ионака со вода оскудните предели на крајбрежјето, како ќе се складира и следи јаловината и дали пошумените падини можат значајно да се обноват по децении ископување, се само дел од прашањата на кои инвеститорот не дава издржани одговори. Тие го нагласуваат недостатокот на независни, транспарентни и јавно проверени студии.
Локалното противење не е ново. Повеќе од една деценија Халкидики е театар на постојани протести, правни борби и периодични судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се спротивставуваат на големото рударство на тврди карпи во пејзаж ценет по шуми, маслинови градини и крајбрежни села. Тензиите ескалираа во февруари 2013 година, противењето на рудникот експлодираше кога десетици маскирани мажи вооружени со молотови коктели го нападнаа Скуриес. Откако запалија булдожери, камиони и преносни кабини што ѝ припаѓаа на грчката подружница на Елдорадо, Хелас Голд, групата користеше барикади од стебла од дрвја за да ја спречи полицијата да стигне до местото. Во времето на нападот, како и денес, Грција беше управувана од десничарската партија Нова демократија.
Кратко по нападот, тогашниот министер за заштита на граѓаните, Никос Дендиас, отпатува во Скуриес и побара сторителите да бидат уапсени. Ова резултираше со притворање на 33 локални активисти.
Во официјалните документи на компанијата проектот рудник во Скуриес е претставен како порфирно наоѓалиште од светска класа, со повеќедецениски потенцијал и ги нагласуваат инженерските контроли, плановите за управување со јаловината и инвестициите во локалната инфраструктура – вклучувајќи ги и обврските за кои велат дека ќе ги поддржат општинските приходи и локалните услуги. Јавните поднесоци и презентациите на Елдорадо презентираат мерки за ублажување на животната средина, а компанијата ги нагласи програмите за рециклирање, рекултивација и мониторинг како составен дел од работењето.
Сепак, независните извештаи и анализите на активистите покренаа суштински технички и процедурални прашања. Критичарите велат дека проценките на влијанието врз животната средина што ги користел проектот ги претставиле ризиците од поплави и врнежи од дожд како помали, потпирајќи се на конзервативни историски претпоставки за врнежи од дожд, потценувајќи го зголемувањето на екстремните временски услови предизвикано од климатските промени. Тие исто така укажуваат на нерешени дилеми за тоа како управувањето со рудничките води – вклучувајќи го складирањето на јаловина и потенцијалната киселинска дренажа – ќе влијае на подземните води и крајбрежните води од кои зависат локалните заедници. Овие критики тврдат дека резултатот би можел да биде долгорочна штета за земјоделството, безбедноста на водата за пиење и биодиверзитетот.
Уништувањето на шумите за пристапни патишта, отворени јами и помошни објекти е мерливо и непосредно; секое ископување од големи размери ќе ја промени хидрологијата и почвите, а јаловиштата секогаш носат огромен еколошки ризик ако не се дизајнирани, изградени и следени според строги стандарди, велат критичарите на овој проект за рудник на Халкидики.
Тие нагласуваат и дека недостасуваат независни, транспарентни хидрогеолошки и еколошки студии, програми за мониторинг и јасен механизам за надзор на заедницата врз еколошките перформанси. Регулаторниот апарат на Грција и неодамнешните посети на владини претставници на локацијата укажуваат на политичка поддршка за проектот од актуелната грчка Влада.
Социјалните и правните последици за локалното население се, исто така, огромни. Демонстрантите на Халкидики се соочија со апсења и гонења, а меѓународните набљудувачи и групите за човекови права документираа конфронтации меѓу жителите и властите, со обвинувања за употреба на прекумерна сила врз цивили.
Во меѓувреме, компанијата продолжи да бара финансирање и, во 2023 и 2024 година, склучи големи договори за финансирање за да го продолжи работењето на рудниците Скуриес – знак дека проектот би бил финансиски одржлив дури и покрај тоа што социјалниот контекст останува оспорен.
(Фото: Renewable.gr)
Југослава Дуковска
Аналитика








