ПОВЕЌЕ

    КАКО МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ УСПЕАЈА ДА ГО ЗГОЛЕМАТ БОГАТСТВОТО во услови на криза?

    Време зa читање: 5 минути

     Граѓаните не треба да се жалат на лоша финансиска состојба, бидејќи од почетокот на годинава го зголемиле богатството со кое располагаат и ги намалиле финансиските обврски. И покрај сѐ уште присутната инфлација и зголемените трошоци за живот, македонските граѓани успеале да издвојат средства за да стекнат поголем финансиски имот. Вкупниот финансиски имот на домаќинствата, покрај депозитите во банките, ги вклучува и другите облици на штедење и финансиско вложување (како што се вложувањата во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските фондови, вложувањата во инвестициските фондови и во осигурувањето на животот, готовите пари во оптек и слично).

    Вкупниот финансиски имот на домаќинствата во земјава на крајот од првиот квартал годинава изнесува 752,7 милијарди денари, што е рамно на 84% од македонскиот бруто домашен производ. Во првите три месеци граѓаните го зголемиле своето богатство за 34,1 милијарда денари. Тоа е квартален раст од 4,7%, објави Народната банка на Република Македонија. Финансиските средства ги зголемиле за 30,1 милијарда денари, а обврските ги намалиле за четири милијарди денари. Финансиските средства со кои располагаат граѓаните се 114% од БДП, а нивниот долг само 27,8% од БДП.

    Анализата што ја направи порталот „Пари“ покажува дека најголем придонес за растот на финансискиот имот на граѓаните во првиот квартал имаат зголемените вложувања во капитал и во акции и удели во инвестициски фондови, каде што завршиле 17,2 милијарди денари. За три месеци обезбедиле и раст од 5,3 милијарди денари на готовите пари со кои располагаат и на депозитите, а во осигурителни полиси вложиле 4,1 милијарда денари.

    Почетокот на годината носи промени и во однос на структурата на финансискиот имот на граѓаните. Драстично е намален уделот на готови пари и депозити во банките во вкупниот финансиски имот, споредено со претходните години, додека капиталот и акциите/уделите во инвестициските фондови и понатаму се најзначајна ставка во финансискиот имот на домаќинствата.
    Истовремено, за 2,7 милијарди денари го намалиле долгот по основ на кредити кон банките и се раздолжиле за уште 1,3 милијарди денари по основ на останати обврски. На крајот од првиот квартал, вкупниот долг на домаќинствата изнесува 248,9 милијарди денари. И понатаму граѓаните најмногу им должат на банките, на кои отпаѓа 94% од вкупниот долг на населението.

    Компаниите се во дебела негатива

    За разлика од граѓаните, компаниите во земјава се во голема негатива. На крајот од првото годинешно тримесечје нивната нето-финансиска вредност е негативна и изнесува 1.070 милијарди денари. За три месеци е зголемена за 27,1 милијарда денари, односно за 2,6%. Ова значи дека компаниите имаат поголеми долгови од вредноста на капиталот и средствата со кои располагаат. Вредноста на финансиските средства со кои располагаат изнесува 136% од БДП, а вредноста на нивниот долг е 255% од БДП.
    Компаниите во земјава вкупно должат 567,3 милијарди денари и за три месеци направиле нов долг во износ од 9,7 милијарди денари, главно поради задолжување во странство. Најмногу се задолжуваат во банките и во странство. Податоците од Народната банка покажуваат дека во првиот квартал ги зголемиле и вкупните средства со кои располагаат за 31,6 милијарди денари.
    Во минус се и финансиските друштва во земјава, кои на крајот од првиот квартал имале негативна нето-финансиска вредност од 26,8 милијарди денари, што е влошување од 20,3 милијарди денари во однос на претходниот квартал.

    И државата е во длабока дупка

    Негативната нето-финансиска вредност на државата во првиот квартал од 2024 година изнесува 219,4 милијарди денари. Влошена е за една милијарда денари, односно за 0,5% на квартално ниво. Негативата во најголем дел е резултат на долговите на централната власт. Средствата со кои располага државата учествуваат со 39% во БДП, а обврските на државата се 64% од БДП.
    Во првиот квартал државата успеала да ги зголеми финансиските средства за 15,7 милијарди денари, но и финансиските обврски за 16,7 милијарди денари. Па, уште повеќе е влошена финансиската состојба. Државата најмногу се задолжила по основ на кредити и должнички хартии од вредност.
    „Анализирано од аспект на секторите, домаќинствата и секторот странство се нето-кредитори и ги финансираат останатите сектори во националната економија (нефинансиските друштва и државата), кои се нето-должници. Финансискиот сектор и натаму има речиси избалансирана нето-финансиска позиција. Структурата на средствата на националната економија укажува на тоа дека нема значителни промени, при што нефинансиските и финансиските друштва имаат најголемо (речиси подеднакво) учество, потоа следуваат домаќинствата, како и државата којашто е со најмало учество во вкупните средства на националната економија. Во структурата на вкупните обврски, нефинансиските друштва имаат најголемо учество, по што следуваат финансиските друштва и државата. Домаќинствата имаат најмало учество во вкупните обврски на националната економија“, стои во извештајот на НБРМ.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично