Компјутерите што се инсталираат за копање на Биткоини во Македонија се лесно подвижни за пренос од објект во објект, а дополнително и се големи потрошувачи на електрична енергија (еден корисник може да потроши и колку 15 до 20 домаќинства).
Потрошувачката сепак зависи од графичките картички кои се инсталираат – поновите серии се со помала потрошувачка меѓутоа во државата таквите се поскапи и недостапни и се користат постара серија на графички картички кои трошат ел.енергија и создаваат топлина, па дополнително се потребни вентилатори кои се исто дополнителни потрошувачи на електрична енергија.
-За ваквите РИГ компјутери потребниот пресек за напојување е поголем од стандардниот пресек на кабел 4џ16мм2 кој што напојува едно домакинство и дополнително доколку се повеќе компјутери броилата не се во можност да мерат, па затоа нелегално инсталираат двојни напојувања од кои едното е директна кражба на електрична енергија, појаснуваат од ЕВН.
ЧЕСТИТЕ ДЕФЕКТИ НА МРЕЖАТА ГИ ИЗДАВААТ КОПАЧИТЕ
Откривањето на копачите најчесто е проследено со појава на чести дефекти на местата каде се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и со специјални уреди анализатори на потрошувачка, како и со контроли на напојни точки каде енормно се зголемува потрошувачката, а истата не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите.
-Доста често пријави имаме и од самите потрошуваци кои бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејки го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија. Вакви дојави и расправии кај самите потрошувачи е забележана и на самите интернет портали каде се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и отстранат компјутерите кои копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа. Постојат непотврдени информации дека поединци од салоните кои продаваат графички картички истовремено им нудат на купувачите и објект за сместување на РИГ компјутерите, со поволна кирија и со ветување дека нема да плакаат електрична енергија, велат од дистрибутивната компанија.
Од ЕВН Македонија предупредуваат дека последиците од нелегално користење на струја за копање Биткоини се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците, на кои им се нарушува нормалното снабдување, а и во екстремни случаи може да настанат и пожари поради претовар.
Редакција Пари