Кафето одамна престана да биде само пијалак – тоа е културен и економски феномен, секојдневен ритуал без кој милиони луѓе ширум светот велат дека не можат да го започнат денот. Денес се консумираат околу две милијарди шолји кафе дневно, а глобалната побарувачка постојано расте, поттикната од брзорастечките пазари како Кина и Индија, како и од популарноста на специјалните и ладните кафени пијалаци. Во последната деценија, пазарот на кафе забележа импресивен раст, достигнувајќи вредност од над 370 милијарди долари според податоците на Меѓународниот трговски центар, а во 2023 година беше проценет на речиси 495,5 милијарди долари.
Но зад овие бројки се кријат големи предизвици за индустријата. Џузепе Лаваца, претседател на светскиот гигант „Лаваца“ за Би-Би-Си предупредува на повеќекратните притисоци со кои се соочува секторот – нестабилноста на цените на суровините предизвикани од климатските промени, геополитичките ризици кои го нарушуваат транспортот и глобалната економска неизвесност поврзана со царините. Токму овие фактори ја прават иднината на индустријата понеизвесна, иако побарувачката за кафе никогаш не била поголема.
САД се најголемиот увозник на кафе во светот, со вкупна вредност од 69,2 милијарди долари во последните десет години. Потоа следуваат Германија со 41,9 милијарди и Франција со 28,9 милијарди долари, додека Италија, Канада, Белгија, Шпанија, Јапонија, Холандија и Швајцарија заедно учествуваа со дополнителни 238,5 милијарди долари. Вкупно, десетте најголеми увозници сочинуваат повеќе од 64% од светскиот увоз на кафе. Од другата страна на синџирот стои Бразил, кој останува најголем извозник со вредност од 360,3 милијарди долари во изминатата деценија, далеку пред Швајцарија и Колумбија.
Интересен пример за брзиот раст на глобалната кафе-индустрија е Турција. Увозот на кафе таму скокна од 153,4 милиони долари во 2015 година на речиси половина милијарда долари во 2024 година – раст од 224%. Најголем дел од кафето доаѓа од Бразил, со вредност од 1,7 милијарди долари, а зад него се Холандија, Италија, Германија и Колумбија. Истовремено, Турција бележи и раст на својот извоз, кој во последната деценија достигна над 350 милиони долари.
Кафето е истовремено страст, навика и голем бизнис. Секторот се шири преку синџирите на кафулиња, специјализирани пијалаци и нови пазари, но мора да одговори на сериозни глобални предизвици за да ја задржи својата стабилност. Она што започнало како семејна традиција во Торино пред речиси еден век, денес е симбол на една индустрија што постојано се менува и ја обликува секојдневната култура на милијарди луѓе низ светот.