Случајот со Еудостандар банка не доби правна разврска. Иако постојат и сомненија и бројни материјални докази, во годините наназад не е покренато ниту едно обвинение, реагираат оштетените штедачи.
Нивното соопштение го пренесуваме во целост:
Раководните лица на поранешната Еуростандард банка се наоѓаат под сериозни сомневања за сторен организиран криминал, по отворањето на кривичната истрага од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција уште во февруари 2021 година. Постојат сомневања дека станува збор за систематско и свесно делување на повеќе лица од управниот и надзорниот одбор на банката, со цел проневера, злоупотреба на службена положба и финансиска измама во значителен обем.
Како што е познато, постојат индиции дека во текот на повеќе години, осомничените раководни лица од поранешната Еуростандард банка ја користеле банката за одобрување на ненаплатливи кредити на поврзани фирми, пренос на средства кон поврзани лица, како и за манипулација со финансиски извештаи, со што биле доведени во заблуда депонентите и јавноста.
Според сомневањата, ваквото координирано дејствување претставува класичен пример на организирана криминална група, чија цел била лично и незаконско богатење на штета на доверителите и депонентите. Не станува збор за банкарски ризик или лошо управување – туку за класичен грабеж од луѓе кои седеле на врвот на банкарската пирамида.
Граѓаните кои имаа депозити во банката беа обесштетени преку Фондот за осигурување на депозити до законскиот лимит, но се уште сите правни субјекти и некои физички лица останаа со неподмирени побарувања.
И покрај јасните сигнали и мноштво материјални докази, досега нема поднесено обвиненија, ниту притвори, што ја зголемува недовербата кај оштетените, но и кај јавноста. Апелираме до обвинителството за итно и целосно расчистување на случајот и преземање на одговорност од сите кои биле дел од оваа финансиска криминална операција со значајни последици.