ПОВЕЌЕ

    КАДЕ ЌЕ ЈА ДОЧЕКААТ НОВАТА ГОДИНА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ – избор има, но цените се повисоки

    Време зa читање: 4 минути

    И годинава македонските граѓани Новата Година и Божиќните празници ќе ги пречекаат според личните желби и финансиските можности, а туристичките понуди покажуваат дека интересот повторно е насочен кон комбинација од домашни дестинации, европски метрополи, но и подалечни и поегзотични патувања. Цените на новогодишните аранжмани во просек се за околу 10 проценти повисоки од лани, но изборот е разновиден и нуди опции „за сечиј џеб“, од скромен дочек во регионот до луксузни празници на далечни континенти.

    Дел од граѓаните ќе останат во земјава и ќе ја дочекаат Новата година во туристичките центри и во главниот град, како и на планинските места. За празниците традиционално се барани зимските дестинации како Маврово, Берово и Попова Шапка, каде што атмосферата, снегот и планинскиот воздух се главниот мотив за одмор, додека други ќе останат во Скопје и ќе се одлучат за прослави во ресторани, хотели или во домашна атмосфера. Овие избори најчесто се водени од желбата за пократок одмор и помали трошоци, но и од навиката празниците да се поминат поблиску до дома, во кругот на семејството или пријателите.

    Според туристичките агенции, најголем интерес и годинава има за европските градови, каде што новогодишните аранжмани најчесто опфаќаат три или четири ноќевања со појадок и организиран превоз. За Италија, односно престој во Рим, цените за новогодишен пакет за двајца се движат од 620 евра па нагоре, во зависност од хотелот, датумот на поаѓање и агенцијата. Франција е исто така меѓу најбараните, а дочекот на Новата година во Париз чини од околу 800 евра, со понуди што достигнуваат и до 2.000 евра за покомфорни аранжмани и подобра локација.

    Голем интерес има и за Шпанија, велат од туристичките агенции, каде што цените за новогодишни патувања во градови како Мадрид или Барселона се движат околу 1.300 евра за четири ноќи за двајца, додека за подолги тури низ региони како Андалузија цените се и повисоки, над 1.300 евра по лице, со вклучени разгледи.

    Турција традиционално останува меѓу најатрактивните избори за празниците. Новогодишниот аранжман за Истанбул за четири ноќи се движи од околу 450 евра за основен пакет, без дополнителни прошетки и организирана новогодишна прослава, па до околу 1.000 евра за покомплетни понуди со сместување и појадок.

    Од регионот, повторно доминира интересот за Црна Гора, а особено за Будва, каде што новогодишната атмосфера со концерти на отворено секоја година привлекува голем број гости. Тука цените за тридневен или четиридневен престој со автобуски превоз и сместување се движат од околу 110 до 150 евра по лице, односно од 350 до 450 евра за двајца, зависно од типот на сместување. Грција исто така е меѓу најбараните, со аранжмани за Атина од 350 до 460 евра за двајца за четири ноќи, додека петдневните патувања на Пелопонез се движат околу 390 евра за двајца.

    Покрај класичните европски дестинации, туристичките понуди покажуваат дека сѐ поголем број граѓани ги користат новогодишните и божиќните празници за подалечни патувања. За Обединетите Арапски Емирати, односно престој во Дубаи, шест ноќевања за двајца чинат околу 2.400 евра, а интерес има и за егзотични дестинации како Малдивите, Сејшелите или Занзибар, каде цените се значително повисоки, но побарувачката расте од година во година.

    Иако интересот за новогодишните патувања е малку послаб во споредба со лани, понудата е поголема и поразновидна, а граѓаните сѐ почесто се одлучуваат празниците да ги поврзат со патување, културни разгледи и нови искуства. Од скромен дочек во регионот до празници во светските метрополи и егзотични дестинации, изборот останува богат, а Новата Година и годинава ќе се слави каде што срцето сака и џебот дозволува.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично