Образованието е најдобриот механизам за подигнување на свеста кај младите за здравите навики и грижата кон личното здравје. Здравствената писменост е застапена во сите одделенија, нагласи министерката за образование и наука, Весна Јаневска, говорејќи на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“. Работнилницата е во организација на Аналитика Тинк Тенк.
„Нашиот воспитно – образовен систем е структуриран така што здравствената писменост е застапена во сите одделенија во редовните предмети, посебно во природни науки, а од оваа учебна година воведовме и нов изборен предмет во VII одделение ‘Учам за моето здравје’ и со поддршка на Светската здравствена организација изготвивме упатство за наставници за начинот на предавање на материјата која опфаќа и аспекти посветени на здравствените последици од користењето тутун и електронски цигари“, рече Јаневска.
Говорејќи за мерките кои се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката издвои дека годинава со законски измени основните и средните училишта се задолжени покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци.
„Во новата учебна година МОН и БРО заедно со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал и Меѓународната федерација Лајонс Клуб ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење на цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Нагласи дека секогаш постои простор за унапредување на здравствената писменост во училиштата и дека институциите работат во таа насока.
„Образованието е жива материја и се прилагодува на времето и трендовите. Имам очекувања дека токму од оваа работилница, споделените различни искуства и практики ќе помогнат сите ние да ги надградиме националните политики“, рече Јаневска.
На работилницата чија цел е да поврзе претставници на медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните партнери, да поттикне посилна соработка и да ја истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази во согласност со приоритетите за интеграција во ЕУ, покрај претставници на државните институции и граѓанскиот сектор во земјите од регионот, учествуваа и професори од Факултетот за јавно здравје при американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“.