Народната банка е посветена на развојот на институционалниот капацитет на своите вработени, но исто така ги пренесува и своите знаења, професионално искуство и најдобри практики во областите кои се предизвик за другите институции во земјите од Југоисточна Европа и пошироко. На ова укажа директорката на Дирекцијата за статистика при Народната банка, Снежана Јанеска-Поповска, која учествуваше како предавач на Работилницата за финансиската статистика, во организација на Центарот за извонредност во финансиите. ЦЕФ е меѓународна организација која функционира како центар за размена на знаења и соработка во нашата конституенца. Темите што се обработуваа на Работилницата се однесуваа на различните практични и концептуални аспекти на составувањето на статистиката на финансиските сметки, со осврт на секторите и финансиските инструменти, конзистентноста на националните секторски сметки, изворите на статистички податоци, изготвувањето податоци за состојбите и тековите, преку искуствата на неколку европски централни банки, ЕЦБ и ММФ.
Во своите презентации насловени „Од кого на кого – практично решение за составување статистика на финансиските сметки“ и „Хартии од вредност по хартии од вредност ‒ за пресметување на должничките хартии од вредност и капиталот“, Јанеска-Поповска се осврна на клучните аспекти поврзани со статистиката на финансиските сметки што ја изготвува Народната банка. Се говореше за развојот на оваа статистика преку воспоставување модерен пристап „од кого на кого“, кој овозможува детален преглед на финансиските врски врз основа на финансиските инструменти помеѓу секторите во националната економија, како и со секторот странство.
Исто така, се осврна на предизвиците и практичните решенија во процесот на составување на финансиските сметки, зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка, методолошките аспекти, изворите на податоци и техничкиот систем. Во втората презентација беше истакнато значењето за интегрираниот и грануларниот пристап во прибирањето и составувањето на податоците за хартиите од вредност, со осврт на чекорите коишто ги презема Народната банка за обезбедување на овие податоци, како и практичните решенија за пресметка на двата финансиски инструменти – должничките хартии од вредности и акциите.
Учесниците на работилницата покажаа голем интерес за практичните чекори за составување на финансиските сметки во Народната банка, при што во рамките на презентациите беа разменети мислења и искуства. Тоа овозможи продлабочување на знаењето на учесниците и даде поширока слика за понатамошните чекори за развој на финансиските сметки во повеќе централни банки во регионот.
Работилницата за финансиската статистика е еден од низата едукативни настани од областа на централнобанкарското работење во организација на ЦЕФ, а учеството на Народната банка претставува уште еден позитивен пример за долгогодишната успешна соработка помеѓу двете институции.