Хрватскиот туризам, кој со години важеше за еден од најсилните адути на економијата, трет пат по ред ја бележи истата загрижувачка траекторија – пад во ноќевањата и стагнација на вкупниот сообраќај. Ова лето најавите за послаб резултат во шпицот на сезоната беа чести, а неодамна објавените податоци на системот eVisitor го потврдија токму тоа: август помина со помал број странски гости и пократки престои во споредба со истиот месец минатата година.
Во бројки тоа изгледа вака – странските туристи во август оствариле 27,25 милиони ноќевања, што е намалување од околу 2 проценти, додека домашните туристи го задржале речиси истиот обем од лани. Пристигнувањата на странските гости останале на минатогодишното ниво (4,46 милиони), а домашните бележат раст од околу 4 проценти со вкупно половина милион пристигнувања. Со други зборови, вкупната туристичка слика за август е негативна – помалку ноќевања во однос на претходната година, а тоа значи и ограничен раст на приходите.
Регионално, најизразен пад е забележан на Кварнер, каде ноќевањата се намалени за околу 4 проценти. Потоа следуваат Шибенско-книнската и Истарската околија со минус од два проценти. Исклучок е Загреб, кој во август привлече нешто повеќе странски гости, и тоа во услови кога останатите делови на земјата бележат намалување. Во делот на домашниот туризам, позитивни бројки има во четири региони – Дубровничко-неретванската, Сплитско-далматинската, Личко-сењската околија и повторно главниот град.
Од почетокот на годината до крајот на август, резултатите изгледаат нешто подобро – има 1 процент повеќе странски пристигнувања и 8 проценти повеќе домашни, со ист број странски ноќевања како лани и плус 3 проценти кај домашните. Но кога се сумираат сите податоци, тоа значи само блед раст од 2 проценти во пристигнувањата и 1 процент во ноќевањата, што е далеку од она што се очекуваше во година со силни прогнози.
Клучен проблем се странските пазари. Германија, која традиционално е најзначаен извор на туристи за Хрватска, бележи пад од 6 проценти во ноќевањата во август – тренд што се повторува веќе три години по ред. Холанѓаните, особено важни за кампинг-сегментот, имаат уште поголем минус – двоцифрен пад трета сезона по ред. Слично е и со Чесите, кои оствариле 5 проценти помалку ноќевања, додека Италијанците се намалени за околу 3 проценти. Унгарија е нов пазар кој годинава се приклучи на негативната листа со пад од 6 проценти.
Во структурата на сместувањето повторно доминираат апартманите, но токму таму е најголемото намалување – 3 проценти помалку ноќевања во август. Камповите исто така бележат пад од речиси два проценти, додека хотелите едвај успеале да останат во позитивната зона со минимално зголемување од 1 процент.
Иако официјалната статистика на прв поглед покажува стабилност, суштината е поинаква: растот е минимален, а падот на најсилните странски пазари и слабата структура на капацитетите се сериозни сигнали дека хрватскиот туризам влегува во период на стагнација со видливи ризици за натамошен развој.