ПОВЕЌЕ

    ИЗВОНРЕДЕН ПРВ КВАРТАЛ ЗА АЛКАЛОИД: Раст на продажбата од 11%, нови вработени 99, инвестирани 3,6 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Алкалоид низ изминатите години докажа дека долгорочните планови акцентирани на развој на нови производи и модерна технологија, инвестирањето во човечки капитал и развој на продажбата на странски пазари е добитна комбинација за успешна корпоративна приказна. Ако на сето тоа се надоврзе и перцепцијата на инвеститорите за една од најликвидните акции и можностите за развој на индустријата во која што делуваат, може да се каже дека правилно го истрасирале патот кон успехот.

    Од аспект на тоа како финансиски го стартуваат првиот квартал од 2022 година, бројките говорат за следното:

    Големото АЛКАЛОИДОВО СЕМЕЈСТВО брои 2.619 вработени, од кои 2.015 се во базата во Скопје, а 604 се вработени во подружниците во странство. Во првите три месеци од 2022 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 99 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од  нето износ од 30.000 денари.

    АЛКАЛОИД со раст на консолидираните продажби од 11 %, со 99 нови вработувања во земјава и со инвестиции во износ од 219 милиони денари во периодот јануари – март 2022 г.

     Приходи од продажби

     Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2022 година продажбите достигнуваат 2.696.313.187 денари, што е за 12 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3.623.625.996 денари, што е за 11 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

    Продажби според региони

     Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 9 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Од вкупните консолидирани продажби 33 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 67 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 9 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

    Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 146 %), Полска (раст од 114 %), Романија (раст од 102 %), Бугарија (раст од 69 %), САД (раст од 51 %), Албанија (раст од 24 %), Црна Гора (раст од 15 %), Косово (раст од 11 %), БиХ (раст од 8 %), Србија (раст од 7 %) итн.

    Продажби според групи производи

     Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 89 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 24 %, препаратите ОТЦ со 20 %, кардиолошките препарати со 15 %, невролошките препарати заземаат 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 11 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 %, козметиката со 6 %, а билкарството учествува со 2 %.

    Инвестиции

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2022 година изнесуваат 218.577.091 денари, што е за 22% повеќе во споредба со истиот период во 2021 година.

    Резултати од работењето

     Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 534.547.162 денари, бележи зголемување од околу 4 %, додека, единечната нето-добивка изнесува 298.147.012 денари и е зголемена за 5 %.

    Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 637.917.566 денари и бележи раст од 5 %, додека, консолидираната нето-добивка во износ од 361.453.045 денари е зголемена за 4 %.

    При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.

    Податоци за акциите

    Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2022 година се движеше од 16.385,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 18.257,95 денари за една акција, што претставува раст од 31,2 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 31.03.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.179 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 25,7 милијарди денари.

    Очекувања за претстојниот период

     Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.

    Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.

    Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично