Граѓаните да внимаваат доколку добијат СМС порака наводно испратена од УЈП! Во пораката се бара да извршат задолжителна пријава на лажна веб страница – https: ujp-gov.mk/potvrda.
Затоа, од Управата за јавни приходи апелираат:
„ГРАЃАНИ, НИКАКО НЕ ОТВАРАЈТЕ ЈА ОВАА ЛАЖНА ВЕБ СТРАНИЦА, БИДЕЈЌИ ОД ВАС БАРА ДА ПОПОЛНИТЕ ПОЛИЊА СО ВАШИТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ, ПОДАТОЦИ ОД ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА, И ДА ПРИКАЧИТЕ СЛИКА ОД ВАШАТА ЛИЧНА КАРТА“.
Воедно предупредуваат дека споделувањето на личните податоци преку лажната веб страница може да биде злоупотребено.
„Веб страницата е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи. Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба“, се вели во соопштението до јавноста, при што е прикажано и како изгледа лажната веб страница.
Случајот е пријавен во МВР.
Инаку, лажниот домеин има големи сличности со вистинскиот – на УЈП. Разликата е речиси незабележлива, бидејќи се работи за тире, односно цртичка. До страницата на Управата се доаѓа преку ujp.gov.mk, а лажниот пристап е ujp-gov.mk.
На лажната страница се бара да се внесат сите лични податоци – име, презиме, адреса, град, датум на раѓање, е-маил и телефонски број. На крајот стои „продолжи“ и со кликање се преминува на податоците за платежната картичката. Од имателите се бара да го внесат бројот на картичката, рокот на важност и трите бројки од задната срана, односно кодот.
По кликањето на „продолжи“ се доаѓа до личната карта. Се бара потврда на идентитет со прикачување на личната карта, прво на предната, па со отворање на наредниот прозорец и на задната страна.
Потоа следи пренасочување кон УЈП, односно на вистинската адреса каде што се поднесуваат даночните пријави. Веројатно, воопшто не е случајно што измамниците токму во овој период ја регистрирале лажната страница.
За измамата предупредија од Сојузниот комитет на програмери на Република Македонија, од каде што споделија порака:
„Нов обид на фишинг. Внимавајте и пренесете на роднините и на пријателите да не наседнуваат. Ми пристигна СМС порака од +389 75 835 246 со содржина: УЈП: Извршете ја задолжителната пријава `https://ujp-gov.mk/potvrda`. На линкот има повеќе форми каде што се бара да се пополнат лични информации (име, презиме, адреса, детали од платежна картичка и фотографии од лични документи). По пополнување на формите, страницата пренасочува кон сосема друга платформа“.
Инаку, лажната веб-страница е регистрирана на шести февруари.
По објавувањето на информацијата за интернет измамата со УЈП, наведената лажна веб-страница повеќе не е во функција. Место неа, стои извинувањето: „Во моментов се соочуваме со големи оптоварувања. Ве молиме проверете повторно за неколку минути“.