ПОВЕЌЕ

    Иста работа, различна плата: Женскиот труд во Македонија е за 14% помалку платен од машкиот

    Време зa читање: 3 минути

    Исто ниво на образование, иста работна позиција, а платите се различни. Правилото е непишано, но функционира насекаде, мажите се подобро платени од жените. Денес е 18 септември – Меѓународен ден на еднаква плата. Ден кога во светот се констатираат разликите присутни и на ова поле. Во меѓувреме, поголеми промени не се случуваат.

    Разликата во машко-женските плати кај нас е речиси 14 проценти. Податоците датираат од 2022 година, а се застапени во публикацијата на Државниот завод за статистика – „Жените и мажите во Северна Македонија, 2025“. Оттука и потврдата дека македонските жени и натаму се соочуваат со значителен родов јаз во платите и на пазарот на трудот, и покрај тоа што се подоминантни по бројноста во вкупното население. Според податоците од последниот попис, во земјава има 922.015 жени и 905.801 мажи, во сооднос 50,4 : 49,6 проценти.

    На пазарот на трудот разликите се очигледни: стапката на вработеност кај жените во 2023 година изнесува 37,9 проценти, додека кај мажите е 55,9 проценти. Родовиот јаз во стапката на вработеност достигнува 18 проценти. Жените поретко се јавуваат во улогата на работодавачи – само 27,2 проценти, а во неформалното вработување нивното учество е 28,2 проценти. Генерално, помалку се застапени и во формалното вработување со 44,1 процент. И најголемиот број неплатени семејни работници се исто така – жени (9.387).

    Статистиката вели – платниот јаз е особено изразен. Во 2022 година, просечната годишна бруто-заработувачка кај мажите изнесувала 615.725 денари, додека кај жените била 532.625 денари, што е претставено со разликата од околу 14 проценти. Истиот тренд се гледа кај месечните примања: кај мажите 51.470 денари, кај жените 44.881 денар. Најголемиот расчекор е забележлив кај возрасната група од 45 до 49 години. Но, и кај вработените со високо образованиепросечната бруто-часовна заработувачка кај мажите е 429 денари, а кај жените 349 денари. Или, помалку за 19 отсто.

    Споредбата во пошироки рамки покажува – Македонија (со своите 14 %) е блиску до просекот на Западен Балкан. Со Србија сме на истото ниво, во Црна Гора разликата е над 15 насто, во Албанија 11 насто. Но, е над просекот на Европската унија (12,7 %). Сепак, меѓународните организации предупредуваат дека во земјите од регионот постои и „скриен јаз“, бидејќи концентрацијата на жени е во нископлатените сектори и почесто работат во неформалната економија.

    Според Светскиот економски форум, глобалниот родов јаз во заработувачката изнесува околу 20 проценти. Притоа, направените проекции воопшто не се оптимистички. Доколку се задржи ваквиот тренд, ќе бидат потребни повеќе од 100 години за целосно надминување на економската нееднаквост меѓу мажите и жените.

    Експертите истакнуваат дека решенијата се комплексни. Конкретно, треба да се насочат кон зголемување на транспарентноста во платите, но и да се поттикнува вклучувањето на жените на високо платени и лидерски позиции. Исто така, се посочува и кон поддршката за комбинирање на работните обврски и семејство, како и на активни политики за родова еднаквост. Во тој контекст и препораките, дека без целосно искористување на потенцијалот на жените, економиите не можат да растат со полна сила.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично