Блок трансакции се редат последниве денови со најтргуваните акции на берзата. Познати купувачи стекнуваат нови акции од Комерцијална банка, Алкалоид, Стопанска банка Битола, Гранит.
Во берзанската статистика се регистрирани три блока со хартиите од вредност на Комерцијална банка, реализирани од понеделникот до вчера. Преку нив е извршена купопродажба на вкупно 532 акции, за кои се платени над 215 илјади евра.
Идентични се вчерашната и завчерашната трансакција. И во двете прометот е 3.976.000 денари или 64,6 илјади евра, купени се по 160 акции кои се платени по цена од 24.850 денари. За сто денари е повисоката цената (24.950 денари) по која е пресметана вредноста на понеделничкиот блок. Тогаш во 212 акции биле вложени 5.289.400 денари, односно 86 илјади евра.
Со акцијата на Комерцијална банка вчера се тргувало и на официјалниот пазар. Истргувани се 1.096 акции и направен е промет од 27.076.900 денари (440,2 илјади еввра). Просечната цена е 24.705,20 денари и бележи негативна дневна промена од 0,35 проценти.
Последователно, во вторник, среда и четврток се бележат блок-трансакциите со акциите на најуспешната домашна фармацевтска компанија. Во 510 акции на Алкалоид се инвестирани 11.778.450 денари, што е противвредност на 191,5 илјади евра.
Иако во секој од блоковите количината е иста – по 170 акции, нивната вредност е различна. Најмногу е платено за вчерашниот пакет, 3.944.850 денари (64,1 илјада евра), затоа што единечната цена е 23.205 денари. Во средата една акција чинела 23.080 денари, а целиот блок 3.923.600 денари (63,8 илјади евра). Најниската цена е платена во вторникот – 23.000 денари за акција и 3.910.000 денари (63,6 илјади евра) за целиот блок.
Инаку, месецов, поточно на први ноември, имаше две блок трансакции, со вкупно 481 акција на Алкалоид и вредност од 174,4 илјади евра.
Во текот на вчерашниот ден, пак, во тргувањето е постигната просечна цена од 23.991,57 денари (+029% дневна промена), па со 408 акции има промет од 9.788.560 денари или 159,1 илјада евра.
На 13 и на 14 ноември се реализирани блоковите преку кои во сопственост на познат(и) купувач(и) преминале 1.496 акции издадени од Стопанска банка Битола. Вкупниот промет е 4.936.800 денари, односно 80,3 илјади евра.
Единечната цена за акција е иста, 3.300 денари. Вчерашната тарнсакција опфаќа 691 акција и вреди 2.280.300 денари (37 илјади евра), а таа од средата – 805 акции платени 2.656.500 денари (43,2 илјади евра).
Три месеци по ред акцијата на битолската банка е меѓу петте најбарани на берзата, а во тој период забележани се и чести блок-трансакции.
Во дневната статистика на Македонска берза е нотирана и блок транскацијата со хартиите од вредност на Гранит. Вложени се 3.260.000 денари, односно 53 илјади евра во две илјади акции. Платени се по цена од 1.630 денари. Акциите на градежната компанија се меѓу десетте најтргувани на берзата.