ПОВЕЌЕ

    ИНВЕСТИЦИСКИ БРАН ОД 120 МИЛИОНИ ЕВРА: Над 1.500 нови работни места и офанзива против невработеноста

    Време зa читање: 2 минути

    Со ветување за нови работни места, засилен економски раст и пресврт на пазарот на трудот, Владата најавува нов силен инвестициски бран што треба да ја придвижи економијата во наредниот период. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека државата е во завршна фаза на потврда на три значајни странски инвестиции, од Германија, Турција и Грција, со вкупна вредност меѓу 110 и 120 милиони евра, кои ќе отворат повеќе од 1.500 нови работни места.

    Инвестициите ќе бидат насочени кон три стратешки сектори: автомобилската индустрија, високите технологии и фармацијата. Турската инвестиција ќе се реализира во делот на автомобилската индустрија, германската во областа на високите технологии, додека грчката ќе биде во фармацевтскиот сектор. Дел од производствените капацитети ќе бидат лоцирани во индустриската зона во Тетово, а останатите во индустриските зони во Скопје. Според најавите, се очекува овие инвестиции да добијат и втора фаза, а паралелно се водат разговори и со уште десетина потенцијални инвеститори, додека дел од веќе присутните компании ги прошируваат своите капацитети.

    Премиерот оцени дека станува збор за „жесток инвестициски циклус“ кој директно е насочен кон намалување на невработеноста и подобрување на животниот стандард. Како поткрепа на оваа оценка, тој се повика на најновите податоци од Државниот завод за статистика, според кои бројот на вработени во октомври годинава за првпат ја надминал границата од 705 илјади лица, додека бројот на невработени е намален на околу 91 илјада. Во споредба со истиот месец лани, Македонија има околу седум илјади повеќе вработени и исто толку помалку невработени.

    Владата, како што беше истакнато, очекува со нов закон и дополнително „филтрирање“ на евиденцијата на невработени, веќе во 2026 година за првпат да се постигне едноцифрена стапка на невработеност. Во таа насока, за активните мерки за вработување во Буџетот за следната година се планирани околу 2,4 милијарди денари, односно рекордни 40 милиони евра, кои ќе се реализираат преку оперативниот план за вработување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично