ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ВЕСНА ЈАНЕВСКА: Ако имаме квалитетни наставници, ќе имаме квалитетни млади луѓе

    Време зa читање: 13 минути

    Ако сакате да уништите еден народ, намалете го квалитетот на образованието. Оваа порака од јужноафрикански професор се цитира со години. Секогаш е во контекст на укажувањата за падот во македонското образование. А за тоа ‒ дали конечно е допрено дното, како предуслов за залет угоре, во интервјуто за Пари зборува министерката Весна Јаневска, која има увид во состојбите на двете страни, и како долгогодишен универзитетски професор и како човек што се нафатил да ги среди, барем делумно, работите во овој ресор.

    Пари: Што се промени од Вашето доаѓање во ресорот образование? Дали е надмината хаотичната состојба и кои се најголемите резултати што можете да ги издвоите?

    Јаневска: Од моја лична гледна точка, многу се промени. Ќе се обидам да набројам неколку значајни елементи коишто се променија. Прво што направивме е тоа што сменивме наставни програми што со години не беа менувани. За разлика од минатото, кога имаше недостиг од учебници, сега тој процес драстично го стабилизираме. За новите програми за седмо одделение и за прва година имаме комплет нови учебници, за цели генерации. Следната година продолжуваме со нови програми за осмо одделение и за втора година гимназија, а понаредната година за деветто одделение и за трета година гимназија. Ќе остане само за четврта година гимназија. Овој процес е веќе стабилизиран и сметам дека можеме да кажеме дека е затворен. Набавивме и учебници по странски јазици, за првпат по многу години, во основното образование. Ако има проблеми и во средното, и таму ќе набавуваме странски учебници. Сметам дека направивме сериозен чекор кон стабилизација и подобрување на еден дисфункционален систем што сега го правиме функционален. Од ретрограден почнуваме да градиме прогресивен систем.

    Постојано потенцирам дека наставниците се главната алка во образовниот систем и значајно е што ги ослободивме од мислата или од товарот за нивната финансиска состојба. За разлика од минатото, кога тие секоја година стравуваа како ќе се справат со инфлацијата, сега имаме договор во кој велиме дека следните четири години, додека трае мандатот на оваа влада, тие имаат обезбедено покачување на платите.

    Во мода е дигитализацијата на целото општество, вклучувајќи го и образованието. Ги опремуваме училиштата со дигитални апарати, со мрежна опрема, но дигитализираме и процеси. Инвестициите во инфраструктурата одземаат многу време и енергија. И покрај тоа што затекнавме празен буџет, успеавме да го надминеме тоа. Сметам дека навистина направивме одреден исчекор што води кон подобрување на целокупното образование.

    Пари: Може ли да се смета дека учебниците се решен проблем, со оглед на реакциите што сѐ уште ги има? И, дали конечно е воспоставен стабилен план за нивна навремена изработка и достапност?

    Јаневска: Дефинитивно. Како што веќе е познато во јавноста, имавме нов закон, кој годинава го тестиравме првпат и се покажа дека е добар и функционален, за разлика од минатите години, кога минатата власт велеше дека не е функционално и не можат да го направат тоа. На мое големо задоволство, барем за новите учебници за седмо одделение и за прва година, добиваме позитивни повратни реакции од наставници. Бидејќи системот е веќе воспоставен, сметам дека ова прашање навистина можеме да го затвориме и во иднина нема да имаме никакви проблеми со учебниците. Континуирано ќе има учебници, како што се менуваат програмите така ќе имаме нови учебници за цели генерации. И, да, постојат одредени жалби од одредени родители и тие проблеми се обидуваме на најдобар можен начин и законски да ги решиме. Јас сум многу отворен човек, мислам дека и опозицијата малку ја поткрева темата, со цел сега, пред избори, да спечали некој глас повеќе. Но, тоа е нивно легитимно право. Тоа што јас го тврдам е дека овој проблем е веќе решен затоа што системот почна да функционира.

    Пари: Дали ова значи дека сите нелогичности што ги имаше уште од поодамна во учебниците, се исчистени?

    Јаневска: Да, сето тоа е исчистено во новите учебници. Барем досега нема ниедна поплака. Ако се појави, секако дека ќе се коригира. Има некои проблематични делови во учебниците кои сѐ уште се во употреба. И за овие што јас ги затекнав како веќе готов производ, на коишто се жалеа наставници и ученици, ги информиравме издавачките куќи и дел од тие грешки се поправени. Но, грешки од типот Албанија се наоѓа на исток, а Бугарија на запад, нема. Дури и да се појави таква грешка во старите учебници, нема да ги препечатуваат така, ќе ги задолжиме издавачите да ги поправат тие грешки. Сметам дека во рок на оваа и следната година дефинитивно ќе имаме учебници на ниво.

    Пари: Постојано има ревизии на наставните програми и постојано дел од наставната и стручната јавност ги оценува како пренатрупани и неусогласени со возраста на учениците. Кои се согледувањата на МОН?

    Јаневска: Апсолутно не се согласувам со ова тврдење. Одреден број, но помал број родители се жалат дека децата имаат преобемен материјал. Анализите што ги направило Бирото за развој на образованието, анализите што ги направи МОН во соработка со Бирото, велат дека материјата е соодветна со возраста на децата. Тоа што постојано го кажувам е – нашите ученици имаат 900 часа помалку до 15-годишна возраст од децата во Европската Унија. Затоа, пак, ние се залагаме за подолг престој на учениците во училиштата, но ниеден стручњак во оваа земја не кажал дека материјата не е соодветна на возраста. За да се даде некакво тврдење, треба да има научна и стручна поткрепа. Личен мој став и како човек и како министер е дека работа на децата е да учат. Никој од учењето не видел штета. Напротив, штета имаат младите луѓе тогаш кога не знаат, кога немаат квалификации, кога немаат вештини потребни за да го живеат сопствениот живот што е можно подобро. Мора да знаеме дека знаењето бара време и вложување труд, интерес, но и мотивација на децата.

    Пари: Може ли да се зборува за квалитет на образованието, кога сите напори се насочени кон оценките, како виза за упис во средно, па на факултет? Голем е процентот на одлични ученици, а на меѓународните и на тестирањата при уписите, резултатите се поразителни.

    Јаневска: Точно така. Минатата година, ако не се лажам, беше во гимназијата „Орце Николов“, сега во „Георги Димитров“, и имаме апсолутен доказ дека оценките не се еквивалент на знаењето. Имаме скроз одлични ученици што освоиле 45 од вкупниот број поени, што не е ни половина. Образованието е општествена категорија. За да го подобриме, треба да се вклучат повеќе фактори. Образованието е дел од целото општество. Какво ни е општеството, такво ни е образованието. Оттука, јас велам, ние сериозно долг период на нашите родители, на нашите наставници и на нашите најмлади, како општество сме им давале несоодветни примери за успех. Необразовани луѓе коишто на брз начин стигнале до големи материјални добра, еден пример кажав, а има многу. Во земја во која корупцијата царува долги години, тие тоа го гледаат, тоа го учат. Сега правиме сериозни чекори да воспоставиме образовни норми, да воведеме вистински вредности и морал во образованието, сите заедно. Мислам дека еден мал исчекор имаме, на матурата имавме малку подобри резултати. Исто така, имаме бројни наши ученици што освојуваат медали на меѓународни олимпијади и натпревари. Тие се доказ дека имаме одреден квантум што може да повлече.

    Пари: Дали сметате дека постојното ниво на средното образование одговара на потребите на пазарот на трудот, особено во стручните училишта?

    Јаневска: Сметам дека средното стручно образование ѝ носи просперитет на државата и е еден од клучните елементи во образовниот систем. Имаме воведено, сега и законски ги легализиравме дуалните паралелки и учење преку работа. Тоа значи дека вклучуваме компании во образовниот систем. Учениците влегуваат во тие компании и праксата ја спроведуваат таму. Значи, ги изучуваат процесите коишто се потребни за компанијата. Кога компанијата е задоволна од резултатот на учениците, ги вработува затоа што има потреба од нив. Овој процес, кој се одвива за унапредување на средното стручно образование, дава резултати и ние, во соработка со коморите и компаниите, го зајакнуваме. Тое е и една од мерките за зачувување на младите во државава.

    Пари: Македонските универзитети изостануваат од светските рангирања. Значи ли тоа дека државата воопшто или многу малку инвестира во знаењето?

    Јаневска: Не мислам дека недоволно инвестираме во високото образование. Годинава имавме еден од најголемите буџети во историјата на МОН. Инвестираме и во високото образование и во науката, особено годинава дадовме бројни проекти и за базични научни истражувања и за паметната специјализација, што е стратегија на државата. Покачени им се платите на професорите, мотивирани се да работат повеќе. Но, не зависи сѐ од инвестицијата на Министерството. Треба да се направи нов закон за високо образование и ноз закон за научно-истражувачка дејност, затоа што постојните не мотивираат, не стимулираат напредок. Се надевам дека релативно брзо ќе ги донесеме. Предвидуваме промена на студиските програми, ем да сме во тек со она што се случува во светот, но и за да го пополниме пазарот на трудот според неговите потреби. За да биде земјата успешна и просперитетна, треба да го задоволиме пазарот на трудот. Не очекуваме дека за две-три години ќе се придвижиме до првите 500 на Шангајската листа, но искрено се надевам дека од дното, околу 2.000-ти, ќе се придвижиме стотина места угоре, во првиот период, а потоа континуирано нагоре. Вложивме големи средства и обезбедивме пристап до две огромни светски бази, Web of Science и Scopus, каде што се објавуваат најновите, најактуелните истражувања, кои ќе им помогнат и на професорите и на истражувачите.

    Пари: Што се случи со стипендиите што ги додели претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, со услови кои ги обврзуваа стипендистите – ако не се вратат во земјава, да ги надоместат искористените пари?

    Јаневска: И тука направивме промени. Стипендистите што ги финансираше државата се наши амбасадори во светот. Тие што ќе се запишат на некој од првите сто универзитети од Шангајската листа се вредни, умни, одговорни деца, но, за жал, сметаме дека договорите што ги потпишуваа не беа соодветни и не можеа да се имплементираат. Направивме други услови и договори, за да може студентот што ја добива стипендијата да почувствува одговорност кон сопствената држава којашто вложува во него. Ги најдовме, направивме база на наши стипендирани студенти, ги исконтактиравме. Дел од нив, околку 40 насто, се во државата и главно работат во приватни компании, но дел останале во странство. Тие направија здружение на алумни на државата, „Мостови“, и се обврзаа на некој начин да ѝ возвратат на државата. Освен што им помагаат на други студенти и во странство и во земјата, почнаа да се поврзуваат и со одредени институции. Имаат соработка со Државниот завод за статистика, со Театар Комедија, со неколку средни училишта… Но, за сегашните стипендисти ќе водиме сметка да им понудиме соодветно работно место. Тие се враќаат од третиот универзитет во светот за да прифатат работа овде. За да ги искористиме, треба да им понудиме соодветно вработување, каде што ќе можат да го дадат максимумот и да го пренесат тука тоа што го научиле во странство.

    Пари: Дали државата има механизам да ги задржи стипендистите тука или практично финансира образован кадар за странските пазари?

    Јаневска: Секако дека има. Дел од механизмите ќе се наоѓаат и во законот за високото образование, дел во законот за научно-истражувачка работа, и ќе воспоставиме систем на комуникација со коморите, затоа што и приватните компании им се привлечни.

    Пари: Со оглед на платите, сигурно дека приватниот сектор е попривлечен…

    Јаневска: Мора да признаеме дека дел од компаниите, на пример, овие во информатичката технологија, се малку понапред од државата. Но ќе ги стигнеме, тие ќе ни помогнат и ќе биде изнивелирано и избалансирано како што треба.

    Пари: Партизацијата се наведува како еден од главните виновници за состојбата во образованието. Се согласувате ли со тоа?

    Јаневска: Не можам да не се согласам. За жал, јавна тајна е дека имало партиски вработувања, но отсекогаш, откако првпат сум забележала дека такво нешто е можно, сум се борела на која било позиција да сум била, и како професор преку разговори со студентите, и со колегите и со надлежните институции. Во образованието треба да е присутен само квалитетот. И вие почнавте со: „Ако сакате да уништите една држава, уништете го образованието“. Образованието не смее да биде место на партиски вработувања, туку место на квалитетни вработувања. Имаме квалитетни наставници, ќе имаме квалитетни млади луѓе. Сите како општество треба да се заложиме оваа негативна појава повеќе да не постои.

    Пари: Може ли и образованието да се вброи меѓу главните причини за иселувањето?

    Јаневска: Можеби не меѓу најглавните, но образованието влијае на иселувањето на младите од државата. Тие имаат право и сакаат да се стекнат со модерно и квалитетно образование. Затоа, како држава сме должни да им го овозможиме тоа. Менуваме наставни програми, а во соработка со универзитетите и студиски програми. Новиот закон за високо образование ќе предвиди, но тоа го прават универзитетите сами, не е законот главната алка. Тие имаат автономија. Но, и во новиот закон, за да им помогнеме, предвидуваме мирување на одредени студиски програми, ако треба да обноват, реакредитираат или ќе акредитираат сосем нови… Тоа го правиме во заедничка соработка, за да им овозможиме модерно образование. Но, преземаме и други чекори. Веќе се споменува дуалното образование и во високото образование, што покажува добри резултати во одредени западноевропски земји. Друга мерка е да се вмрежат нашите со странски факултети, па да направат двојна диплома. И тука веќе имаме напредок. Преземаме одредени мерки што се во надлежност на МОН. Со задоволство можам да кажам дека со универзитетите имаме партнерски однос. По долги години, за првпат не се гледаме како спротивставени страни, напротив, како целина којашто сака да придонесе за подобрување на образованието. Тој процес се движи, но во образованието ништо не може да биде од денес за утре.

    Пари: Имате ли јасна визија за тоа како образованието ќе изгледа по завршувањето на Вашиот мандат?

    Јаневска: Искрено и многу длабоко во душата се надевам дека ќе изгледа многу подобро од она што го затекнав минатата година. Сè што кажав дека е направено и се прави, ми дава за право да мислам дека ќе биде подобро. Колку подобро ќе биде, ќе видиме на крајот од мандатот, ако издржам четири години, овде министрите се менуваат на година и пол. Но, сеедно, ќе видиме на крајот од мандатот. Јас ќе сторам сѐ што можам да работам на многу паралелни фронтови, се разбира успешно, не е поентата да отвораме фронтови и да немаме никаков успех, за да можам на крајот од мандатот да кажам – да, направивме десет, само десет, но сериозни и успешни чекори. Ако бидат повеќе, ќе бидам уште позадоволна.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично