 Карпошанин по раѓање, семеен човек, дипломиран економист, тоа е Сотир Лукровски, кој очекува дека во недела ќе се стекне со можноста да менаџира со Карпош. Има идеи како да ја моделира општината по теркот на граѓаните и да докаже дека локалната власт навистина работи за доброто на сите.
Карпошанин по раѓање, семеен човек, дипломиран економист, тоа е Сотир Лукровски, кој очекува дека во недела ќе се стекне со можноста да менаџира со Карпош. Има идеи како да ја моделира општината по теркот на граѓаните и да докаже дека локалната власт навистина работи за доброто на сите.
Во предизборието ги изнесе своите согледувања и идеи, а во интервјуто за Пари вети: Ќе бидам градоначалник кој секојдневно е меѓу луѓето, кој ги слуша потребите на луѓето, ги разбира и носи одлуки во интерес на заедницата, а не на поединци.
Пари: Кој е Сотир Лукровски, кому граѓаните од Карпош треба да ја дадат својата доверба?
Лукровски: Jас сум реализиран човек кој целиот свој живот го живее во Карпош меѓу истите луѓе, улици и паркови што денес заслужуваат многу повеќе грижа и внимание. По професија сум дипломиран економист, со долгогодишно менаџерско искуство во приватниот сектор, каде што научив дека успехот се постигнува само преку работа, отчетност и јасна визија.
Во оваа градоначалничка трка влегувам со чесна намера и чиста совест. Верувам дека со труд, транспарентност и соработка ќе го изградиме Карпош со кој повторно ќе се гордееме. Ќе бидам градоначалник кој секојдневно е меѓу луѓето – кој ги слуша потребите на луѓето, ги разбира и носи одлуки во интерес на заедницата, а не на поединци.
Јас сум еден од оние карпошани кои не можат и не сакаат да останат неми на тажното секојдневие во Карпош и затоа сум сигурен дека Карпош може подобро и ќе биде подобро, во недела кога сите заедно ќе се обединиме за промена.
Пари: Како жител на Карпош, што би промениле веднаш, без двоумење, доколку го преземете управувањето со Општината?
Лукровски: Во најкраток рок ќе ја исчистам општината – ќе воведам нулта толеранција кон ѓубрето, нередот по улиците и запуштеноста на парковите. Ќе ставам крај на проблемот со уличните кучиња преку системско и хумано решение, а не со привремени импровизации. Ќе стопирам сè што се гради без план, а сите спорни урбанистички планови (ДУП-ови) ќе бидат предмет на темелна ревизија.
Како најгорлив проблем, итно ќе пристапиме кон решавање на паркирањето во Карпош – преку изградба на катни гаражи на повеќе локации, со цел ослободување на улиците, намалување на метежот и враќање на просторот за граѓаните.
Општината веднаш ќе се отвори за вистинска соработка со граѓаните – транспарентно, одговорно и со јасна визија за Карпош каков што сите заслужуваме.

Пари: Кои се позитивните нешта во Карпош и кои востановени добри практики би ги продолжиле?
Лукровски: Карпош има голем потенцијал, но денес се наоѓа во најлоша состојба досега. Сосема спротивно на ветувањата од изминатите четири години, речиси ништо не е реализирано. Граѓаните секојдневно се соочуваат со ѓубре на улиците, запуштени јавни простори и диви депонии кои никој не ги чисти. Тротоарите се небезбедни за пешаците, особено за повозрасните и за децата.
Управувањето со отпадот е катастрофално – дивите депонии постојано се појавуваат во сите делови на општината, без никакви системски мерки од локалната власт. Ова не е само естетски, туку и сериозен здравствен и безбедносен проблем.
Иако понекогаш се делат ситни субвенции, тие не се решение – туку обид да се прикрие неактивноста и недостатокот на вистински резултати. На Карпош му треба реална акција, а не козметика и бесмислен театар.
Итно е потребна ревитализација на инфраструктурата, ефикасно управување со отпадот, зголемена безбедност и транспарентно работење на општината. Карпош заслужува да функционира како современа, чиста и уредена општина – а сегашната состојба е недостојна за граѓаните и срам за сите што живееме овде.
Пари: Најавивте ревизија на сите урбанистички планови и стопирање на бетонизацијата. Сигурен сте дека ќе имате сила да се спротивставите на градежните пориви?
Лукровски: Апсолутно. Нашата цел е развојот на Карпош да биде зелен, паметен и одржлив. Ќе спроведеме целосна ревизија на сите урбанистички планови, со активно вклучување на експерти и граѓани. За таа цел ќе се формира јавно претпријатие „Карпош План“, кое ќе ја води ревизијата и ќе ги спроведува урбанистичките политики на професионален, транспарентен и независен начин.
Сите одлуки ќе се темелат на стручни и законски критериуми, со приоритетна заштита на зеленилото, инфраструктурата и квалитетот на животот на жителите. Инспекциските служби ќе имаат јасна задача да ги контролираат сите градби, а секој проект што не ги исполнува стандардите ќе биде стопиран.
Карпош не треба да се дави во бетон – треба да расте хармонично со природата. Со конкретни мерки, транспарентни процедури и силна граѓанска контрола ќе обезбедиме развој кој е одржлив, уреден и во вистински интерес на сите жители.

Пари: Во Карпош сѐ уште има зеленило и уредени простори каде што жителите се дружат и се релаксираат. Ќе пристапите ли кон дополнително зазеленување и внесување нови содржини?
Лукровски: Да, дополнителното зазеленување и внесувањето нови содржини се меѓу моите клучни приоритети. Карпош има потенцијал да стане најзелената општина во Скопје – со нови паркови, пошумени површини, велосипедски патеки и современи системи за наводнување. Жителите заслужуваат маала со свеж воздух и урбани оази за одмор, рекреација и поквалитетен живот.
Планирано е уредување на мега парк долж реката Лепенец, кој ќе создаде модерен зелен простор од Бардовци до Злокуќани. Парковската зона ќе опфати пешачки и велосипедски патеки, зелени коридори и простор за рекреација. Дополнително, со проектот „Мега парк 1020“, планирани се содржини како ботаничка градина, терен за голф, картинг патеки и простор за семеен и активен одмор.
Општина Карпош ќе воспостави рекреативна зона долж подножјето на планината Водно. Ќе опфаќа мрежа на велосипедски и пешачки патеки со неколку стартни појдовни точки до комплексот Македонско село, како и летниковци, рекреативни простори и пошумување со најмалку 10.000 нови садници.
Со реализацијата на овие проект, Карпош ќе добие ново белодробно зеленило, повеќе јавни простори за активен и здрав живот во природна средина, а општината ќе стане почиста, поубава и поодржлива. Карпош ќе добие најголемата зелена иницијатива во историјата на општината.
Пари: Дадовте многу ветувања кои се однесуваат на сите карпошани, од најмалите до највозрасните. Мислите дека во еден мандат можете сето тоа и да го исполните?
Лукровски: Jас не ветувам невозможни работи. Ветувам дека ќе работам чесно, плански и со јасно мерење на резултатите. Ќе имаме прецизна агенда по години и квартали, така што секој жител ќе може јавно да види што е реализирано и каде се вложуваат ресурсите. Не ветувам чуда – но ветувам секојдневна работа за Карпош да стане поубав, поправеден и пофункционален за сите генерации.
Мој приоритет ќе биде реализација на проекти што носат видливи и конкретни резултати – уредени јавни простори и паркови, нови зелени површини, подобрена инфраструктура и поддршка за младите, семејствата и повозрасните лица. Со систематски пристап, транспарентност и активно вклучување на граѓаните, верувам дека голем дел од нашите цели ќе станат реалност во рамките на еден мандат.
Пари: Бизнисот вели дека општината може да биде и партнер и пречка. Како Вие ја гледате таа релација – како предизвик, можност или обврска?
Лукровски: Бизнисот е природен партнер на општината, но секогаш во рамки на јасни, фер и транспарентни правила. Ќе создадеме чиста и предвидлива бизнис средина за сите компании што сакаат да инвестираат во Карпош, со посебен фокус на поддршка за малите и средни претпријатија. Општината мора да биде вистински сервис – партнер што помага и поттикнува развој, а не институција што создава пречки или условува.
Пари: Дали верувате дека може да се води општина без партиски калкулатори – со вистинска отвореност и отчетност кон граѓаните?
Лукровски: Да, верувам дека општината може и треба да се води без партиски калкулатори, и токму тоа е суштината на мојата кандидатура. Политиката мора да се врати во служба на граѓаните, а јас ќе бидам градоначалник на сите – без оглед на партиска, етничка или каква било друга припадност. Секоја одлука ќе се носи транспарентно, а секој граѓанин ќе има можност да се информира и активно да учествува во процесот.
Ќе воведам дигитална апликција Мој Карпош преку која жителите директно ќе можат да поставуваат прашања и да даваат предлози и сугестии за нови проекти. Дополнително, ќе објавуваме редовни извештаи за реализирани проекти, буџетски расходи и планови за развој, така што секој ќе има јасна слика за тоа како се управува со ресурсите на општината. Само со искреност, отчетност и активно вклучување на граѓаните можеме да ја вратиме довербата дека локалната власт навистина работи за доброто на сите Карпошани.
Маја Анастасова
 Аналитика
 Аналитика



 
                                     
                                    




