Во време кога лидерството сè почесто се поврзува со одговорност и вредности, а не само со титули и позиции, предизвиците пред менаџерите стануваат посложени од кога било. Како да се најде балансот меѓу профитот и долгорочната репутација, како да се изгради организациска култура во која талентот е поважен од предрасудите, и како лидерите да останат доследни на интегритетот дури и кога тоа значи донесување на непопуларни одлуки – се прашања што бараат зрелост, храброст и визија.
За овие теми разговаравме со Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на „Млекара АД Битола“, кој во интервју за порталот Пари ги сподели своите лични гледишта и практични примери за тоа што значи вистинско лидерство во денешни услови.
Интервјуто е дел од серија разговори во рамки на конференцијата „Бизнис Лидер“, која ги обединува највлијателните сегашни и идни лидери во Македонија со цел размена на идеи, визии и вредности за иднината на бизнисот.
ПАРИ: Кога велите дека лидерството е обврска, а не титула, кои најголеми предизвици ги имаат лидерите денес, кога треба да го покажат тоа во практика?
ПЕТРУШЕВ: Најголем предизвик во лидерството е да се водите сам себе. Да ја надминете сопствената суета, сопственото его и ваш предизвик да биде тоа каква вредност ќе оставите во организацијата во која работите, во пошироката општествена заедница, каква трага ќе остане зад вас кога нема да бидете во таа организација, наместо да мислите каква привилегија можам да добијам додека сум лидер на таа организација. Како лидери, ние сме под лупата на нашите вработени, на нашите деловни партнери, на потрошувачите, на јавноста, а тие од нас очекуваат да покажеме одреден интегритет, да ја оправдаме довербата којашто ни е дадена. Не би требало да очекуваат да сме совршени. Очекуваат да сме енергични тогаш кога треба да донесеме одлуки за коишто сметаме дека се исправни во моментот, дури и ако не се популарни. И, се разбира, да бидат подготвени на тоа дека некогаш и ќе згрешиме. Да не инсистираме на тоа дека секогаш сме во право, затоа што низ сопствените грешки ние и се надоградуваме, односно се градиме како лидери. Истовремено, од нашите соработници не треба да очекуваме потчинетост, туку напротив, треба да очекуваме, а и да поттикнуваме опкружување во кое тие ќе можат да кажат свое мислење, ќе можат слободно да зборуваат, да искажат и спротивно мислење и во тоа не гледам ништо страшно ниту лошо. Затоа што низ таа заемна интеракција напредува организацијата и ние, како нејзин тим.
ПАРИ: Споменавте дека некогаш треба да се стави вредноста пред профитот. Можете ли да споделите како лидерите практично ја оправдуваат ваквата одлука пред акционерите и инвеститорите?
ПЕТРУШЕВ: Пред сѐ, и акционерите и инвеститорите треба да прифатат, а за среќа во организацијата во која јас работам го имаат тоа прифатено, дека репутацијата и долгорочноста во развојот на една компанија е клучот. Понекогаш можеби треба да се донесат одлуки кои не помагаат финансиски во резултатот во моментот, дури можеби и му наштетуваат, меѓутоа долгорочно помагаат во одржувањето на репутацијата на компанијата, долгорочно ја зацврстуваат вашата пазарна позиција, а тоа е нешто што со пари не се купува. Значи, ако вие сте подготвени на некакво отстапување што ќе даде ефекти на долг рок, ќе ја зацврсти вашата позиција како лидер или како субјект на пазарот, и потрошувачите ќе ви останат верни дури и тогаш кога конкуренцијата ќе направи нешто што е попопуларно. Ќе илустрирам со пример: во изминатиот период на висока инфлација, цените растеа, вклучително и нашите, но никогаш не пораснаа толку колку што растеа трошоците. Ние, пред сѐ, се трудевме да обезбедиме стабилност затоа што на другата страна имаме потрошувачи кои ќе запомнат дека во даден момент сме биле на нивна страна, сме помогнале толку колку што сме можеле. Притоа, треба да се има предвид дека колку и да се сопствениците општествено одговорни, тие вложиле капитал и носат одредени ризици, а компанијата треба да ја задржи својата способност понатаму да се развива и да инвестира, затоа што без инвестиции нема развој. И тоа е тој деликатен баланс којшто се бара меѓу двете работи – меѓу профитот и вредностите. Во поново време, новите генерации потрошувачи очекуваат компании кои нудат вредности. Лидерството веќе не се мери според тоа колку сте големи, туку какви вредности оставате.
ПАРИ: Ме фасцинира податокот дека повеќе од половина во Вашиот менаџмент се жени. Во овој контекст, како лидерите можат да изградат ваква култура во компании каде што тоа сѐ уште не е практика?
ПЕТРУШЕВ: За почеток, да го тргнат светогледот кој прави разлика по пол. Или нека стават очила кои гледаат талент, а не од кој пол е тој талент. Треба да се негуваат луѓето како такви и нивните вештини и таа разнородност во менаџерските тимови да не биде резултат на наметнати прописи, квоти туку да биде резултат на едно внатрешно чувство, на една внатрешна потреба. Да биде работа на избор.
Катерина Михајлова