ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | МЕМЕД: Халкбанк е силен поддржувач на бизнисот и сериозен, стабилен и лојален партнер на граѓаните

    Време зa читање: 15 минути

    „Една од предностите на нашата држава е таа што македонскиот банкарски сектор е стабилен и поставен на добри фундаменти. Тој има доволен капацитет да ја задржи својата стабилност и да биде важна поддршка за домашната економија. И тоа постојано го докажува. Банкарскиот сектор во изминатите години помина низ неколку поголеми кризи, светската финансиска криза во 2008 година, здравствената криза предизвикана од Ковид-19 и последната што дојде како последица на руско-украинскиот конфликт. И во такви услови успеа да оствари раст и да испорача позитивни резултати, притоа истовремено давајќи силна поддршка и на граѓаните и на стопанството да ја пребродат кризата“, вели Џан Мемед, директор на сектор за маркетинг, продажба и дигитално банкарство на Халкбанк во интервју за порталот Пари.

    Халкбанк е најбрзорастечка во земјата и силен бренд кој влева сигурност и доверба, модерна финансиска институција која го следи развојот на новите технолошки и информатички трендови. Со Мемед поразговаравме за тоа што значи да се биде бизнис-лидер во банкарскиот сектор, за начините на работа и резултатите на Банката, за иднината на банкарското работење, како и за соочувањето со кризите изминативе години.

    ПАРИ: Што значи да се биде бизнис-лидер? Како Халкбанк ја заслужи оваа престижна позиција, со што се издвојува на банкарскиот пазар?

    Мемед: Основна цел на Халкбанк од моментот кога почна да делува на македонскиот финансиски пазар беше да обезбеди најдобри, најбрзи, најсовремени и најсигурни услуги за корисниците. Како модерна финансиска институција го следевме развојот на новите технолошки и информатички трендови и соодветно ги аплициравме на нашите услуги и производи.

    Денес, токму иновативноста во процесите и услугите е една од најсилните карактеристики на нашата банка, која преку употреба на приспособени стратегии создава производи и услуги според потребите на клиентите. Нашите инвестиции во најсовремена технологија обезбедија ефикасност и високи стандарди за квалитет, а многуте иновативни производи и услуги базирани на новите дигитални технологии нè прават предводници во е-банкарството во земјава.

    Би споменал дека Халкбанк е пионер на пазарот во имплементирање на услугата електронско банкарство и е–Банка, како за физички, така и за правни лица за кои прва на пазарот воведе мобилна апликација за Андроид и IOS оперативни системи на APP Store и Google Play. Благодарение на нашата банка домашниот пазар за првпат се запозна со NFC и Contactless технологијата која овозможува бесконтакно и брзо плаќање со Contactless картички што денес стана секојдневие. Халкбанк прва на пазарот ја воведе и PCI DSS сертификацијата за поголема сигурност на банкарските трансакции.

    Од иновативни производи би ги издвоиле и апликациите HalkPay со која мобилниот телефон станува паричник или GarminPay, со која може едноставно и брзо да се плаќа со Garmin часовник преку дигитализација на платежните картички. Халкбанк е меѓу првите банки што има овозможено онлајн отвoрање на депозитен и на кредитен производ, со кои на едноставен начин клиентот може да креира депозит од компјутер или мобилен телефон. За првпат банката понуди и бонус програма за кредитните картички, како и опцијата „Smart Cash“ за повлекување готовина од банкомат без користење картичка, односно со генерирање на код преку електронското банкарство или мобилната апликација.

    Наш најнов иновативен производ се автоматизираните сефови што нудат сигурност и 24/7 достапност до вредните работи на клиентот.

    Ние сме и банка која нуди на пазарот најразлични производи и тоа по најконкурентни услови, како за населението, така и за стопанството. Халкбанк е силен поддржувач на бизнисот во земјата и сме сериозен, стабилен и лојален партнер на граѓаните, стопанството и генерално на целото општество што се препознава од клиентите и придонесува за нашиот постојан раст и позицијата лидер во проширувањето на визијата на банкарскиот систем во Македонија.

    ПАРИ: Последниве години на најголем дел од новоотворените фирми Халк им е првиот избор на матична банка. Како уште ги помагате бизнисите?

    Мемед: Кога зборуваме за правните лица, нашата база на клиенти постојано се зголемува како со веќе етаблирани компании, така и со оние кои штотуку се формирале. Она што не прави особено горди е што последниве години сме прв избор на новорегистрираните компании. Тоа веројатно се должи на фактот што во поддршката на бизнис заедницата Халкбанк посебно внимание посветува на микро, малите и средни претпријатија (МСП) кои се нејзина таргет група од влегувањето на македонскиот финансиски пазар, бидејќи токму тие глобално се движечка сила на економијата. Тие се генератор на работни места низ различни сегменти на општеството, фасилитатор за движење на капиталот, служат како терен за развој на претприемачки дух, придонесуваат за диверзификацијата на економиите и се плодна почва за иновации. Токму затоа, а со цел да им помогне на овие компании да дојдат до финансии и побрзо да растат, за оваа категорија клиенти креирани се низа производи преку кои се поддржуваат нивни тековни потреби за основни средства, обртен капитал и инвестиции.

    Внимателно следејќи ги потребите на пазарот, но и посветувајќи посебно внимание на одредени категории претприемачи, Банката постојано се труди да воведува нови „специјализирани“ производи. Таков производ, меѓу другите е пакетот за жени, чија цел е да се охрабрат жените претприемачи да ги остварат своите идеи и соништа за креирање сопствен бизнис и да ги надминат бариерите во општеството, како и да се изградат и зајакнат капацитетите на женското лидерство. Исто така, со оглед дека во глобални рамки стартапите се многу значаен сегмент кој има огромен потенцијал да влијае на развој на економијата, Халкбанк со призводот Стартап креидитирање ја започна својата мисија за финансирање на следниот бран храбри, неконвенционални идеи кои се подготвени да ги револуционизираат индустриите и да ја обликуваат иднината.

    Валоризацијана на поддршката која се дава на МСП е фактот што веќе неколку години по ред Халкбанк е прв избор на новорегистрираните компании, што значи дека оние што влегуваат во бизнисот веруваат во Банката, во нејзините производи и поддршката која можат да ја добијат за да се развиваат и растат.

    Но, исто така, Халкбанк паралелно со поддршката која ја дава за оваа категорија производи, ги поддржува и големите компании кои во неа препознаваат сигурен партнер. Показател за оваа поддршка на бизнисот во земјава е растот во кредитирањето на правни лица во сите изминати години, кој во некои годиние е дури и 50 проценти. Само ланската година и во услови на затегната монетарна политика, Банката оствари пораст во кредитирањето на корпоративниот сектор од речиси 90 милиони евра и тоа кај сите големини на компании. Притоа, тука морам да истакнам и дека значителни резултати постигнавме и во делот на финансирање на големи проекти кои се во домен на инвестиции во обновливи извори на енергија.

    ПАРИ: Воедно, и граѓаните сѐ почесто се ориентираат кон Халкбанк. По што е препознатлива оваа банка кај населението?

    Мемед: Кога зборуваме за сегментот население, најголем дел од нашите нови клиенти се токму физички лица од кои дел претходно биле или сè уште се коминтенти и на некоја друга банка, но и многу нови кои со своето прво вработување за своја матична банка ја избираат Халкбанк. Причините за избор на нашата банка се различни, од привлечноста на условите кои ги нудат нашите кредитни производи, како станбениот кредит, онлајн кредитот или потрошувачкиот, преку атрактивните камати и условите на депозитните производи, до бенефитите кои се добиваат од тоа да се добива плата преку Халкбанк. Бидејќи како банка постојано водиме грижа за потребите на граѓаните, ја креиравме услугат „Примател на плата” која, покрај обезбедување пристап до паричните средства на тековна сметка, на секој корисник му носи и низа други значајни бенефиции, меѓу кои и дебитни картички со кои можат да се повлекуваат пари од банкомат од било која банка без провизија, дозволен минус, кредитни картички со кои може да се купува на рати, бонус програмата и друго.

    ПАРИ: Како се вклопивте во еколошките трендови и во зелената транзиција? Каква поддршка обезбедувате во таа насока?

    Мемед: Соочени со глобалните еколошки предизвици, транзицијата кон обновливите извори на енергија стана од суштинско значење за одржливиот развој. Како една од водечките финансиски институции во Северна Македонија, нашата банка е посветена на поддршка на оваа транзиција нудејќи приспособени решенија за финансирање проекти за обновливи извори на енергија. Со обезбедување соодветна финансиска поддршка за соларни, ветерни и други иницијативи за зелена енергија, ние им помагаме на компаниите да придонесат за националната енергетска транзиција.

    Изминатите неколку години Халкбанк издвои значителна кредитна поддршка за финансирање на неколку од најголемите соларни централи во Р. С. Македонија и со цел да даде значителен придонес кон процесот на намалување на зависноста на нашата држава од увезената енергија, како и зајакнување на енергетската безбедност, ублажување на влијанијата на климатски промени и намалување на загадувањето на воздухот, како еден од најактуелните предизвици во регионот. Поконкретно, изминатите неколку години Халкбанк придонесе за изградба на проекти од областа на обновливите извори на енергија со вкупна инсталирана моќност од преку 200 MW.

    Проектното финансирање е една од најзначајните активности по што Халкбанка АД Скопје е препознатлива на домашниот пазар. Како водечка банка во оваа дејност, покрај овозможената кредитна поддршка во областа на финансирањето на проекти од областа на обновливите извори на енергија, Халкбанк АД Скопје е активна и во финансирањето на големи инфраструктурни проекти од најразлични индустрии како изградба на станбено-деловни објекти, туризам и угостителство, воздухопловство итн.

    ПАРИ: Како ја оценувате моменталната состојбата на банкарскиот сектор во Македонија?

    Мемед: Една од предностите на Северна Македонија е таа што македонскиот банкарски сектор е стабилен и поставен на добри фундаменти. Тој има доволен капацитет да ја задржи својата стабилност и да биде важна поддршка за домашната економија. И тоа постојано го докажува. Банкарскиот сектор во изминатите години помина низ неколку поголеми кризи, светската финансиска криза во 2008 година, здравствената криза предизвикана од Ковид-19 и последната што дојде како последица на руско-украинскиот конфликт. И во такви услови успеа да оствари раст и да испорача позитивни резултати, притоа истовремено давајќи силна поддршка и на граѓаните и на стопанството да ја пребродат кризата.

    Граѓаните и стопанството имаат доверба во банкарскиот сектор, за што е доказ постојаниот раст како на депозитната база, така и на кредитирањето. Еве, последните податоци на Народната банка за јули покажуваат зголемување на депозитната база и годишен раст од 7,3 проценти. Кредитирањето има идентичен раст од 7,3 проценти на годишна основа.

    ПАРИ: Велиме дека е неопходно забрзување на е-трговијата. Дали македонскиот пазар на е-трговија е подготвен да ги следи сите трендови, обрнувајќи внимание на секој сегмент подеднакво?

    Мемед: Е-трговијата во Македонија продолжува да напредува, прикажувајќи стабилна траекторија на раст во дигиталниот пазар. Понудата на е-трговијата веќе е на едно сосема поинакво ниво споредено со годините пред пандемијата. И повозрасните генерации веќе имаат направено своја прва интернет трансакција, така што можеме да разговараме за унапредени дигитални вештини, иако дигиталната писменост сѐ уште е една од предизвиците со кои се соочуваме во денешно време. Можеме да разговараме за разновидна и поквалитетна понуда на пазарот, повеќе од 2.000 интернет продажни места ја креираат понудата на македонската е-трговија, но не сите се активни учесници во понудата.

    Официјалните податоци покажуваат дека лани, а во однос на 2022 година, Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци потрошиле 25,3 насто повеќе, при што 195,6 милиони евра потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Истовремено, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26,8 милиони евра, што во однос на 2022 претставува пораст од скоро 23 проценти. Во Македонија речиси една половина, односно 44,8 проценти од населението купува онлајн и се проценува дека дека до 2025 година речиси 45 проценти од населението ќе купува онлајн. Ваквите бројки покажуваат дека традиционалното купување и онлајн шопингот ќе ги изедначат бројките на продажба веќе следната деценија. Со други зборови, ако купувате преку интернет, веќе сте запознаени со начинот на кој ќе се одвива трговијата во иднина.

    Тоа значи дека потенцијал постои, но за целосно негово отклучување треба да ги надминеме пречките од типот на дигитални вештини, сива економија, регулатива, достава, доверба во онлајн купувањето, барем до одредено ниво за да може полесно да се посветиме на забрзан раст.

    Инаку, нашата банка е еден од најголемите поддржувачи на е-трговијата во Северна Македонија. Ние ја имаме најдобрата платформа е-комерц за плаќања на пазарот со која, во услови на развој на технологијата и брзината на современото живеење, се олеснува работењето и се овозможува потребите на клиентите да се исполнуваат на брз и едноставен начин. Платформата е-комерц на Халкбанк придонесува да се зголеми приходот, бидејќи преку неа може да се продава 24/7 и исто така дава можност да се нуди поширока палета на производи.

    Ние се трудиме со секој клиент партнерски да влеземе во е-трговијата, а тоа значи заеднички да ги разгледаме поставените цели и интереси на клиентите и да придонесеме во понуда на решението кое најсоодветно одговара на потребите на трговецот. Согледуваме каков тип барања имаат клиентите и што е најдобро да се понуди за нивниот бизнис. Сѐ уште доминираат барањата каде на трговците им треба само едноставно е-плаќање, но во заедничките дискусии со одредени трговци се прифаќаат дополнителни можности.

    Дополнително, Халкбанк делува во насока на стимулирање на продажбата од домашните е-трговци преку креирана кампања за бонус поени кај веб-продавниците. Имено корисниците на кредитни картички издадени од Халкбанк можат да добијат 3 проценти бонус поени ако платат на некоја веб-продавница од листата на е-трговци кои се вклучени во оваа кампања.

    ПАРИ: Развојот на современите технологии и дигитализацијата носат бенефити, но и ризик од сајбер напади. Како се справувате со оваа опасна и актуелна појава?

    Мемед: Развојот на современите технологии и дигитализацијата го постави пред сите предизвикот за заштита од сајбер напади. Меѓутоа, придобивките од дигитализацијата се многу големи, така што она што треба да се прави е постојано подигање на степенот на заштита од вакви напади.

    Народната банка постојано ги следи состојбите со сајбер нападите на глобално ниво и соодветно реагира. Изминативе години беше донесена и посебна подзаконска регулатива со којашто се бара од банките да ги унапредат сигурносните стандарди. Притоа, од банките се бара да обезбедат соодветно ниво на подготвеност од заканите од дигиталниот простор, како за меѓубанкарските плаќања, така и за сите други финансиски активности што ги извршуваат. Финансиските регулатори во глобални рамки веќе ја констатираат неопходноста од преземање координирани меѓународни активности со кои ќе се постигне уште повисок степен на отпорност на финансискиот сектор од нападите на информативните системи.

    Ние како банка посветуваме големо внимание на сајбер безбедноста, бидејќи знаеме дека мотивите на напаѓачите не се ограничени исклучиво на остварување финансиска добивка,туку и кон нарушување на репутацијата, предизвикување нефункционалност на одредена банкарска услуга, нарушување на паричните текови во целиот финансиски систем итн. Токму затоа, уште во 2016 година за сите корисници на дебитни и кредитни картички овозможивме највисоко ниво на безбедност и заштита при нивните интернет плаќања во земјата и странство со воведување на највисоките стандарди за безбедност во интернет плаќањата (3D Secure – Verified by Visa – VbV и MC Secure Code).

    Дополнително, настојуваме и нашите клиенти на некој начин да ги едуцираме за сајбер безбедноста, бидејќи многу често се покажува дека најслабата алка во целокупниот синџир на одбраната е човечкиот фактор. Тоа го знаат и злонамерните корисници и нивната цел е да го искористат овој факт.

    ПАРИ: Големите светски банки ја прифаќаат вештачката интелигенција како корисен изум. Колку е отворена Халкбанк кон примената на ВИ во банкарството, кои се вашите искуства?

    Мемед: Воведувањето на вештачката интелигенција во областа на финансиите има голем потенцијал за банкарскиот сектор – од оптимизација на податоците до можност за обезбедување персонализирани искуства и услуги на корисниците и може да биде една од клучните сили за напредок на банките во иднина. Вештачката интелигенција има потенцијал да поттикне сериозни трансформации во области кои сè повеќе се користат во финансиските услуги, како што се развој на софтвер, синтеза на податоци, заштита од сајбер закани и создавање персонализирани искуства и услуги, па дури и во секторот за човечки ресурси при обука и вработување нови лица

    Истражувачката компанија Гартнер проценува дека 35 отсто од компаниите во светот веќе користат вештачка интелигенција и дека овој процент рапидно ќе расте во наредните години, а предводници ќе бидат компаниите од здравствениот и финансискиот сектор. Банките се во првите редови во воведувањето иновации бидејќи работат на многу динамичен пазар, каде секојдневно влегуваат сè поголем број компании од технолошката индустрија.

    Нашата банка е веќе подготвена за трансформацијата што ќе ја донесе развојот на примената на вештачката интелигенција како во однос на квалитетот на услугите, така и во однос на менување на вештините на човечкиот персонал. Ние ги следиме сите технолошки трендови и го користиме овој потенцијал, а веќе имаме и јасни планови како ќе го воведеме во нашиот систем. Како лидер на пазарот, Халкбанк никогаш не заостанува зад трендовите, но ќе заземеме многу систематски и одговорен пристап кон воведувањето на вештачката интелигенција во нашето работење за клиентите да бидат заштитени и задоволни, а ние како банка да бидеме ефикасни.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично