Жените земјоделки што живеат во руралните средини се соочуваат со многу проблеми. Концептот на еднакви можности означува дека жените и мажите треба да имаат еднакво учество во секој сегмент од живеењето. Земјоделството учествува со околу 10 насто во националниот бруто-домашен производ и во него работи околу 17 насто од работната сила во земјава, а само една третина се жени. Патријархалната структура, локалните обичаи, културните и традиционални општествени норми сѐ уште придонесуваат за лошата социоекономска положба на руралните жени.
По повод 8 Март – Денот на жената, порталот Пари подготви интервју со земјоделката Магдалена Јанчова, која живее во Грљани, ридско планинско село во општина Виница. Таа пораснала во земјоделско семејство, нејзините родители отсекогаш биле земјоделци и сточари. Јанчова ни раскажа дека имале фарма за кози, и многу време од детството, па до факултетот, го поминала во пасење на козите. „Работата, односно помагањето како деца нѐ доведе до дисциплина. Се занимаваме и со пчеларство, кое ми прерасна во хоби, како и градинарство и одгледување цвеќиња“, ни раскажа Јанчова.
Таа споменува дека желбата за земјоделство не е само наследство, туку свесна одлука, бидејќи, како што вели: „Нема поголем благослов од тоа да јадеш своја храна, секој плод во свое време, непрскана, навистина органска.“
Од сите тие производи немаат големо производство, но доволно е тоа што го имаат, вели таа, затоа што продажбата на производите им е само на мало.
„Мене тоа повеќе ми се допаѓа бидејќи го гледаш задоволството кај луѓето, имаш искрена и повратна информација за квалитетот, а со тоа не го гледаш производот само како профит туку како нешто коешто зборува за тебе. Секако, за тоа треба многу повеќе време додека да се стекне доверба, но тоа веќе го имаат изградено две семејства заеднички, односно татко ми и чичко ми“, објаснува Јанчова.
Пари: Зошто е важна родовата еднаквост во контекст на руралниот развој? Кон што треба да целиме?
Јанчова: Прво нешто што ми падна напамет е дека модерниот свет ни носи модерни проблеми. Знам дека во последно време заложбата е да се воспостави родова еднаквост и во руралните средини. Јас би одговарала на прашањата анализирајќи си го сопственото семејство и моите ставови во однос на жената. Па така, можам слободно да кажам дека родова еднаквост постои. Иако статистиките не го покажуваат тоа, така е затоа што секоја ситуација е различна, можеби и најверојатно постојат семејства каде што е потребно да се воспостави родова еднаквост. Има случаи кога по одредени несакани околности жената останува незаштитена, но тоа не е недостиг на родова нееднаквост, туку резултат на испревртени вредности.
Веднаш би се префрлила на прашањето кон што треба да целиме. Треба да целиме кон воспоставување семејни вредности. Тоа подразбира многу повеќе од самата дефиниција за родова еднаквост којашто гарантира дека жената ќе има пристап до ресурси, одлуки и можности. Кога семејните вредности би биле на вистинско ниво, мажот никогаш не би дозволил потребите на жената да бидат незадоволени, да нема пристап до здравствени прегледи, да нема право на одлука во семејството, да биде физички искористена за работа без да биде доброволно вклучена во тоа. Семејните вредности како што се почит и потчинетост еден кон друг ќе ја променат целокупната ситуација не само во руралните средини туку воопшто. Не е решение земјиштето да биде на име на жената, тоа нема да ја заштити. Тоа не е родова еднаквост. Со тоа несвесно жените би си натовариле уште многу повеќе обврски и проблеми, како на пример собирање и поднесување документи за субвенции или проекти. Единствено мажот може, а тоа е и негова улога, да ја заштити жената од секој аспект. Кон тоа треба да се цели, кон такви едукации.
Пари: Со какви проблеми се соочуваат жените во руралните средини, се вреднува ли нивниот труд, имаат ли право на сопственост, имаат ли свои примања и каква е нивната социоекономска положба?
Јанчова: Проблемите со кои се соочуваат жените од руралните средини се системски. Тоа што жените во руралните средини често имаат помал пристап до образование, здравствени услуги и социјална заштита е резултат на тоа што цела држава ни е стационирана во Скопје.
Многу често слушам дека жените често се вклучени во земјоделството и домашната работа, но нивниот труд не се признава формално, ниту е платен. Можеби за некого тоа е проблем. Но, како што реков, би одговорила анализирајќи го сопственото семејство. Никогаш нема да биде проблем дали парите би биле уплатени на сметка на мажот или на жената ако семејството е функционално и ако донесувањето на одлуките е заедничко. Ние како жени не треба да бидеме сконцентрирани на надворешната слика што се прави за нас. На тоа што луѓето би рекле, дека таму се слуша мажот, само затоа што нашата одлука, која е донесена внатре во нашето семејство, надвор ќе ја изнесе мажот. Тоа што формално не сме платени, и тоа што формално ние не ги споделуваме одлуките, не значи дека сме обесправени. Секако, за таков начин на функционирање е потребно тоа што го нагласивме погоре, семејни вредности.
Пари: На кој начин треба да се подобрат условите на руралните жени во
Македонија, особено во контекст на економската нееднаквост и пристапот
до ресурси?
Јанчова: Со овозможување на основните права од страна на државата. Да бидеме реални, во руралните средини сѐ уште се соочуваме со недостиг на вода, пат, струја, интернетски сигнал. Иако тоа можеби не се смета за проблем на руралната жена, тоа е најголем проблем. Сите ќе се сетите дека многу скоро главниот град остана без вода 24 часа, па настана хаос. А замислете како се снаоѓаат луѓето коишто или немаат вода или имаат 2 часа дневно. Друго, ако статистиките велат дека пристапот до образование е ограничен, еден од начините на решавање на проблемот би бил и подобрување на снабдувањето со струја и интернет. Тие се ресурси што мора да им се обезбедат на сите, исто како и пристап до здравствени институции.
Пари: Со оглед на тоа што работите полно работно време во фармација, како
успеавте да ги исполните своите професионални обврски во аптека, да се
занимавате со земјоделство и да посветите време за Вас и Вашиот дом?
Јанчова: Заедничко во овие две работи е тоа што работиме со луѓе. Работата во аптека знае да биде напорна од психички аспект. Мора да бидеме сконцентрирани максимално, да им обратиме доволно внимание на пациентите, да се обидеме да се соживиме со нивните проблеми и да им понудиме решение, што не значи дека само треба да им издадеме лек, туку секогаш мора да се советува и за начинот на живеење, начинот на исхрана. Сето тоа исцрпува психички, па затоа работењето дома, во бавча, или кај пчелите ми претставува одмор.
Морам да нагласам дека земјоделските работи во нашето семејство не се индивидуални работи. Тоа никој не го работи сам туку работиме во заедница. И тоа е тоа што најмногу ми се допаѓа. Заедница каде што обврските ни се поделени на секој според можностите. Сите вложуваме труд и љубов во тоа и си ги завршуваме должностите, а меѓусебно градиме доверба и почит. Затоа и инсистирам на подобрување на свеста кај луѓето за семејните односи.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска