Предизвикот економија и финансии е совладан со просечна оцена 9,97. Иван Трајковски е најуспешниот студент, првенец на генерацијата 2024/2025 на Економскиот факултет при УКИМ. Знаењата практично ги применува во Народната банка, за почеток, како помлад аналитичар во Дирекцијата за операции на финансиските пазари. Наредната цел е докторска титула и што поголеми знаења и искуство во управувањето со ризиците.
Финансиите се комплексна област, но без нивно проучување, без финансиска писменост не може да се стекне финансиска слобода и подобар животен стандард, вели Иван во интервјуто за Пари.
Пари: Како изгледаше патот до просечен успех од 9,97 на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ и што беше најголемиот предизвик за време на студиите?
Трајковски: Патот воопшто не беше лесен. Економијата и финансиите се мошне комплексни области коишто бараат голема посветеност за да се совладаат. Сепак, за мене не претставуваше толку голем предизвик и покрај фактот што за совладување на материјалот до ова ниво беше потребна голема посветеност, затоа што одлучив да студирам нешто што беше моја животна желба. За одлуката, секако, имав целосна поддршка од најблиските. Клучно за мене беше доброто управување со времето и постигнување баланс меѓу академскиот и приватниот живот.
Пари: По завршување на студиите се вработивте во Народна банка. Како го доживеавте преминот од академска средина во една од клучните институции на финансискиот систем?
Трајковски: Преминот беше многу интересен бидејќи имав можност практично да применам дел од тоа што сум го учел четири години. И покрај тоа што лично веќе имав стекнато практично искуство за инвестирање, работата во централното банкарство е нешто посебно и не може да се доживее на друго место. Претставува особена чест што работам во македонска институција што ужива највисок интегритет во очите на јавноста и во целост ги исполнува законските обврски. Работам како помлад аналитичар во Дирекцијата за операции на финансиските пазари, во отсекот за управување со ризици. Дирекцијата во која работам е заслужна за спроведување на монетарната политика и управување со девизните резерви.

Пари: Што Ве мотивираше да се насочите кон финансиската писменост и кои се најчестите предизвици што ги забележувате кај младите кога станува збор за управување со финансиите?
Трајковски: Одамна си ја имав поставено целта за постигнување финансиска слобода и ги следев најголемите светски инвеститори како Ворен Бафет, Чарли Мангер и Лери Финк. На Економскиот факултет во Скопје имав можност да се стекнам со голем дел од потребното знаење за остварување на оваа цел, но имав желба и за пренесување на знаењето за финансиите на другите. За време на моите студии бев делегат во Факултетското и Универзитетското студентско собрание, дел од Наставно-научниот совет на Факултетот, како и член на Сенатот при УКИМ. Во рамките на овие тела, заедно со професорите од Економскиот факултет, успеавме да организираме голем број работилници за подобрување на финансиската писменост кај младите. Во однос на управување со финансиите кај младите, успеав да забележам дека најголем предизвик е барањето брзи резултати, без притоа да посветат дел од своето време во неопходното изучување на начинот на кој функционира финансискиот систем, за што е потребно многу учење. Секако, целата комплексност на финансиите никогаш не може да се пренесе со работилница од само неколку часа.
Пари: Финансиската писменост се наметнува како неопходна вештина. Колку заостануваме, односно напредуваме во описменувањето? И каде, според Вас, македонските граѓани најмногу потфрлаат кога станува збор за личните финансии?
Трајковски: Можам да дадам личен семеен пример – имам братучед што живее во САД, со кого сме иста генерација и тој работи професионално како трговец со деривативни финансиски инструменти. Бев зачуден кога дознав дека тој започнал да тргува опции на акции на свои 16 години и тоа не сам, туку во средно училиште, за време на изборен предмет од областа на финансиите. Јас својата прва акција ја купив додека бев втора година на факултет и тоа се доживуваше за многу рано за наши услови. А, за опции на акции, првпат учевме кон крајот на втора година на факултет. Мора да се нагласи дека целото тргување со сите овие финансиски инструменти се врши на платформи што се достапни и во Македонија и во САД, а по 2018 година немаме никакви правни бариери за тргување. Во Македонија, дополнително, имаме предност во однос на САД поради пониските даночни стапки коишто обезбедуваат граѓаните да задржат повеќе од тоа што ќе го заработат. Мислам дека овој пример дава совршена слика за тоа колку заостануваме во финансиската писменост зад останатиот дел од светот, а во исто време не ги користиме сите можности што ни ги нудат финансиските пазари за да си го подобриме животниот стандард. Според мене, најголемо потфрлање е тоа што во изминатите неколку децении граѓаните своите заштеди ги насочија исклучиво кон депозити во банките или купување недвижности, а целосно ги игнорираат останатите опции за инвестирање.

Пари: Што сѐ треба да се направи во рамки на општеството – институции, училишта, банки и др. за да се подигне нивото на финансиска едукација кај младите?
Трајковски: Во Македонија, ние, младите, сме многу поразлични од претходните генерации. Сакаме повисок животен стандард сличен на тој во Западна Европа и САД, и тоа го сакаме колку што е можно побрзо. Финансиските пазари се една од можностите за постигнување на овие цели, но сами по себе можат да предизвикаат и проблем. Не постои принос без ризик. За остварување на поголем принос неопходно е преземање поголем ризик, но со тоа расте и веројатноста тој ризик да се реализира. Многу млади во Македонија самоиницијативно почнуваат да се образоваат за функционирањето на глобалниот финансиски систем, но ова ги прави подложни на голем број финансиски измами од луѓе што им нудат брза и лесна заработка. Младите, според мене, треба да учат и од луѓе коишто започнале и успешно развиле сопствени бизниси.
Пари: Како млад човек што веќе постигнал извонредни резултати, што мислите дека недостасува во образовниот систем во Македонија за да се подготват студентите за реалниот пазар на труд?
Трајковски: Како некој што имал можност да учествува на работилници и семинари во странство, со колеги од целиот свет, можам слободно да кажам дека од аспект на материјалот што се изучува и академскиот кадар на Факултетот, особено во областа на макроекономијата и финансиите, воопшто не заостануваме во однос на другите држави. Тоа што недостасува кај нас е практичната примена на ова знаење. Ретки се економистите што своето стекнато знаење се обидуваат да го применат во пракса со тргување на финансиските пазари.
Пари: Како гледате на идните можности за младите економисти во Македонија, што би им препорачале и кои вештини мислите дека ќе бидат најбарани?
Трајковски: Квалитетниот економски кадар е сè повеќе дефицитарен во Македонија. Во ова имав можност да се уверам додека бев студент и бев претседател на Комисијата за соработка со компании. Уверен сум дека ако некој реши посветено да се образова во сферата на финансиите, ќе има безброј можности за продолжување на својот кариерен пат во Македонија или во странство. Во поглед на најбараните вештини, мое лично мислење е да се посветат кон користење на вештачката интелигенција, техничката и фундаменталната анализа, изработка и примена на економетриски модели и запознавање со функционирањето на различните хартии од вредност и криптовалути. Нешто што морам да го потенцирам е дека на нашиот факултет постојат многу можности за практична работа во голем број компании и институции, благодарение на меморандуми за соработка со одделни компании и институции, како и со Организацијата на работодавачи на Македонија.
Пари: Кога размислувате за кариерата во следните пет години, дали имате определена област во финансиите или економијата каде што посебно би сакале да се развивате?
Трајковски: Во овој момент сум студент на втор циклус студии на Економскиот факултет во Скопје, на насоката Монетарна економија, финансии и банкарство, а дополнително посетувам и специјализирани курсеви од областа на финансиската анализа и управувањето со ризици. Во иднина би сакал да го заокружам мојот целосен образовен процес со докторска титула. Би сакал да продолжам да се развивам во институцијата и дирекцијата каде што работам и повеќе да навлезам во управувањето со ризици поврзани со девизните резерви.
Пари: Дали Македонија може да Ви обезбеди простор за реализација на тие планови и амбиции?
Трајковски: Во Македонија има солидно образование од мојата област, а пракса за студентите воопшто не недостасува. За време на моите студии имав можност да се стекнам со искуство од реалниот сектор како практикант во неколку сектори во компаниите Раде Кончар – Сервис и Раде Кончар – ТЕП, каде што се применува јапонската KAIZEN-метода. Дополнително, во денешно време, имаме огромна палета материјали и виртуелни предавања во електронска верзија што ни се достапни без никакви трошоци. Тоа го „порамнува“ теренот кога станува збор за конкуренција со колеги од Европа и САД. Во однос на институционалната поддршка, голем број институции ги испраќаат своите вработени на дообразовање во странство, со цел лично да учат од експерти во својата област, за подоцна тоа знаење што ќе го стекнат таму да го применат во Македонија.
Пари: Студент на генерација не е само академско признание туку и одговорност. Каква порака би им испратиле на студентите по економија што допрва го градат својот професионален пат?
Трајковски: Би им препорачал да бидат љубопитни, храбри и да не се плашат од нови искуства и преземање ризици. За поамбициозните студенти коишто покажуваат резултати, факултетот обезбедува учества на многу меѓународни проекти и научни конференции. Имав можност лично да учествувам како двократен победник на натпреварот за најдобар научно-истражувачки есеј во организација на факултетот, катедрата Жан Моне и Центарот за податоци и информации на Европската Унија.
За крај, би им препорачал да бараат дополнителни знаења. Знаењето со коешто ќе се стекнат може да им отвори многу врати, а самото знаење е нешто што никој не може да им го одземе.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








