ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ИСАК МИСИНИ: Под сенката на иновацијата – паметниот чадор SunChaser ја редефинира летната удобност

    Време зa читање: 13 минути

    Во време кога иновациите сè повеќе го обликуваат секојдневието, еден млад човек одлучи да го промени начинот на кој одмараме под сонцето. Исак Мисини, 24-годишен политиколог со страст за технологија, ја креираше својата визија за идеален летен одмор – паметниот чадор SunChaser. Овој уред нуди совршена сенка следејќи го движењето на сонцето, и произведува соларна енергија, овозможувајќи им на туристите да ги полнат своите уреди директно од плажа.

    Идејата зад SunChaser продира подлабоко отколку што тоа навидум изгледа. Не станува збор само за современа верзија на плажен чадор, туку на работна етика и култура која не препознава никакви ограничувања. Еден од највреднуваните елементи во очите на инвеститорите и публиката е фактот што политиколог – односно нетехничко лице – стои зад техничко решение, вели Исак Мисини во интервјуто за Пари.

    ПАРИ: Што точно претставува SunChaser, како функционира, и кој беше моментот што Ве убеди дека неговата реализација е „изводлива“ и вредна за вложување?

    МИСИНИ: „Изводливост“ на еден старт-ап може само пазарот да ја валидира, ништо друго. Со други зборови, ќе знаете дека вашата идеја е „изводлива“ само доколку пазарот го искаже тоа. Истото правило важеше за мојот чадор. Првата валидација ја добив од група на инвеститори и истражувачи од Република Словенија, на кои ја презентирав грубата идеја која ја имав: плажен чадор кој се позиционира автоматски во релација на сонцето со цел да овозможи целодневна сенка. Првичната инвестиција и идејата да ја развивам со нивна поддршка во Љубљана беше иницијалниот сигнал дека идејата има вистински потенцијал. Подоцна, производот беше препознаен и од страна на македонската бизнис/старт-ап заедница која ми понуди широк спектар на можности за лично надоградување, совети, препораки и создавање на една мрежа на високо квалитетни индивидуи од кои многу имам научено и од кои сѐ уште учам. Токму таа мрежа на претприемачи, инвеститори, организации и слично ми укажа дека во денешно време е баш реткост претприемач да одлучи да работи на старт-ап базиран на физички продукт наспроти услуга. И тоа е сосема разбирливо земајќи го предвид денешниот контекст во кој вештачката интелигенција нуди безброј можности за започнување бизниси од лаптоп седејќи во кафуле. Меѓутоа, фактот што SunChaser отскокнува од трендот на дигитални платформи и апликации па игра голема улога во неговото диференцирање во светот на стартапите. Дополнителна вредност е што идејата е мошне едноставна за објаснување. SunChaser претставува плажен чадор кој го прати движењето на сонцето со што овозможува целодневна сенка за корисниците, и преку употреба на соларни панели создава струја со која корисникот може да си ги полни своите лични уреди директно од чадорот.

    ПАРИ: Каков беше патот на развој на SunChaser? Со какви предизвици се соочивте и кој Ве поддржа низ тој процес?

    МИСИНИ: Продуктот сѐ уште е во развојна фаза, со тоа што има веќе поминато две нивоа на подготвеност – концепт и прототип. Докажување на концептот (proof of concept) беше можеби најзабавна, но и најпредизвикувачка фаза од животниот тек на продуктот. Тоа беше првиот чекор во материјализирање на идејата од хартија. На ниско размерен чадор-играчка успеав да го пилотирам механизмот кој го изработив за следење на сонцето на две оски (инклинација на сонцето и оска исток-запад) и само-одржливост со струја генерирана од фотоволтаични панели. Во оваа фаза се истакна и мојот јаз на потребна техничка заднина за комплетирање на механизмот, меѓутоа како што споменав и претходно: работната култура која го темели SunChaser придонесува до непрепознавање на ограничувања. Градењето на прототипот, иако понапредна, се одвиваше многу полесно отколку претходната фаза. Ова беше благодарение на сеопфатниот пристап кој го имав во првата фаза каде што ми беше цел механизмот кој ќе го дизајнирам да биде лесно пренослив на вистинскиот чадор – само во повисоко размерна форма. Уште од самиот почеток најголемата поддршка потекна од семејството, од мојата мајка и татко кои го препознаа потенцијалот на идејата и ме охрабруваа низ целиот процес. Патем, идејата за чадорот се роди додека бев на летување со мојата мајка – која во меѓувреме ненадејно ја изгубив – па мотивацијата за оваа идеја да успее е уште поголема, „Ќе успеам за неа“. Дополнително, идејата немаше да биде во оваа фаза во која е без Република Словенија и институтот Јозеф Штефан од Љубљана кои се првите непроценливи поддржувачи за паметниот чадор. При работа со Јозеф Штефан стапив во контакт со професорот Марко Матковиќ, доктор по инженерски науки кој ја презеде улогата на мој ментор и ми помагаше во надминување на техничките проблеми на кои наидував низ процесот. За неговото менторство сум крајно благодарен. Дополнителна поддршка добив од самата македонска претприемничка заедница, поточно Кристијан и Нина од Business Impact Lab, Елена од?, и клубот на бизнис ангели на CEED, Сашо со тимот во Startup Club Skopje и многумина други чинители во заедницата кои не беа воопшто штедливи во своите топли и убави зборови, и корисни совети и препораки.

    ПАРИ: Кои се паметните функции на чадорот и како ќе може да се користи?

    МИСИНИ: Мојата интрига од чадор кој се самопозиционира во релација на положбата на сонцето беше тоа што ме инспирираше на идејата првично, па тоа и би го истакнал како прва од неколкуте паметни функции на чадорот. Имено, користејќи сензори и автоматизиран механизам чадорот се испорачува подготвен за следење на сонцето на било која точка на планетата Земја. Чадорот, бидејќи постигнува ротација на две оски, може од било која позиција и во кое било време точно да го пронајде сонцето, да се самопозиционира спрема него и потоа со микро движења да го следи сѐ додека тоа не зајде. Втората функција на чадорот е неговото производство на електрична енергија, односно неговата самоодржливост како и можност за полнење на лични уреди директно од стеблото на чадорот. Идејата зад SunChaser е корисникот да има минимален контакт со чадорот, односно автоматизацијата да го преземе кормилото. Дополнителен слој на безбедност за плажните хотели на пример би била употребата на RFID технологија за отпочнување на работата на чадорот. Практично тоа би изгледало вака: посетител на хотел оди на хотелската плажа и легнува на лежалка под SunChaser, својата картичка за влез во хотелската соба ја допира до чадорот на обележан простор, чадорот автоматски се отвора и се самопозиционира спрема сонцето, чадорот продолжува да го следи сонцето додека корисникот истото го посакува; кога корисникот сака да си отиде од плажата со картичката од собата повторно допира кај чадорот и истиот автоматски се затвора. Низ сиот овој процес на уживање во целодневна сенка корисникот ја има и опцијата својот личен уред како телефон или лаптоп директно да го приклучи во чадорот и со тоа да добие извор на струја.

    ПАРИ: Како еволуираше техничкото решение за позиционирање на SunChaser од иницијалната идеја до сегашната верзија?

    МИСИНИ: Првичната идеја на паметниот чадор користеше датотеки со точно искалкулирани позиции на сонцето преку целиот ден, и програма која го позиционираше чадорот врз основа на тие позиции во точно одредени временски интервали. Меѓутоа, тука настана првиот концепсиски проблем – чадорот беше целосно изложен на екстерни фактори кои влијаеа негативно на траекторијата на чадорот. Доволно беше некој да го помести чадорот неколку сантиметри за тој да почне да се позиционира целосно погрешно. Дополнителен проблем беше што тоа подразбираше персонализирано кодирање на флотите чадори врз основа на тоа каде би требало да бидат испорачани – на кој дел од Земјината топка. Поради ова работевме на константно унапредување на постоечките, и создавање на нови системи како механизми за следење на сонцето. Како најсофистициран метод се покажа сензор кој сам го изработив и е базиран на сончевиот интензитет, а пак со употреба на два ротациони мотори (линеарен и ротарен) се достигна ротација на две оски (dual axis sun tracking). Приносот на електрична енергија од чадорот изнесува од прилика 150 ват часови на ден (Wh/ден), односно доволно струја за самиот механизам да функционира непрестано и дополнително да може корисникот да си го наполни својот личен уред.

    ПАРИ: Кои се таргет пазарите за ваков тип на продукт, дали сте во преговори со некои? Кога ги планирате првите комерцијални демонстрации и кои плажи или ресорти сте ги избрале како пилот-локации?

    МИСИНИ: Кога зборуваме за паметен плажен чадор, логично е да се фокусираме на средини со пристап до море или езера, но и тоа бара понатамошно прецизирање во зависност од конкретните услови на пазарот. Преку соработка со универзитет во Пиран и менторот од Љубљана, природно се насочив кон Словенија и нејзиното крајбрежје како почетна точка. Понатаму, преку лични контакти успеав да воспоставам интерес и од Албанија, каде што го добив и првиот заинтересиран клиент. Хрватска, како водечка туристичка дестинација во регионот, е следен логичен чекор, особено ако се земе предвид големата присутност на македонски работници во нејзиниот туристички сектор, што отвора можности за проширување преку постоечки лични врски. Слична е ситуацијата и со Црна Гора, а заедничкиот јазик со овие земји дополнително ја олеснува комуникацијата и воспоставувањето на деловни релации. Првите демонстрации се планирани за летото 2026 година, во Соединетите Американски Држави, додека раните присвојувачи се веќе пронајдени долж Јадранскиот Брег. Разговори исто така се водат со стратешки инвеститори од Блискиот Исток, каде што интерес за паметниот чадор веќе и постои.

    ПАРИ: Постои ли сличен производ на пазарот и во што „SunChaser“ се разликува технолошки и ценовно?

    Постојат слични производи со кои SunChaser се наоѓа во конкуренција. Бидејќи станува збор за брзо растечки пазар (опции за засенчување) во изминатите две години забележан е голем раст на старт-апи кои се занимаваат токму со решенија во таа насока. Уникатноста на SunChaser се наоѓа во комбинацијата на функции кои ги содржи – намерно ограничувајќи ги на две суштински: а) следење на сонце; и б) производство на енергија. Нема друг постоечки производ со оваа комбинација на функции. Еден од најновите конкуренти на пазарот потекнува од САД и се нарекува Solara (идеја на г-дин Cameron Dallas). Го издвојувам тој конкурент бидејќи е репрезентативен за сите останати освен еден. Dallas ја има сфатено потребата да се ажурира архаичниот дизајн на плажниот чадор којшто датира од древните цивилизации – исто како и SunChaser. Меѓутоа неговиот одговор на таа потреба, како и на речиси сите конкуренти, е само да изработат чадор кој изгледа полуксузно – со вградени звучници и можности за полнење лични уреди. Можноста за полнење лични уреди е суштински дел од SunChaser, меѓутоа не е одлучниот според мене. Идејата се роди од потребата да не се станува секои 10 минути од својата лежалка и прилагодување на сенката, така што следењето на сонцето е главниот диференцијатор на SunChaser од конкурентите од технолошки аспект. Од финансиски аспект, SunChaser исто така е поконкурентен од останатите, најпрвин поради јасната визија на тоа што произведуваме – ограниченост на две функции без трупање на дополнителни кои ја зголемуваат производствената цена без голема додадена вредност (како на пример вградени звучници или bluetooth технологија), а второ токму поради техничките аспекти за кои зборував претходно. Механизмот кој го дизајнирав заедно со професорот Марко Матковиќ е доволно софистициран што неколку движења можат да се извршат користејќи само еден мотор. Со други зборови, чадорот е ефикасно и ефективно конципиран што позитивно влијае на неговата продажна цена. Антипример за ова е паметниот чадор Sun Flower кој имаше продажна цена од 7.000 долари – цена настаната поради премногу функционалности и лоша концепција на механизмот.

    ПАРИ: Кои клучни предизвици ги имаат старт-апите што се обидуваат да пласираат иновативна идеја на пазарот?

    МИСИНИ: Старт-апите што се обидуваат да пласираат иновативна идеја на пазарот се соочуваат со низа комплексни предизвици кои ретко можат да се решат одеднаш. Прво, иновативните идеи често немаат веќе постоечка побарувачка – пазарот не е навикнат на нив, не ги препознава како решение, па дури и не го препознава проблемот кој тие го решаваат. Тоа значи дека старт-апот мора да инвестира во едукација на публиката и градење на доверба, што бара време и ресурси кои обично ги нема во изобилство. Дополнително, пристапот до финансии е ограничен – инвеститорите бараат доказ за пазарен потенцијал и рани резултати, што е тешко да се обезбеди кога се нуди нешто сосема ново. Проблем претставува и регулативата, бидејќи иновациите често не се вклопуваат во постојните законски рамки, што создава несигурност и потенцијални административни бариери. Сето тоа се влошува ако тимот што стои зад старт-апот нема доволно искуство во различни клучни области како продажба, маркетинг или управување со ризик. И дури и кога идејата е добра и функционална, постои опасност од поголеми конкуренти кои можат да ја преземат и пласираат побрзо и поефикасно. Крајно, многу старт-апи успеваат да креираат производ што работи во ограничен контекст, но се соочуваат со тешкотии кога треба да го прошират неговиот опфат, да го адаптираат на нови пазари или да одговорат на зголемена побарувачка.

    ПАРИ: Како млад политиколог, што те насочи кон претприемништвото и светот на старт-апите?

    МИСНИНИ: Проучување политички науки како научна дисциплина го препорачувам секому, па макар и со читање на соодветна литература додека се студира нешто друго. Ова го кажувам примарно бидејќи, како дисциплина, тие се инхерентно сестрани и не мотивираат секојдневието да го гледаме од повеќе различни перспективи – а што е претприемништвото ако не залог да го промениме секојдневието.  Се разбира дека нема каузална поврзаност помеѓу студирањето политички науки и претприемништвото, не го сугерирам тоа, туку дека во мојот случај студиите совршено се надоградија на мојот сестран светоглед. Претприемништвото есенцијално подразбира решавање значаен проблем на дел од населението, а бидејќи сите ние сме дел од некое население – односно подгрупа на општеството – секој од нас може да воочи одреден проблем со кој, првин ќе приметиме дека ние самите се соочуваме, а потоа тој опсег ќе го зголемиме и ќе дознаеме дека, поголем дел од населението се соочува. Во мојот случај јас бев дел од населението „посетители на плажа“ и се соочив со проблемот дека бев приморан константно да ја поместувам својата местоположба под чадорот бидејќи со поместувањето на сонцето се поместуваше и мојата сенка. Вториот чекор подразбираше проширување на опсегот, при што добив позитивен одѕив дека на голем број луѓе им е ова исто така забелешка при летување. Желбата да решам проблем со кој јас се соочувам беше првичното насочување кон светот на старт-апите, валидацијата дека решението би послужило на голем број луѓе ми ги отвори вратите на тој свет.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично