Ирена Поповска е жена којашто со својот пример докажува дека не постојат безнадежни ситуации и непремостливи планини. Соочувајќи се со сериозна физичка попреченост, како резултат на невромускулна болест, нејзиниот силен интелект и иновативен ум, се чини, блескаат уште посилно. Таа е магистер по општествена и културна теорија на Универзитетот Стафордшир во Велика Британија и основач на Центарот за поддршка на лицата со попреченост ПРКОС, преку кој се бори за подостоинствен, активен и квалитетен живот на лицата со попреченост, уривајќи многу табуа. Поради телесните ограничувања, кратките раскази и песни во последно време ѝ се омилена форма на изразување, а работи и на еден анимиран филм, чија премиера ја очекува наскоро.
Во пресрет на 8 Март ‒ Меѓународниот ден на жената, порталот Пари разговараше со исклучителни жени, кои постигнале многу и на професионален и на личен план, чии размислувања се и интересни и поучни.
Пари: Се ближи 8 Март. Ирена – имаме ли доволно причини за славење? Како би го дефинирала својот статус во општеството како една нетипична жена, интелектуалка, активисткa? Со што од сработеното најмногу се гордееш и го сметаш за важно?
Поповска: Маргиналка, наивка, идеалистка, левичарка и борка – секогаш на страна на обесправените и опресираните по којa било основa. Бидејќи мене ретката болест, којашто е причина за мојата попреченост, т.е. нетипичност, ми се случи на крајот од студиите и почетокот на новинарската кариера, практично, сѐ што имам сработено е откако се најдов на другата страна од линијата.
Тука би ги вброила додипломските студии по филозофија и магистерските студии во Британија, пишувањето осврти за визуелните уметности за магазинот Форум, блогирањето, основањето на ПРКОС и дејствувањето преку него. Прилично сум строга кон себе, па не можам да кажам дека сум на нешто особено горда. Ама, сепак, сметам дека имам направено доста значајни дела со издавањето на неколку публикации – сите први од овој вид во Македонија, како и со отворањето на првото психо-социјално советувалиште за заедницата со попреченост.
Пари: Колку на овој пат за интеграција и достоинствен живот се бореше сама за себе, а колку општеството се бореше за тебе и твоите права?
Поповска: Ова прашање би го одговорила во сегашно време бидејќи борбата сѐ уште трае. Мислам дека е излишно да се жалам за нешто што е општо познато, а тоа е дека општеството за сите овие мачни три децении не направи ама баш ништо за да ни го олесни животот. Не знам дали воопшто вреди да ја споменам социјалната помош од неполни 200 евра месечно што ми следи. Колку и да звучи како клише, сѐ што постигнувам е благодарение на моите родители, и материјално и морално. Без нивната физичка и психичка поддршка ништо не би било можно.
Единствена светла точка од државата е што пред година и пол ми одбра лична асистентка, со која убаво функционираме заедно. Ели Ѓеровска е пример дека и овде има вредни и хумани луѓе.
Пари: Која е точката на која се чувствуваш во статус кво и, од друга страна, што ти дава полет да работиш и да си гласноговорник на оваа посебна група луѓе од кои многумина се жени? Во кој домен овие девојчиња или жени се најранливи?
Поповска: Често се чувствувам донкихотски и сизифовски. Некогаш и мали нешта ме приземјуваат, да не речам разочаруваат, и уште помали ме креваат. Може да ме растажи и нечиј поглед или коментар на улица. Да не зборувам колку ме поразуваат непристапните институции (и технички и суштински), неприфаќањата на различните деца од нивните соученици и родители, социјално загрозените семејства со лице со попреченост коишто молат за помош…
Од друга страна, драго ми е кога ќе добијам порака од некое девојче во количка, кое во мене гледа мотив за да продолжи храбро напред или кога некоја мајка ќе ми каже дека е благодарна за сѐ што прави ПРКОС за нејзиното дете. Еве, да речеме, кога пред некој ден бев на клиника, ме препозна една сестра и ми кажа дека мојот пример ја храбри во однос на состојбата на нејзиниот сопруг.
Пари: Иако навидум кревка, ти си прилично борбена, детерминирана и мошне креативна. Кој е медумот низ кој најлесно се изразуваш и не ги чувствуваш ограничувањата?
Поповска: Мојата попреченост со текот на времето станува толку жестока и тешка, што речиси нема момент од деноноќието да не го почувствувам нејзиниот товар. Физичките ограничувања знаат многу да фрустрираат ако не се во сооднос со наредбите од умот. Мислите и емоциите летаат брзо низ главата и срцето, ама прстите бавно ги преточуваат во пишани зборови. Така што, кратките раскази и песни во последно време ми се омилена книжевна форма и сакам да се изразам преку нив.
Инаку, сакам и да експериментирам со различни медиуми, па од пред година-две предизвик ми е и краткиот филм. Токму во моментов со Верица Тенекеџиева – млада, талентирана аниматорка и илустраторка, работиме цртан филм и сликовница. Сценариото и текстот се мои, а визуелниот дел е нејзин. И двете сме ентузијастични и возбудени од проектот, чија премиера и промоција ја планираме за април.
Пари: Што е она што би си го посакала за себе кога би живеела во едно идеално општество? Имаш ли неостварен сон?
Поповска: Иако сум идеалистка, јас сум преискусна за да бидам и утопистка. Ние, луѓето, сме толку несовршени, себични, алчни, злобни… Со еден збор, нехетерогени за да создадеме хомогено или среќно место за живеење. Притоа, не мислам само на нашиот локален менталитет, туку и пошироко, на оние што се декларираат како поцивилизирани.
Оттука, мојата неостварена желба е куќичка на Егејскиот брег со драга личност покрај мене.
Мимоза Петревска Георгиева
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска