Со повеќе од 16 години искуство во осигурителната индустрија и 12 години носител на лиценца, Хелена Цветкоска претставува фигура која ја спојува експертизата со визијата. Како извршна директорка на „Прва застапничка агенција“, таа во изминатите две години го постави темелот на организација која го става човекот – клиентот во центарот на секое решение.
Во разговор за порталот Пари, Цветкоска отворено зборува за предизвиците и придобивките од водењето на ваков тип агенција, за специфичниот пристап што ги издвојува на пазарот, како и за личните мотивации што ја движат напред.
ПАРИ: „Прва застапничка агенција“ постои скоро две години, што е најголемиот предизвик, а што најголемата придобивка во водењето на ваква агенција?
ЦВЕТКОСКА: Најголемиот предизвик беше да изградиме доверба и да покажеме дека и мала агенција може да биде голем играч. Но, најголемата придобивка е што креиравме модел кој навистина им одговара на луѓето – виртуелната канцеларија. Со тоа го променивме класичниот модел на работа и го направивме пофлексибилен, поефикасен и поудобен за клиентот.
Зошто? Затоа што денешниот клиент нема време да трча по состаноци и да „пие кафе“ за да разговара за осигурување. Кај нас доволни се 30 минути, од дома, па дури и во пижами – преку видео повик, од каде и да е. Во тој краток разговор човек може да најде решение со кое ќе го обезбеди семејството и себеси, за износ што е прифатлив за секој џеб.
Тоа е суштинската промена: ние не ги тераме луѓето да се прилагодуваат на нас, туку ние се прилагодуваме на нив.
ПАРИ: На кој начин се разликува „Прва застапничка агенција“ од другите во индустријата на осигурување?
ЦВЕТКОСКА: Она што нè издвојува е што свесно одбравме да останеме мали и фокусирани. За нас не е важно да имаме најголем број луѓе или канцеларии, туку да изградиме тим кој ќе биде целосно посветен и со интегритет. Не примаме секого, луѓето во нашиот тим се избрани внимателно, затоа што носат и знаење и карактер.
Ние не нудиме универзално решение, туку внимателно го слушаме клиентот, ги анализираме неговите реални потреби и потоа заеднички креираме одговор. Тоа е процес во кој клиентот е дел од решението, а не само бројка во системот. Кога сите нудат „масовни“ решенија, ние свесно одиме по сопствен пат и веруваме дека комбинацијата од човечност и компетентност е тоа што ја прави разликата.
Повеќето компании личат една на друга, како бели овци. Ние сме црната овца: различни, гласни и видливи. Иако сме „малечки“, успеавме да изградиме препознатливост и доверба, затоа што не продаваме осигурување, туку нудиме чувство на сигурност.
ПАРИ: Се зборува за Life 360 степени пакетот, што точно значи „360 степени животна сигурност“ и како овој концепт ги опфаќа сите аспекти од животот на еден човек?
ЦВЕТКОСКА: „Каде и да се свртите – ние ве покриваме.“
Кога велиме 360 степени заштита, мислиме буквално на тоа. Животот носи непредвидливи ситуации: болест, несреќа, хоспитализација, па дури и полесни повреди како скршеници. Нашиот пакет е составен така што не постои агол од кој може да дојде ризик, а клиентот да остане незаштитен. Тоа е целосен круг, заштита од секоја страна, за секоја животна фаза и ситуација.
Уникатното кај овој пакет е што при покритието за 30 тешки болести клиентот не мора да собира фискални сметки за лекување. Наместо тоа, добива директна парична исплата и сам одлучува каде и како ќе се лекува – дома, во странство, приватно или јавно. Во кризни моменти тоа е огромна разлика, затоа што му дава на човекот слобода и мир, а не бирократски товар.
ПАРИ: Осигурителната индустрија во Македонија сѐ уште се смета за „млада“, како гледате на развојот на навиките за осигурување кај граѓаните во иднина и која е улогата на едукацијата и активностите на вашата агенција во зголемувањето на таа свесност?
ЦВЕТКОСКА: Навиките се менуваат постепено, но сигурно. Луѓето сè повеќе размислуваат за сигурност и за тоа како да го заштитат она што им е најважно. Сè уште има отпори и недоволна информираност, и токму затоа едукацијата е наш клучен фокус.
Како агенција, ја гледаме нашата улога не само во продажба, туку и во градење свесност. Организираме едукативни средби, директни консултации и кампании кои го објаснуваат осигурувањето на едноставен, разбирлив начин. Нашата цел е луѓето да носат информирани одлуки, не импулсивни.
Нашето лого, спојувалка, ја илустрира нашата мисија: ние сме симболот што ги поврзува добрите одлуки, помагајќи им на клиентите да донесат сигурни и промислени избори.
ПАРИ: Што Ве мотивира лично да останете посветени на оваа индустрија и да го развивате сопствениот бизнис во неа?
ЦВЕТКОСКА: Мојата мотивација секогаш била двојна: професионална и лична. Од една страна, верувам во вредноста на осигурувањето како систем кој навистина може да му помогне на човек во клучни моменти.
Од друга страна, и приватно се наоѓам во процес кој бара многу сила и истрајност – борбата за старателство. Тоа уште повеќе ми покажа дека ништо во животот не е поважно од сигурноста и стабилноста за семејството. Како самохрана мајка која се бори и за семејството и за кариерата, многу добро знам колку значи да имаш мир и сигурност.
Токму затоа оваа работа не е само бизнис за мене, туку лична мисија да создавам решенија кои носат стабилност, доверба и мир во глава.
Катерина Михајлова