Кога ќе се спомне името Горан Анастасовски, веднаш се помислува на фотографии што зборуваат повеќе од илјада зборови. Тој е човекот што успеа да ја фати љубовта во најразлични облици – во насмевката на дете со чоколада по образите, во прегратката на мајка и новороденче, во нежноста на животни кои ја откриваат својата човечност.
Неговите фотографии не се режирани, не се позирани, туку ловат момент – искра на вистинската емоција. Токму затоа светските медиуми како Daily Mail, CNN, Forbes, National Geographic, Le Figaro Magazine го препознаа како „кралот на фотографијата“ и ја споделија неговата визија со милиони читатели.
Зад објективот не стои само фотограф – стои уметник кој со години го посветува својот живот на тоа преку секоја фотографија да поттикне грижа, емпатија и љубов, особено кон животните. „Фотографијата е мојата најголема љубов, кога првпат го погледнав светот низ објективот – разбрав дека тоа е мојот начин да го замрзнам времето и да го споделам со другите“, вели Анастасовски во интервјуто за порталот Пари.
ПАРИ: Кога за првпат сфативте дека фотографијата е Вашата најголема љубов?
АНАСТАСОВСКИ: Уште како дете ја чувствував магијата на моментот – како светлината, сенката и емоцијата можат да создадат приказна. Но, вистински сфатив дека фотографијата е мојата најголема љубов кога првпат го погледнав светот низ објективот и разбрав дека тоа е мојот начин да го замрзнам времето и да го споделам со другите. Со годините тоа чувство само се засилуваше и прерасна во моја животна мисија. Денес, кога ќе се навратам назад, гледам дека токму фотографијата е јазикот преку кој најискрено комуницирам со светот.
ПАРИ: Што Ве привлече токму кон фотографирањето животни и моменти исполнети со љубов?
АНАСТАСОВСКИ: Животните за мене се најчистото огледало на природата и на вистинските емоции. Тие немаат маски, немаат интереси, тие живеат во моментот – искрено и инстинктивно. Таа природност ме плени и ме натера да ги следам со камерата. Кога ќе успеам да „фатам“ љубов, нежност или хумор меѓу животни, знам дека сум доловил нешто универзално – нешто што сите луѓе можат да го почувствуваат, без разлика од каде доаѓаат. Мојата цел отсекогаш била преку тие фотографии да ја пренесам пораката дека животните се дел од нас и дека заслужуваат љубов и почит.
ПАРИ: Како Ви годеше кога „Daily Mail“ Ве нарече „кралот на фотографијата“ и дали меѓународните признанија ви ја сменија мотивацијата?
АНАСТАСОВСКИ: Тоа беше голема чест и огромна радост да ме наречат „кралот на фотографијата“ еден од најголемите светски медиуми, тоа е признание кое никогаш нема да го заборавам. Секако, ваквите признанија од Daily Mail, CNN, Forbes, National Geographic и многу други светски медиуми се гордост не само за мене, туку и за Македонија, бидејќи моите фотографии го носат нашето име ширум светот. Но, искрено, мотивацијата секогаш ја наоѓам во самата љубов кон фотографијата и животните. Признанијата се награда и потврда дека патот по кој одам е вистински, но не се крајна цел. Тие повеќе ми даваат сила да продолжам и да инспирирам уште повеќе луѓе да ги сакаат животните и природата.
ПАРИ: Твоја фотографија беше објавена во Le Figaro Magazine, и тоа на две страници – spread. Какво значење има за тебе ова признание?
АНАСТАСОВСКИ: Да се најде моја фотографија во Le Figaro Magazine е навистина еден од најголемите моменти во мојата кариера. Le Figaro е еден од најстарите и највлијателни француски медиуми со милионска публика, а појавувањето таму значи дека мојата работа е признаена од една од најреномираните редакции во светот. Фактот што фотографијата е на spread, на две цели страници, претставува уште поголемо признание, затоа што тоа е простор резервиран за визуелно моќни и уметнички фотографии кои сами по себе раскажуваат приказна. За мене ова е момент што ја зацврстува мојата репутација како меѓународно признат фотограф, отвора нови врати за изложби, публикации и медиумски покани, и покажува дека моите фотографии можат да стојат рамо до рамо со оние на врвните светски автори. Истовремено, тоа е и лична потврда и голема гордост – доказ дека страста, трудот и посветеноста кон фотографијата не се само локално ценети, туку и глобално препознаени. Со еден збор, ова е врвно признание и историски момент во мојата кариера.
ПАРИ: На кои фотографии или проекти сте најгорди, што Ви е најголем предизвик зад камерата – животни, деца или природни убавини – и кој момент никогаш нема да го заборавите?
АНАСТАСОВСКИ: Секој проект ми е важен на свој начин, но најгорд сум на проектот со покојниот Ристе и жирафата Флопи. Тоа беше приказна која ја стопли душата на целиот свет. Додека беа живи, нивните фотографии постигнаа огромна гледаност, ги објавуваа светски медиуми и станаа симбол на љубовта меѓу човекот и животното. Но, судбината сакаше нивната врска да добие и драматичен пресврт – двајцата починаа на ист ден. Тој момент беше болен, но фотографијата ја доби својата најголема смисла – да биде сведоштво за нешто што никогаш повеќе нема да се повтори, но ќе живее вечно во колективното сеќавање.
И денес, речиси три години подоцна, секојдневно добивам барања од светски редакции да ја објават оваа „среќна приказна со тажен крај“. Тоа ми е доказ дека преку фотографијата, Македонија остави свој печат на глобалната мапа – еден човек и една жирафа од скопската Зоолошка градина останаа во срцата на милиони луѓе ширум светот.
Исто така, еден од подрагите проекти ми е „Скриениот свет на Јуруците“, каде направив серија феноменални фотографии со носиите на јуручките девојки. Тој проект ми остави силен впечаток, затоа што преку прекрасните бои, орнаменти и традицијата успеав да ја прикажам магијата на една речиси непозната култура, која е дел од нашата историја и богатство.
Но, покрај животните и културните проекти, обожувам да фотографирам и бебиња во моментот кога се раѓаат. Тоа е најемотивниот дел од мојата работа – кога ќе го видиш првиот здив на нов живот, првиот плач и оној свет момент кога мајката за првпат го гушка своето новородено бебе. Тоа е сцена која не може да се опише со зборови – тоа е почеток на една нова приказна, љубовта во нејзината најчиста форма.
Голем предизвик за мене секогаш се животните. Тие не позираат, не можеш да им кажеш што да направат, мораш да бидеш трпелив и да ја следиш нивната енергија. Но, токму во таа непредвидливост се крие магијата на мојата работа. Никогаш нема да го заборавам моментот кога ја снимив фотографијата на мајката гибон која го гушка своето бебе. Тоа е симбол на безусловна љубов, на врската меѓу мајката и детето – момент кој не е режиран, туку искрен, вистински и вечен.
ПАРИ: Како ја користите вештачката интелигенција во Вашата работа, ја гледате ли како сојузник или закана за фотографијата?
АНАСТАСОВСКИ: Јас ја гледам како сојузник. Вештачката интелигенција може да помогне во организација, во обработка на фотографии или во инспирација за нови идеи. Но, никогаш не може да ја замени човечката емоција, инстинктот и љубовта што ја вложуваме во еден кадар. Фотографијата не е само техника – тоа е душа и приказна, а тоа засекогаш ќе остане човечко. Искуството, трпението и љубовта кон животните не може да се симулираат со алгоритам.
ПАРИ: Како ја замислувате фотографијата за 10 години со развојот на технологијата?
АНАСТАСОВСКИ: Кога пред дваесет години професионално почнав да се занимавам со фотографија, првата што ја забележа мојата работа беше новинарката Камелија Шојлевска. Таа ме покани да гостувам во емисија на Македонското радио. Можете да замислите – фотографии да се објаснуваат на радио! Тогаш тоа ми изгледаше како врв на признание. Денес, дваесет години подоцна, зборуваме за вештачка интелигенција и за тоа како таа може да ја обликува иднината на фотографијата.
Верувам дека за 10 години технологијата ќе донесе уште поневеројатни алатки, камери и можности за обработка. Но, суштината никогаш нема да се смени – најважна е емоцијата. Луѓето и понатаму ќе се восхитуваат на искрениот поглед на животно, на детска насмевка или на величественоста на природата. Технологијата може да ни помогне да стигнеме подалеку, побрзо и попрецизно, но фотографијата ќе остане уметност на моментот – од радио гостување, па до дигитална ера со вештачка интелигенција. Тоа е нејзината убавина и вечност.
Катерина Михајлова