Подобрувањето на пристапноста во нашата татковина е исто како и мерките и стратегиите, по принцип „донеси и заборави“. Ние се движиме со количките како авантуристи, со слалом, како низ видеоигра, вели Гере Трипков, одновач на здружението Икуалити и активист за правата на луѓето со попреченост.
Пари: Гере, неодамна заобиколивте неколку македонски градови со патувачката изложба фотографии – „Живеј со стил, поддржи различности“. Колку денес ja поддржуваме и прифаќаме различноста?
Трипков: Со изложбата „Живеј со стил, поддржи различности“ и со 31 портрет на лица со попречености и нивните пораки, сакаме да им помогнеме на нашите сограѓани да осознаат и за другите, но и за себе, за она што е важно, значајно, а што е минливо, непостојано. Започнавме симболички, ден по Илинден во Крушево, по што следеа Гевгелија и Ресен, а ни претстојат Велес, Крива Паланка, Струмица, Свети Николе, Делчево.
Преспа, Ресен е моето духовно чистилиште, место на кое му се враќам секое лето. Таму, среде отворањето сфатив дека еден портрет ни фали, оној на Васил Јанкула, кој веќе не е со нас, а беше наш другар. Васил, но и Еркан, и двајцата луѓе со попреченост, заминаа од овој свет во речиси една година.
Замислете колку многу ние, лицата со попреченост, имаме да раскажеме и пренесеме, а колку нашето време во овој прекрасен живот се чини прекратко? Затоа оваа изложба на портрети ја нарековме приказна за силата, достоинството и човечноста.
Пари: Долго време сте во групата на борци за правата на луѓето со попреченост. Дали нешто се помести од место? Каква е сликата денес во споредба со порано?
Трипков: Листата на најболни точки започнува од неприфаќањето. На тоа ќе го додадеме непристапувањето, стравовите и индиферентноста кај луѓето, пред сѐ кај оние што се избрани од народот за да прават позитивни промени.
Како луѓе, како да сме предодредени да не слушаме, да не се занимаваме со проблемите на другите, да не помагаме, бидејќи ни е страв да не згрешиме.
Придвижувања има, но се задоцнети, пребавни и неодржливи. Носиме мерки што се во фаза на процена за оправданост, и ако се јави проблем, процесот застанува. Земете ги за пример личните асистенти. Според мене, тие се големи луѓе што секојдневно им помагаат на лица со попречености, кои инаку не можат да се облечат, да си зготват или да извршат физиолошки потреби. Значи, тие се решението за нечии егзистенцијални прашања и така треба да се третирани.
Комплексноста на овие предизвици бара долгорочна посветеност и постојани прилагодувања. Затоа ние како здружение работиме сеопфатно на полињата каде што е најнеопходно. Во културата ‒ со фестивалот за инклузија Инфјужн, потоа за подигање на свеста и едуцирање преку кампањи насочени кон јавноста, но и кон креаторите на политиките, а неуморно работиме и на поддршка и менторство на луѓето со попреченост коишто се вработени.
Пари: Во меѓувреме, колку се промени физичката пристапност на градот? Можете ли сега да се движите слободно и безбедно низ Скопје?
Трипков: Подобрувањето на пристапноста во нашата мила татковина е исто како и мерките и стратегиите, по принципот „донеси и заборави“. Прилагодувањето на јавните простори е стихијно, неодржливо, нестандардизирано.
Ние се движиме со количките како авантуристи, со слалом, како низ видеоигра. Градиме пристапни тротоари што на две улици се прописно уредени, рамни со нивото на коловозот, малку подолу се делумно спуштени, а една улица подолу воопшто нема спуштени тротоари. Затоа, секое излегување од дома со инвалидска количка е екстремно доживување.
Архитектите, урбаните планери, едноставно, немаат доволно експертиза во полето на пристапноста, а изведувачите на терен недоследно ја спроведуваат. На крај, службите од надзорот несовесно и заобиколувајќи законски прописи пуштаат во употреба јавни површини, станбени објекти со лизгалки, а не со употребливи рампи.
Градењето станови расте со брзина на светлината. Во колку од нив, по закон, има пристапни рампи, соодветни лифтови, пристапни станбени единици на приземје? Мојата лична процена е, само кај 10 ‒ 20 насто.
Пари: Живеете во Аеродром. Дали некоја населба во главниот град е попристапна од другите? Каква е состојбата во помалите градови?
Трипков: По ова прашање ние сме сѐ уште невидлив дел од општеството, а покрај нас такви се и мајките со колички, постарите и изнемоштените лица. Сите ние заедно сочинуваме речиси 40 насто од популацијата. Следствено, системот и одговорните лица не одговориле на потребите за слободно движење на речиси половина од населението!
Во град каде што веќе со години бележиме преголемо населување, не се внимава на законските прописи за пристапност. Населбите како Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, делумно одговараат на потребите на оние 40 насто од населението. Волја има, но долгорочната посветеност изостанува.
Во помалите градови, како и во Скопје, има деца со попреченост, млади лица коишто се обесхрабрени и живеат осаменички живот, бидејќи не излегле од дома. Главната причина е немањето пристап во зградата ‒ лифт, рампи. И сѐ тоа е обично решено несистемски, импровизирано, од страна на нивните соседи, родители, блиски. Исто како и рампата во мојата зграда во Аеродром, која ја направија мојот татко, брат и еден сосед.
Затоа, ние како здружение одлучивме да преземеме активна улога на ова поле и го осмисливме проектот за поголема пристапност. Целта е архитектите и планерите, како и лицата коишто работат во областа на антидискриминацијата, да добијат експертиза и искуства од градовите Варшава, Братислава, Будимпешта преку три студиски посети, а веднаш потоа да создадеме услови и предлог-политики тие решенија да се пресликаат кај нас.
Пари: Раскажете ни ја Вашата приказна – како лице што не е родено со попреченост. Во кој правец се промени Вашиот светоглед во споредба со претходно?
Трипков: Да, јас сум лице со стекната попреченост. Цели триесет години живеев „нормален живот“. Но, што е нормално, а што ненормално?
Не огледувајте се на другите. Љубете и барајте искуство повеќе за да пронајдете моќ што ќе се соедини со вашата природа, со вашата хумана страна, вашето јас како човек.
Ние, лицата со попреченост, љубиме поинаку! Некако небрежно, можеби наивно. Веруваме во љубовта како енергија што сите ја носиме, но можеби не знаеме сите како да ја споделиме.
Продолжете на овој прекрасен пат, чекор по чекор, ден по ден и уживајте!
Пари: Кој е Вашиот најголем сон што би сакале да го остварите со здружението Икуалити? Кога својата мисија ќе ја сметате за завршена?
Трипков: Единствено нешто коешто го посакувам е луѓето да се отворат повеќе кон нас, да нѐ доживеат, видат, чујат. Затоа што во животот, ние не можеме сами. А кој, ако не тој, другиот, би ни дал пошироки перспективи за љубовта, силата, слободата?!
Енергијата е длабоко во нас, а семејството е на прво место и оттука треба да ја црпиме силата.
Така и кај мене, семејството е моето прибежиште, чистилиште.
Дополнително, низ животот создадов свои процеси на искусување, живеење, поткревање на енергија. Како и сѐ, и тоа е лекција којашто можеме да ја научиме.
А, кога мојата мисија ќе ја сметам за завршена? Невозможно е таа да се заокружи во еден живот, затоа што секоја мисија поголема од нас самите постои дури постои и Бог. Бог создал и пред нас, а ќе создава и по нас други вљубеници во доброто и љубовта.
Мимоза Петревска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска